1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Името - сѐ што браниме, консензус - сѐ што не градиме

Катерина Блажевска1 април 2014

Спорот за името е нуклеарното политичко оружје во пресметката со опозицијата, прашање од кое власта црпи политичка мобилизација и затоа никогаш нема да се откаже од негова изборна експлоатација, велат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/1BZNx
Фотографија: MIA

Спорот за името нема да биде тема во изборните кампањи во Македонија, донесоа консензуална одлука партиите што учествуваат на изборите. Ваквата вест, засега, може да биде само првоаприлска шега. Се излажаа сите што поверуваа дека неодамнешната средба на медијаторот Нимиц со македонскиот и грчкиот преговарач за името, ќе го симне спорот од изборното мени по плоштадите низ Македонија или дека барем ќе му ја одземе енергијата за меѓупартиски пресметки. Но, се покажа дека времето, местото, форматот на разговори за името и елементарната политичка корекност кои налагаат да нема изборна (зло)употреба на оваа тема, ни во овој изборен циклус нема да играат никаква улога. Јавното „преслушување“ почна. Во екот на претседателската кампања, премиерот Груевски, побара претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, јавно да одговори како ќе го реши спорот за името: дали ќе ја следи политиката на Зоран Заев за „виткање на кичмата“ или на Бранко Црвенковски, во чиј мандат се спомнувале разни одредници. Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ на Пендаровски му наметна темпо и му одреди тема. Тој ја прифати фрлената ракавица.

Dr. Stevo Pendarovski
Стево ПендаровскиФотографија: Petr Stojanovski

„Предлагам прашањето за името да почнеме да го решаваме со државен консензус, нешто што досега сме го немале. Значи, не владин, не етнички, не фамилијарен, не личен. Тоа е консензус на Република Македонија“, рече Пендаровски.

Погонско гориво

Во изминатите осум години немаше никаква иницијатива од Владата за градење консензус со опозицијата по сите аспекти на спорот за името. Тоа го наметнува прашањето - колку ваквото „естрадно“ третирање дополнително ќе го тривијализира проблемот и ќе рефлектира нов порив изборно насочен кон натамошни делби? Професорот Љубомир Фрчкоски, вели дека на јавноста мора да и стане јасно дека спорот за името спаѓа во најтесниот круг на прашања од кои авторитарната националистичка десница ја црпи политичката мобилизација за себе и токму затоа никогаш нема да се откаже од тој извор.

„Прашањето за името служи исклучиво за преку него да се создаваат непријатели и исплашена толпа, која потоа ќе биде спасувана од единствениот спасител - лидерот. Истиот терк функционира и во односот кон Албанците. Тоа е есенцијалната политичка операција и главното погонско гориво кое го храни имагинарниот мит преку кој ја одржуваат својата политика. И затоа максимално ќе ја третираат таа тема во кампањата. Како да се откажат од главниот мотор кој ги движи, кој им помага да создаваат за себе перцепција на 'патриоти', наспроти други, 'предавници'? Но, кога од другата страна се соочувате со мит, рационална дебата и не може да има. А ним и не им е целта да има рационална дебата, затоа што тоа би ги демаскирало. Со оглед дека не можат да ги решат клучните прашања од национален интерес, а притоа да го заштитат македонскиот национален идентитет, произлегува дека тие се најголемите предавници во овој момент“, категоричен е Фрчкоски. И пред пет години, кога тој учествуваше во претседателската трка како кандидат на СДСМ, оваа тема интензивно беше присутна во кампањата.

Ljubomir Frckoski
Љубомир ФрчкоскиФотографија: Ljubomir Frckoski

Исти како Венизелос

Од парламентарните избори во 2011 година, опозицијата ја промени и „омекна“ својата позиција во однос на спорот за името, која ни претходно не беше антидржавна или предавничка.

Со прифаќањето на референдум за името и со спуштањето на тоа прашање многу подолу на политичката агенда, опозицијата го релаксираше политичкиот набој околу тоа прашање. Дел од аналитичарите разочарано констатираа дека опозицијата се повлекува од една храбра и аванградна позиција само поради налетот на популизмот, стравот од губење гласови и бесмислените етикети што и ги лепи власта. Но, ни променетите позиции на опозицијата, не го сменија односот и речникот кон неа. Премиерот Груевски на изборен митинг ги изедначи опозициските ставови по ова прашање со грчките.

„Ги гледам како се однесуваат по прашањето што нашиот јужен сосед го отвори пред 20-тина години оспорувајќи го нашето уставно име. Гледам како со леснотија од СДСМ минатиот период се расфрлаа со разни имиња. Како со леснотија говорат против нас. Ние сме биле виновни што не се решило името. Ние сме виновни што не сме влегле во ЕУ и НАТО, иако ги исполнивме сите услови. Забораваат дека во извештаите, и ЕУ и НАТО јасно кажаа дека единствената причина што Македонија не е внатре, е блокирањето од една земја-членка. Заев, Шекеринска и Стево велат дека не било само името, имало и други проблеми. Ги гледам и си велам: тие ли се или Венизелос? Исто како Венизелос да ни се обратил, а не кандидат за претседател на Македонија. Такви работи само Грците зборуваат. Не верувам дека ова е случајно“, рече Груевски.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski
Никола ГруевскиФотографија: MIA

Дали после ваква размена на вербален „оган“, може да се изгради каков било консензус?

Може, вели аналитичар близик на десницата, кој инсистира на анонимност.

„Нема суштинска разлика во позициите на власта и опозицијата за името. Постои недоговорен, неформален консензус. Јасно е дека нема политичар Македонец кој би го 'дал' името. Тоа што опозицијата во еден период агресивно го покриваше недостигот на концепти исклучиво со важноста од брзо решавање на спорот за името, власта го искористи за поентирање во своја корист. Во политиката тие нешта не се збранети. И на избори се случува истото“, вели тој.

Не, нема и никогаш

Политиколозите сметаат дека власта со ставот „не го даваме името“, зајакната со дополнителни вербални негации - не, нема и никогаш, кај граѓаните остава впечаток на решителност и непоколебливост. Од настапот на опозицијата со академско објаснувања на причините, последиците и модалитети околу решавањето на тој спор, голем дел од граѓаните не можат да извлечат симплифициран заклучок за нејзиниот став, па тоа им помага на политичките опоненти да го вперат прстот кон неа со разни обвинувања. Според аналитичарот Суад Мисини, ова не е првпат на ваков начин Груевски да гради отклон кон „предавниците“.

„Тоа не само што претставува исцртување на рововската линија со СДСМ, туку и назнака дека седржавен договор околу спорот не може и не смее да има. Нуклеарното политичко оружје на Груевски во пресметката со опозицијата е токму овој спор. Тој ја држи Македонија во заложништво, тој го дефинира џелатот на Македонците, тој ја исцртува опасноста кон која народот треба да биде постојано на штрек, давајќи му ја постојано довербата на вечниот спасител кој ќе ја заштити Македонија и од непријателот и од домашните предавници. Не случајно е одбран овој момент-треба да се урне позицијата на Пендаровски за внатрешен консензус, бидејќи тоа ја исклучува струјата на стартното копче на оружјето на Груевски. Дополнително, средбата на Нимиц со преговарачите во ваков невообичаен момент, колку и таа да била 'камерна', тој моментум Груевски го чувствува како притисок врз него и неговата позиција. Затоа е и оваа негова промптна реакција. Ваквото третирање не ја тривијализира темата, туку ја дефинира како модус операнди на Груевски, кој не само што во ваков специфичен момент се обидува во корен да сосече иницијатива каква што самиот тој никогаш не покренал, туку и ги урива сопствените идни мостови на можностите за решавање на спорот“, вели Мисини.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Нашите соговорници сметаат дека прашањето за името уште повеќе ќе се интензивира со текот на кампањата.