1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интервју: германскиот либерал Рајнер Штинер за состојбите на Косово

30 август 2006

За најновите изјави на Јоахим Рикер и Марти Ахтисари, како и за инцидентот во Митровица со Штинер поразговара Филип Славковиќ

https://p.dw.com/p/AdiF
Пратеникот од редовите на германската Либерална партија, Рајнер Штинер
Пратеникот од редовите на германската Либерална партија, Рајнер Штинер

Косово има функционална демократија, изјави меѓу другото новиот шеф на УНМИК, германскиот дипломат Јаохим Рикер, во едно од неколкуте интервјуа што неделава ги даде спроти официјалното стапување на должност в петок. Тој исто така порача дека решението за конечниот статус се движи во насока на независност. Ваквите изјави на уште „непечениот„ шеф на УНМИК предизвикаа поделени, па делумно и бурни реакции во регионот. За мислење во врска со нив, како и со најновиот инцидент на Косово, ДВ го праша пратеникот на германската Либерална партија Рајнер Штинер, кој се смета и за добар познавач на приликите на Балканот. Со него поразговара Филип Славковиќ.

Прашање:

Господине Штинер, деновиве имаше неколку битни настани поврзани со Косово. Прво, новиот шеф на УНМИК, германскиот дипломат Јоаким Рикер, изјави во неколку интервјуа дека му се чини оти по прашањето на статусот решението оди во насока на независност. Тоа предизвика остри реакции од Белград. Што мислите Вие за ставот на Рикер? Колку е тој реалистичен?

Штинер:

Моето лично мислење е дека решението може да биде некако дефинирана условна независност. Не можам да си замислам дека може да има потполна и безусловна независност, бидејќи Косово не е некоја земја како Шведска, Австрија или Канада. За тоа сведочи веќе и фактот што таму имаме стационирано 17.000 странски војници. Уверен сум дека овде мораме да најдеме компромисно решение и дека таа горчлива вистина мораме да им ја појасниме од една страна на Србите, имено дека статус на Косово во рамките на Србија, како што тоа Србите си го посакуваат – дека тоа не може да се постигне. Но, од друга страна на Косоварите мора да им кажеме дека безусловна, потполна независност во моментов не може да се оствари. Тоа се горчливи вистини за обете страни.

И бидејќи состојбата е таква и бидејќи меѓународната заедница мора да донесе некаква одлука во спорот, јас сум за тоа таа одлука да биде порано донесена, за да се направи чекор напред во целиот регион.

Прашање:

Кога велите: Косово не е Шведска... и во Шведска се случува две криминални банди да се борат меѓу себе и при тоа да биде фрлена бомба во некое кафуле. Но, кога тоа се случува на Косово и особено ако се покаже дека млад Албанец од југот на поделниот град Митровица фрлил бомба во кафуле каде што седат т.н. „бранители на мостот„ во северниот дел што и‘ припаѓа на српската страна, тогаш од тоа веднаш се прави политика, тоа предизвикува остри реакции од Белград, веднаш се зборува за тероризам. Како гледате Вие на овој инцидент?

Штинер:

Потполно сте во право кога велите дека навистина исти феномени се проценуваат поинаку, веќе према тоа каде се случуваат. Тоа е за засегнатите горчливо и тие тоа го доживуваат како неправедно, но тоа е политичката реалност. Со опишувањето на Вашиот пример имате потполно право. Јас не можам во детали да проценам што се крие зад тие настани, но она што е за мене интересно е изјавата на шефот на УНМИК, Рикер, за тоа дека српската влада во Белград го блокира политичкиот ангжман на Србите на Косово. За мене тоа е сериозен проблем, бидејќи сметам оти е важно Србите од Косово да се вклучат во тамошните институции и во политичкиот процес. Нивната апстиненција од политичкиот процес може само да им наштети на Србите, но и на целото Косово.

Прашање:

Кога веќе го спомнувате тој проблем, на претходните избори мнозинството на српското население на Косово ја отфрли политиката на оние негови претставници, кои сакаат да се интегрираат во политичкиот процес.

Штинер:

На повеќе меѓународни конфренции можев да видам повеќе претставници на ваквата стратегија на изолирање на Србите, кои во меѓувреме жалат поради таквата ориентација. Јас не можам да зборувам за бројки, можеби Вие сте во право кога велите дека мнозинството Срби во Косово не сакаат да се вклучат во политичкиот процес, но затоа можам да предупредам од засилување на таквата тенденција од страна на српската влада во Белград. Важно е Србите на Косово да ги прифатат нивните демократски права, зашто оној кој сам се исклучува од нив, тој си наштетува прво самиот себе си.

Прашање:

Можеби најважното прашање, што се појави кон крајот на минатата недела, тоа е прашањето за вината на Србија како држава, на поранешниот режим на Слободан Милошевиќ, како и можното влијание на тоа врз разрешувањето на прашањето за конечниот статус на Косово. Изјавата на посредникот Марти Ахтисари дека секој народ мора да ја плати сметката за историската вина, српската страна ја сфати така што целиот народ треба да плати за грешките на режимот на Милошевиќ. Тоа доведе до остри реакции во Белград, како и дури до размислувања за прекин на преговорите што ги води Ахтисари. Што мислите Вие за оваа дискусија?

Штинер:

Околу формулацијата на Ахтисари секако може да се расправа, но основата на исказот дека секој народ сам мора да се соочи со сопствената историја, во тоа ние Германците имаме доволно искуство, како и дека тој процес во Србија е апсолутно недостатно спроведен, тоа за мене воопшто не е спорно. Од таа гледна точка Ахтисари има право.

Што се однесува до тоа какви последици ова треба да има за иднината, тоа е според мене друга приказна. Ние мораме да и‘ помогнеме на Србија да го отпочне сериозно тој процес на обработување на минатото, така што ќе може да ја заземе повторно улогата што и‘ припаѓа во концертот на народите и државите од регионот. Но, тој болен процес мора навистина да се случи во српското општество. Тоа е неодминливо и српското општество мора да се соочи со оваа горчлива вистина.

Прашање:

Уште кусо на оваа тема, можеби најинтересната изјава поврзана со ова прашање дојде од малку почитуваната политичарка на Србите од Косово, Рада Трајковиќ, која рече: можеби Србија треба да биде одговорна за делата на режимот на Милошевиќ, но затоа и албанските политичари треба да ја добијат соодветната плата за нивните екстремистички зборови и дела. Гледате ли противречност во тоа?

Штинер:

Не, но гледам еден проблем во сето, а тоа е кога некоја етничка група ќе биде замолена да се соочи со нејзиниот проблем, тогаш првата реакција е да се покаже со прстот на некој друг. Секако дека е исправно да се поставуваат барања и прашања на адреса и на албанското раководство од Косово, но тоа е апсолутно независно од процесот на соочување што мора да го мине српската страна. Тоа треба да се случи и кај албанската страна, но тоа е независно едно од друго. Обете страни треба да научат да извлекуваат поуки и консеквенции од нивните дела за да може во иднина да се развие нешто позитивно во полза на обете страни, како и на целиот регион.