Лондон: Итна дозвола за вакцината на Бионтек и Фајзер
2 декември 2020Велика Британија ја одобри вакцината против коронавирусот на компаниите Фајзер од САД и Бионтек од Германија и нарача 40 милиони дози.
Обединетото кралство е прва земја во светот која ќе започне со користење на вакцината против коронавирусот на двете компании. Британската регулаторна агенција за лекови МХРА наведе дека вакцината, која е ефикасна околу 95 отсто во борбата против Ковид-19, е безбедна за употреба.
„Владата денеска ја прифати препораката на Агенцијата за лекови и здравствени производи и одобри употреба на вакцината на Фајзер и Бионтек“, соопштија од британската влада.
Велика Британија прва во светот ја одобри оваа вакцина.
Повеќе:
-ЕУ: Дозвола за две корона-вакцини до средината на јануари?
-„Бионтек“: Турското семејство кое ја создаде вакцината против коронавирусот
-Вакцината против коронавирус на „Фајзер“ e 90% ефикасна
Првите вакцини ќе можат да се добијат веќе наредната недела. Како што пишува БиБиСи, Велика Британија веќе нарачала 40 милиони дози од вакцината против коронавирусот, што е доволно за вакцинирање на 20 милиони граѓани.
До крајот на годината би требало да бидат достапни милиони дози од вакцината, а првите дози ќе стигнат во земјата во наредните денови, изјави британскиот министер за здравство Мет Хенкок. Тој меѓутоаа наведе дека намерно не кажува колкав точно ќе биде тој број, бидејќи едноставно не може да се процени во моментов.
Ова е најбрза вакцина која од концепт премина во реалност и беа потребни само 10 месеци да се следат развојните чекори кои обично траат околу 10 години. Европската агенција за лекови мислењето за оваа вакцина ќе го даде на состанокот на 29 декември, а потоа мислењето ќе биде проследено на усвојување до државите членки. Според достапните информации, нема никакви непредвидливи проблеми или компликации од вакцината против коронавирусот на компаниите Фајзер и Бионтек, а ЕУ соопшти и оти веќе купила 2 милијарди дози за 27-те земји членки.