1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламска држава ги тероризира цивилите во Мосул

Керстен Книп
4 ноември 2016

Граѓаните на Мосул се злоупотребуваат како живи штитови. Отпорот жестоко се казнува. Дури и децата не се поштедени.

https://p.dw.com/p/2S9wD
Irak Kampf um Mossul gegen den IS
Фотографија: Reuters/A. Al-Marjani

Трупите на Меѓународната коалиција против терористичката организација Исламска држава, (ИД) сѐ повеќе напредуваат кон центарот на градот Мосул. Дури и побрзо од предвидениот временски план, вели американскиот специјален пратеник за борба против ИД, Брет Мекгарк. Со тоа станува поопасна не само положбата на џихадистите, туку и на насилно држените граѓани. ИД под своја власт има десетици илјади цивили и ги злоупотребува како човечки штит, објавија неодамна ОН. 

Џихадистите засилено вршат терор над цивилното население. Среде собрани шиити во градот беше активирана бомба и убиени преку 40 лица. Речиси истовремено беа ликвидирани 57 сопствени борци осомничени како колаборационисти.

„Овие акти се јасен знак дека ИД губи поддршка не само кај населението, туку и во сопствените редови“, изјави Сабах ал-Нумани, портпарол на ирачките антитерористички единици неодамна.

Irak Mossul - Flüchtlinge
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/K. Mohammed

Бегството е речиси неможно

Уште пред повеќе месеци бројни борци на ИД го напуштија Мосул и се префрлија во Сирија. Преостанатите џихадисти во ирачкиот милионски град се чини се решени да се бранат со сите расположиви средства. При повлекувањето од околните села ИД ги влече со себе и жителите, јакнејќи го живиот штит околу центарот на Мосул.

Очевидци сведочат дека бројни жители на градот се забарикадирале во своите куќи за да ја избегнат ИД. „Најновите информации сега зборуваат за извлекување на овие луѓе и нивно убивање на најсвиреп начин, за другите да не дојдат на помисла да избегаат од градот“, вели Бјерн Блашке, дописник на германскиот јавен телевизиски сервис АРД.

Irak Militäroffensive in Mossul
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Izgi

„Сѐ побрутални методи на егзекуција“

Според очевидци, станало речиси хоби на џихадистите да измислуваат што побрутални методи на егзекуција, јавува новинарката на АРД, Ана Осиус, која донеодамна престојуваше во Ирак. Драконските казни за ситни деликти се ионака на дневен ред. „Жените известуваат дека смеат да ја напуштат куќата само целосно забулени и со ракавици, мобилните телефони се забранети за сите жители, исто како играњето со топка за децата.“

Џихадистите не се воздржуваат од насилство ни кон најмладите и најслабите, вели Осиус. Децата избегани од Мосул сведочат дека им се сечат рацете на цивилите. „Една млада мајка со бебе плачејќи ми раскажа за мачења од членови на ИД во состојба на доцна бременост, се чини дека се надминати сите човечки граници“.

Цивилите во Мосул запаѓаат во зголемена опасност поради борбите за освојување на градот. „Не смееме да заборавиме дека најголем дел од луѓето во Мосул е невин и страшно страдал под бруталното владеење на џихадистите“, истакнува Алекс Мулитоновиќ од Црвениот крст, одговорен за Ирак. Мора да се најдат начини овие луѓе што поскоро да го напуштат градот: „Инаку тој за нив ќе се претвори во стапица“.

Irak Ölfeld in Flammen bei Mossul
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Dana

Борба од куќа до куќа

Се стравува и од напади на шиитските милиции, кои се дел од коалицијата против ИД, врз сунитите во Мосул. Според ОН, во Фалуџа имало случаи на вакви масакри. Антиџихадистичката коалиција тврди дека постапува со најголем можен обѕир кон цивилите. Бидејќи милиционерите на ИД секогаш се движат меѓу цивили или ги користат како жива заштита, донесена е одлука за воздржување од воздушно бомбардирање.

Тоа значи дека кога-тогаш ќе дојде до борби од куќа во куќа“, вели Блашке.

Ако на цивилите им успее да побегнат од Мосул, на нивното мачеништво нема да дојде конечен крај. Зашто, без оглед на сите напори, не се успева во сместувањето и згрижувањето на сите бегалци околу Мосул. Во курдските области на Ирак стојат на располагање околу 60.000 места, но тоа е само почеток, известува Блашке. Според ОН, градот ќе се обидат да го напуштат до еден милион луѓе.