1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Ин мемориам: Збогум Сабина аблам

11 август 2021

По кратко боледување, на 75 годишна возраст, почина една од најпознатите македонски актерки Сабина Ајрула- Тозија. Нејзината колешка и блиска пријателка Несрин Таир се простува од неа.

https://p.dw.com/p/3yqXi
Nesrin Tair und Sabina Ajrula Tozija - Schauspielerinnen aus Nord-Mazedonien
Фотографија: Nesrin Tair

Сабина Ајрула-Тозија, една од најзначајните, најмаркантни актерки на театарската и филмската уметност во Македонија, а и во Турција последните десетина години, една од столбовите на Драмски театар, каде низ своите  стотици одиграни улоги остави белег за вечно паметење. Мојата Сабина абла. 

Твојата улога на мајка, сестра, другарка во мојот живот е незаборавна, неприкосновена. Речиси ме порасна низ театарскиот свет во Скопје, со сета твоја мудрост и елеганција ме скроти, со твоите жестоки, но и слатко строги подвизи ме научи да ја наоѓам мојата вистина и да ја уживам. Твојата скромност, а воедно и величественост ме инспираа сиве мои дваесетина години во Скопје. Од твојот хумор исчезнува сиот мој очај, сета моја скршеност и како што ти би рекла „младалачка разочараност”. 

Сите прошетки низ Рим, Истанбул и Скопје ќе си ги чувам во спомените. Нашите долги разговори со твоите секогаш прецизни совети никогаш нема да ги заборавам, твоите шеги ќе ги прераскажувам за да ја гледам и чувствувам твојата најубава насмевка, ќе ми недостига твојот поглед џејлан ѓозлум (око ко на срна). 

Нека ти е светол патот каде и да одиш, знам дека ќе најдеш начин и оттаму ќе ме караш, ќе ме советуваш, а и ќе ме смееш. 

Те сакам Сабина аблам!