1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Иран и САД можат да го „запалат“ целиот регион

Керстен Книп
4 јануари 2020

По убиството на иранскиот генерал Сулејмани со американски дрон во Багдад, експертите очекуваат нова ескалација. Таа може да се прошири во повеќе земји од регионот, а во нејзиниот центар се наоѓа Ирак.

https://p.dw.com/p/3VgMC
Irak Bagdad Airport Luftschlag US-Streitkräfte auf General Qassem Soleimani aus Iran
Фотографија: picture-alliance/AP/Iraqi Prime Minister Press Office

Тензиите меѓу Иран и САД, предизвикани од убиството на иранскиот висок по ранг генерал Касем Сулејмани, можат да се прелеат на целиот регион. Во прва линија би се концентрирале врз Ирак. Возилото на Сулејмани било погодено од американски дрон во близина на аеродромот во ирачкиот главен град Багдад. Дека ова може да предизвика брзо напнатости и во самиот Ирак, навестува повикот на американската амбасада во Багдад, која ги повика сите американски државјани итно да ја напуштат земјата, исто така и да не се приближуваат до амбасадата.

Начинот на реагирање на Иран по убиството на еден од своите најважни генерали во основа е тешко предвидлив, вели експертот за Блиски Исток, Санам Вакил од лондонскиот Кралски институт за надворешна политика. Но, исклучено е дека владата во Техеран ќе се воздржи од  реакција на убиството на генералот.  Освен тоа, Иран ќе посегне по цела редица косеквенци, очекува Вакил. „Во наједноставните можности спаѓа ескалирање на ситуацијата во Ирак“. Погодна можност за такво нешто пружа тамошната ситуација на растечки вакуум во власта по оставката на премиерот Адел Абдел Махди. А и тој токму тоа го предвидува - нападот „ќе предизвика уништувачка војна во Ирак“, предупреди Махди.

И портпаролот на германската Партија на зелените, задолжен за надворешна политика, Омид Нурипур очекува растечко насилство во регионот. „Смртта на Сулејмани е  активирање брза спирала во поширока воена ескалација.  Сулејмани не само што беше главен стратег на иранските агресии на Блискиот Исток, на пример во Сирија и Ирак, туку тој беше и лицето на политиката на Техеран во регионот. Неговата смрт иранската страна ќе го сфати како губење образ и објава на војна од страна на САД.“

Qassem Soleimani
Убиството на генерал Сулејмани може да има далекусежни последициФотографија: picture-alliance/AP Photo/Office of the Iranian Supreme Leader

Не се исклучуваат пошироки тензии

Затегнатостите можат да ги надминат границите на Ирак, вели експертот Санам Вакил. „Сулејмани имаше блиски односи со Хасан Назралах и со Хезболах.“ Назралах е шеф на од Иран спонзорираната шиитска милиција во Либан. Тамошните врски, исто како и оние со милициите во Ирак, на Иран досега му служеа за ширење на неговото влијание на Блискиот Исток на неконвенционален и истовремено дестабилизирачки начин, истакнува Вакил. „Така, не може да се исклучат напади од страна на Иран врз бродови во Персискиот Залив или дури и ракетни напади врз некоја од државите во Заливот. Тоа беше направено уште лани во септември.“

Иран исто така може да направи обид за провоцирање напад од страна на Хезболах врз Израел. „Меѓутоа, во актуелната клима, Хезболах веројатно не е спремен на такво нешто. Хезболах моментно не сака да се впушти во никаков директен воен конфликт со Израел. Затоа, сметам дека ескалација во Либан не е многу веројатна. Истото важи и за Сирија. Оттаму, на Иран би му било најпогодно да се концентрира врз Ирак“, ги објаснува експертот можните сценарија.

Ирак - бина на посредничка војна

Убиството на иранскиот генерал може да биде и укажување за пресврт во досегашната политика на помал ангажман во регионот  од страна на САД. Арапските весници оваа претпоставка повеќепати ја разгледуваат уште по нападот на американските војници врз милициите Катаиб-Хезболах на почетокот на неделава.

Irak | Gewaltsame Proteste auf dem Gelände der US Botschaft
Демонстранти ја нападнаа амбасадата на САД во Багдад во вторникотФотографија: dpa/K. Mohammed

„Ирак за Американците, по нивното повлекување, не беше ништо повеќе од пропадната држава“, напиша весникот Ал-Квадс ал-араби. Сега американската влада во Вашингтон очигледно сака да покаже свое повторно засилено присуство во Ирак. „Но, во конфронтацијата со Иран, се покажува дека повлекувањето уште повеќе може да ја дестабилизира ситуацијата во Ирак.“

И ирачкиот весник Китабат навестува дека од новите ескалирачки тензии меѓу Иран и САД прв ќе страда Ирак. Таму може да се развие еден вид посредничка војна. „Иранско-американската ескалација влегува во нова рунда и најпрво се одвива на ирачко тло“. Двата актери имаат иста цел, тврди весникот: „Двете држави сакаат ирачката држава да остане слаба.“ Пред неколку дена  Американците ги нападнаа проиранските шиитски борци,  при што загинаа 25 од нив. Овие милиции се поддржувани од Техеран. Овој напад може да му биде од полза на режимот во Иран: „На овие проирански милиции хаосот би им користел за реализација на нивните цели.“ А на нивното влијание владата во Багдад речиси не може ни да му се спротивстави.