1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европејците се чувствуваат добредојдени на Балканот

Јањевиќ Дарко
1 април 2017

Секоја година илјадници Балканци се селат на запад за да почнат нов живот во земјите од ЕУ. Какво е искуството на луѓето од западот кои се одлучиле да се преселат на истокот?

https://p.dw.com/p/2Yi2i
Kosovaren in Sorge über Trump-Präsidentschaft
Фотографија: DW/M. Nazar

Кога зборува за своето искуство како странец во Косово, Стефан Ван Дијк од Холандија користи зборови како „гостопримство", „пријателство" и „почит".

Во 2012 година, 32-годишниот бизнис консултант со својата жена се преселил во малата балканска држава. Неговото семејство „секогаш се чувстува добредојдено“ при средбите со мештаните, објаснува Стефан за ДВ.

„Особено кога имате мали деца, тие ги прегрнуваат и бакнуваат, дури и доколку се странци“, вели тој. „Претходната куќа во која живеевме се наоѓаше во близина на еден голем супермаркет. Речиси секогаш кога ќе отидев таму со мојот син, тој се враќаше со кармин на образите“.

Стефан е сопственик на компанија која им помага на странските бизниси во Косово. Тој исто така менаџира информативни портали за земјата на неколку странски јазици. Кога станува збор за учењето на албанскиот јазик, тој не е задоволен од сопствениот прогрес.

„Лично, не сакам да учам албански, но тоа го прави живеењето тука полесно“, вели тој, жалејќи се на сложената граматика и правилата за изговор. Сепак, тој може да води едноставен разговор со некој од мештаните.

Стефан тврди дека „никогаш не се почувствувал ниту најмалку небезбедно“ во Косово и дека не планира наскоро да се врати дома.

„Дојдовме тука со долгорочни планови и соништа“, ни објаснува за одлуката да емигрира на Балканот со својата сопруга. „Отсекогаш велевме: Сѐ додека уживаме тука и сметаме дека можеме да придонесеме за општеството, ќе останеме. По 4-5 години живот тука, нема причина да заминеме.“

Локалното население е подготвено да помогне

Kosovo Einweihung der Mutter-Teresa-Kathedrale in Pristina
ПриштинаФотографија: picture-alliance/dpa/EPA/V. Xhemaj

За разлика од Стефан, кој пред неколку години одлучил да се пресели во Косово, многу Европејци таму одат на ограничено време да поддржат различни проекти за помош и развој во осиромашената земја. Една од нив е Маике Дафелд, која работи како проектен менаџер во една невладина организација од Приштина. Таа има 27 години, а последните три години живее во Косово.

Искуството на Маике со локалното насление е исклучително позитивно, со исклучок на неколку ситуации. Најголемиот културен предизвик е недостатокот на еднаквост меѓу родовите, вели таа.

„Во секојдневниот живот има доста сексуално вознемирување на улиците, особено ако изгледаш како да не си Албанец. Соочена сум со стереотипот дека жените од странство се лесни“, изјави таа за ДВ.

Сепак, Маике тврди дека се чувствува доста добредојдена во Косово и дека луѓето блиски до неа се обидуваат таа да се чувствува безбедна, без разлика што се случува.

„Луѓето се многу топли и ме поддржуваат. Најдов пријатели кои ми помогнаа кога не знаев нешто или ме носеа на места кога ми требаше помош“, вели Маике. „Кога некој упадна во мојот стан, се јавив на пријателка во 4 часот наутро и таа преведуваше за мене во полициската станица“.

Копирање на Западот

При преселбата во странска држава, мигрантите често со себе го носат бремето на стереотипите асоцирани со нивната култира. За среќа, стереотипите за денешна Германија се многу позитивни во балканските земји.

„Се чувствувам многу добредојдена и доста засрамена кога се враќам во Германија и кога гледам како Косовците се третирани таму, сосема е различно“, вели Маике која доаѓа од Еркрат, град во близина на Диселдорф.

Косово, како млада и неразвиена земја, доста зависи од странска експертиза и помош. Маике верува дека кога мигрантите од Западот доаѓаат во земјите домаќини, дел од нив имаат „неоколонијалистичка“ перспектива. Некои мештани се обидуваат да ги ископираат западните решенија за проблемите. вели таа и додава: „Некои работи, некои косовски елементи, се губат.“

Иако Маике мора да го напушти Косово кон крајот на оваа година поради професионални причини, за ДВ изјави дека „дефинитивно е подготвена“ да се врати доколку ѝ се укаже можност.

Bulgarien Sofia im Schnee
СофијаФотографија: BGNES

Суровост или пријателство?

На некои граѓани на ЕУ им е полесно да се интегрираат на Балканот за разлика од други, вели 38-годишниот специјалист за социјални медиуми Џузепе ди Бенедето, Италијанец кој живее во Бугарија.

Џузепе вели дека пронашол одредени сличности помеѓу Балканот и југот на Италија, од каде што тој доаѓа. На двете места луѓето знаат да бидат „премногу директни, дури сурови и груби, но пријатни и пријателски настроени доколку го најдете вистинскиот пристап“, вели тој за ДВ. „Претпоставувам дека на луѓето од северот на Европа би им бил потребен поголем напор за да ги прифатат овие разлики.

Како Стефан и Маике во Приштина, и Џузепе се труди да ја научи основата на бугарскиот јазик и да добие пристап до локалната култура.

„Сметам дека повеќето од времето, кога си странец, твојот став е поважен од ставот на мештаните“, вели тој. „Мора да останеш позитивен и отворен, да се обидеш да ги препознаеш добрите луѓе и да ги избегнуваш лошите".

„Тука сум многу среќен“, ни одговори Џузепе кога го прашавме дали планира да продолжи да живее во Бугарија. „Софија е динамичен град, расте и се менува многу и брзо. Ова е убаво место, каде што добри работи се случуваат секој ден. Претпоставувам овој одговор звучи како 'да'“.