1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индиректна блокада на европскиот пат на Западен Балкан?

17 ноември 2009

Српскиот претседател Борис Тадиќ, од вчера е во официјална посета на Германија. Неговата цел е кандидатурата на Србија за членство во ЕУ да добие реална основа. Меѓутоа, новата германска влада бара пауза во проширувањето

https://p.dw.com/p/KYSB
Ќе добие ли Србија германска поддршка за ЕУ? Ангела Меркел и Борис ТадиќФотографија: AP

Германија во принцип ги поддржува аспирациите на земјите од Западниот Балкан да и’ пристапат на ЕУ. Но, владејачките конзервативци, на чие чело е Ангела Меркел, уште во текот на предизборната кампања најавија дека сакаат забавување на тој процес, вели Душан Рељиќ, научен соработник на германскиот Институт за меѓународна политика и безбедност. Германската влада смета дека приоритет треба да има решавањето на статусот на Турција, која во наредниот период, наместо полноправно членство, би требало да добие привилегиран статус во ЕУ.

„Резервите на Германија кон забрзувањето на процесот на пристапувањето на Западниот Балкан, јас би го поврзал со турското прашање, односно со желбата на актуелната влада да добие на време во однос на Турција. Во тој процес меѓу сегашноста и идното можно зачленување на Турција се наоѓаат земјите од поранешна Југославија, затоа што постои расцеп меѓу нивните амбиции тоа да се случи што побрзо и подготвеноста на некои западни престолнини“, вели Рељиќ.

Зачленувањето во Унијата не е во прашање, но кога...

Не се доведува во прашање подготвеноста на Хрватска во наредниот период да ги заклучи предпристапните преговори. И Србија, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија ќе напредуваат кон Унијата како што ќе ги исполнуваат условите. Меѓутоа, веќе е јасно дека планот на Балканската комисија од 2006 година, која ја предводеа поранешниот италијански премиер Џулијано Амато и тогашниот германски претседател Рихард фон Вајцекер нема да биде испочитуван.

Giuliano Amato, Vize-Präsident EU-Konvent
Сите дигнаа раце од планот за Западен Балкан во ЕУ до 2014 година?! фото- Џулијано АматоФотографија: AP

Со тој план беше предложено сите земји од поранешна Југославија да и’ пристапат на Унијата во 2014 година, на годишнината од одбележувањето на почетокот на Првата светска војна, со што на симболичен начин би се одбележало повторното обединување на Европа, вели Рељиќ.

„Не гледам подготвеност во Берлин, но и во некои други метрополи да се постави некаква временска одредница. Мислам дека сега во ЕУ ќе има многу расправи меѓу Италија, Грција и земјите во источна и средна Европа, како Полска, Бугарија и Романија, кои силно го поддржуваат зачленувањето на Србија и другите земји од Западниот Балкан во Унијата и оние земји од западна Европа како што се Германија, Холандија, Белгија и Данска кои се воздржани“, објаснува аналитичарот Душан Рељиќ.

Автор: Селма Филиповиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска