1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран: предвидлив чекор, непредвидливи последици

Матијас фон Хајн
9 мај 2018

Одлуката на Доналд Трамп да го напушти договорот со Иран го прави светот поопасно место. Отфрлени се години дипломатија. Европа може да ги ублажи последиците само во соработка со Русија и Кина, коментира Матијас Фон Хајн

https://p.dw.com/p/2xQIS
USA Iran Atomabkommen Trump
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Loeb

Во чудо веќе никој не веруваше. Во пресрет на одлуката на Доналд Трамп имаше само шпекулации за тоа колку драстичен ќе биде неговиот пресврт. Дали можеби ќе остане отворена некоја мала врата за разговор. Дали дипломатските иницијативи на Европејците имаа некаков ефект?
Ништо од тоа. Сега знаеме дека САД дефинитивно излегуваат од Заедничкиот сеопфатен акциски план, познат како атомски договор со Иран. Сите санкции кои беа ставени на мраз сега се враќаат во сила. Од сите начини да се излезе од договорот, овој е најопасниот.
Светот секако нема да стане посигурен. Уште за време на говорот на Трамп, берзите забележаа скок на акциите на фирмите кои продаваат оружје. Индиректната последица е што ова американско кршење на договорот нема воопшто да го олесни претстојниот самит на Трамп и севернокорејскиот диктатор Ким Џонг Ун.
Трамп објаснува дека договорот со Иран не ги земал предвид безбедносните интереси на САД. Но, како излезот од договорот ќе им служи на американските интереси, тоа останува мистерија.
Договорот воспостави проверки кои го спречуваа Иран да развие атомска бомба со што е спречено нуклеарното вооружување во регионот. Тоа и ништо друго беше задача на договорот. Дури ни шефот на дипломатијата Мајк Помпео, кој важи за јастреб кон Техеран, не го доведува во прашање тоа дали Иран ги исполнил своите обврски.
Трамп „нема проблем со атомскиот договор туку со Исламска Република Иран“, рече еден француски дипломат. Затоа последните четири месеци преговори меѓу европските партнери и САД однапред беа осудени на пропаст- и покрај сите отстапки на европските лидери и дипломатската офанзива во Вашингтон кој го посетија Емануел Макрон, Ангела Меркел и Борис Џонсон.
Трамп во Белата куќа упорно се опкружуваше со антиирански јастреби. Освен Помпео, тука е и новиот советник за национална безбедност Џон Болтон. Тој минатата година напиша: „Прокламираната цел на САД мора да биде Исламската револуција од 1979 година да се заврши пред нејзината 40 годишнина“. Изразот „промена на режимот“ во контекст на Иран во меѓувреме застрашувачки често се споменува.

von Hein Matthias Kommentarbild App
Матијас фон Хајн

Застрашувачки затоа што Болтон имаше централна улога и во предиграта на војната во Ирак во 2003 година. Познати се катастрофалните последици кои за регионот ги имаше таа противправна агресија. Познато е и дека како повод за војната беа користени лаги.
Во објаснувањето за истапувањето од договорот со Иран американскиот претседател се повика исклучиво на настапот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на почетокот на минатата недела. А тој настап очигледно беше пропагандно шоу. Стариот сомнителен материјал е рециклиран и објавен во ново пакување и нема никакво значење за сегашната состојба на иранската нуклеарна програма.

Одлуката на Трамп ги доведува во прашање јасните резултати на 12-годишната интензивна дипломатија, а не нуди никаква алтернатива. Сега многу ќе зависи од единството на Европејците, од нивната цврстина и волја, заедно со партнерите Русија и Кина да му понудат на Иран доволно за да се држи до одредбите од договорот без оглед на американското истапување. Прекуатлантската пукнатина ќе станува уште подлабока.
Се очекува дека зголемениот притисок врз Техеран ќе ги зајакне тамошните радикали и ќе ги потисне умерените сили во дефанзива. Со тоа растат шансите дополнително да ескалира состојбата во едно од бројните кризни жаришта како Јемен, Сирија, Либан или Ирак.
Дополнително се одлага создавањето на безбедносна архитектура на Блискиот исток која би им служела на интересите на сите страни. А тоа беше единствениот пат за вистински мир во регионот.