1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Иран тестирал ракета со среден дострел

ЖА
23 септември 2017

Ракетниот тест следува по растечкиот спор со САД околу Нуклеарниот договор со Иран, кого американскиот претседател Трамп го доведува во прашање. Иранскиот претседател Рохани најави продолжување на ракетната програма.

https://p.dw.com/p/2kZCf
Iran Ballistische Rakete
Фотографија: Getty Images/F.Bahrami

Иран, според сопствени наводи, успешно тестирал ракета со среден дострел. Државната телевизија го прикажа стартот и летот на Хорамшар-ракетата, која може да прелета до 2.000 километри и да носи истовремено неколку боеви глави. Не е познато кога точно бил изведен тестот.

Вчера иранскиот претседател Хасан Рохани најави дека без оглед на критиката од САД, иранската ракетна програма ќе биде продолжена. „Ние се залагаме за мир во регионот и во светот, но за одбраната на нашата безбедност, не ни требаат дозволи“, изјави Рохани на воената парада во Техеран. Затоа, Иран не само што ќе ја продолжи, туку и ќе ја проширио својата ракетна програма. Рохани на овој начин реагираше на најновите вербални напади од американскиот претседател Доналд Трамп, кој во својот говор пред Генералното собрание на ОН, го критикуваше Иран како дестабилизирачка сила во регионот и се закани со откажување на Нуклеарниот договор со Техеран. Трамп го нарече Иран „економски исцедена отпадничка држава“, која извезува нестабилност. На овој режим на убијци не треба да му се дозволи да продолжи со своите активности, истакна Трамп, алудирајќи на војните во Сирија и во Ирак, во кои покрај Иран, се инволвирани и САД. Иранскиот водач, ајатолахот Али Хамнеи говорот на Трамп го отфрли како „евтин, грд, глупав и базиран врз лаги“. 

Техеран постојано ја истакнува исклучивата одбранбена улога на својата воена и ракетна програма, која не претставува никаква закана за другите земји. Освен тоа, ракетите се конструирани на таков начин, што не можат да носат атомски боеви глави, се потенцира од Техеран. Сепак, кај Западот, а посебно во Израел и во САД владеат големи стравувања, со оглед што ракетите можат да погодат било кое место во Израел.