1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли сличности меѓу Косово и Санџак?

16 септември 2010

Експертите се сложни во оценката дека српската држава е во голема мера виновна за најновите инциденти во Санџак. Тие исто така нагласуваат дека доколку државата не преземе некои мерки, ситуацијата може и да ескалира.

https://p.dw.com/p/PCw3
Санџак е поделен регион меѓу Србија и Црна ГораФотографија: cc by PANONIAN

Меѓу политичката ситуација на Косово и во Санџак има малку сличности, оценуваат експертите во Белград. Директорот на Центарот за регионализам Александар Попов за Дојче веле тврди дека тешко може да се повлекува паралела меѓу инцидентите на Косово и во Санџак: „Косово е проблем што го оптоварува ова подрачје веќе цел век. Таму Албанците претставуваат апсолутно мнозинство, што не е случај со Бошњаците во Санџак. Освен тоа Санџак е прекуграничeн регион, односите беа релативно стабилни, а сите конфликти што се појавија беа во рамките на една конфесија“, посочува Попов.

Тој појаснува дека во владата се нашле политичките лидери на двете страни во конфликтот внатре во муслиманскиот блок, имено Сулејман Угљанин и Расим Љајиќ. Власта не се грижела за нивниот судир, бидејќи тие и’ припаѓаат на истата вероисповед, но тоа се покажало како грешка, појаснува Попов. Исто така грешка е што владата не се грижела за економскиот развој во тој дел од Србија, кој се најде во тешка криза по уништувањето на текстилната индустрија што таму беше силно застапена.

Serbien Minister Rasim Ljajic wegen Erfolglosigkeit zurückgetreten
Расим Љајиќ на прес-конференција во БелградФотографија: AP

Погрешна владина политика

Директорот на Форумот за етнички односи Душан Јањиќ, пак, смета дека актуелната ситуација во Санџак претставува колапс на владината политика кон правата на малцинствата. „Може да се каже дека сме сведоци на колапсот на една политика и дека ова е последниот момент во кој Србија би морала да најде модел за интеграција на малцинствата, а не само за толеранција и внатрешни поделби и кавги. Се плашам дека државата нема да биде во состојба самата тоа да го стори, туку дека ќе и’ треба помош од надвор.“

Експертот Попов не исклучува дека кризата во Санџак може и да ескалира, доколку државата не одреагира на време и на соодветен начин. Тој меѓутоа не верува во можноста Санџак да добие некој вид автономија по углед на Јужен Тирол, што го предложи муфтијата на Исламската заедница во Србија, Муамер Зукорлиќ. Зукорлиќ оцени дека автономијата за Санџак е неизбежен процес и дека би било во интерес на стабилноста на Србија и на Црна Гора на време да се водат преговори на таа тема. Тој е многу влијателен во Санџак и најавува создавање сопствена политичка партија.

Boris Tadic
Претседателот на Србија, Борис ТадиќФотографија: DPA

Улогата на Турција

Експертот Душан Јањиќ посочува и на улогата на Турција во решавањето на конфликтот во Санџак, која според него е спорна: „Начинот на кој Турција дојде во Србија преку директниот ангажман на претседателот на државата Борис Тадиќ не е соодветна на долгорочно добрите односи меѓу двете земји. Турција е доведена во Санџак не само за да инвестира таму, туку и за да ги смири двајцата скарани министри Угљанин и Љајиќ, со што Турција е вовлечена во внатрешните односи на Србија!“

Јањиќ оценува дека само помал дел од Бошњаците во Санџак се идентификува со Турција, додека мнозинството е автохтон народ кој живее во Санџак.

Автор: Весна Рајковиќ/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска