1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изумирање на мозокот

17 ноември 2005

Собирањето искуства, учењето и доживувањето во првите години од животот на еден човек претставуваат безмилосно уништување на нервни контакти во мозокот

https://p.dw.com/p/AeeN
Операција на главата
Операција на главатаФотографија: BilderBox

Раѓање, живеење, умирање. Ова е нормалниот процес кај секоја поединка на овој свет. Умирањето всушност започнува уште во моментот кога ќе се родиме. Тоа особено важи за мозокот. Кај едно новороденче секоја мозочна клетка има 25.000 контакти со други клетки. На возраст од три години бројката изнесува 15.000. Останатите контакти изумираат затоа што не се употребуваат.

Кај возрасните луѓе клетките изумираат од најразлични причини: при голема возбуда на пример умираат илјадници клетки. Герхард Рот од Универзитетот во Бремен сепак смета дека тоа не е причина за вознемирување.

„И кога секој ден би умирале по 1000 или пка 10000 неврони, тоа не претставува ништо ако се земе предвид дека човекот има 10 милиарди. Мозокот инаку е способен за компензација во неверојатни размери. Кога не би стареел тој би можел речиси се да компензира.„

Природното умирање на мозокот започнува доцна

Меѓутоа ова не треба да се разбере како поттик за поголемо конзумирање алкохол бидејки кај најголемиот број алкохоличари црниот дроб ќе откаже пред мозокот. Природното умирање во мозокот, се разбира без помош од алкохол и други дроги започнува многу подоцна отколку што повеќето научници досега веруваа.

„Неодамна беше откриено дека дегенерацијата на мозокот кај нормалните луѓе до 82 година не е таква како што се мислеше досега. „Се испитуваа само мал број мозоци, за кои се сметаше дека се дегенеративни. Најголемото изумирање се случува помеѓу 80 и 90 години и тоа е многу помалку отколку што се мислеше.„

Се додека нашиот мозок е во добра форма и ние ќе останеме духовно будни, дури до длабока старост, покажуваат најновите научни испитувања.

„Нема да ни биде полошо, туку стануваме само емоционално полоши. Емоционалноста најбрзо се губи. Против тоа не може да се прави нешто посебно, бидејќи губењето емоционалност е исто така силен социјален стабилизирачки фактор. Луѓето стануваат предвидливи, децата секој ден сакаат нешто друго, малдите исто така, и кога тогаш човек се смирува. Тоа што емоционалноста се губи можеби е и позитивен предузлов за смирување на општеството. Нашата моторика се до длабока старост е многу пластична, нашиот когнитивен развој својот врв го достигнува со 30 години и потоа полека се губи. Но, когнитивната пластичност се до длабоката старост се компензира со помош на експертско знаење. Значи овие губења воопшто не се толку драматични како што се мисли.„

Изумирањето на мозокот се одвива во неколку етапи

Некаде помеѓу 80-та и 90 -та година од животот откажува човечкиот отстранувач на отпад во мозокот. Отпадните белковини се собираат и градат купови т.н. плакис. Со текот на времето попуштаат и многу важни нервни контакти. Фактичката смрт е најчесто последица на недостаток на кислород, што настанува на пример при срцев удар.

„Тоа се одвива во повеќе етапи. Мозокот не умира одеднаш. Најпрво запираат активностите во големиот мозок и губиме свест. Кога ќе настапи тоа, тогаш не умираме , туку не сме при свест. Потоа изумираат делови од средниот мозок и реагираме се помалку. Критичниот момент се достигнува кога деловите од мозокот што ги контролираат дишењето и размената на материи исто така изумрат. Дури тогаш умираме, доколку тие функции не се заменат со помош на апарати. Така гледано мозочната смрт е нормалниот причинител за вкупната телесна смрт. „

Денес, модерните медицински апарати овозможуваат пресадување органи од пациенти со мозочен удар. За примателот на органите тоа може да значи дарување нов живот.