1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите на Косово ќе бидат успешно завршени

Марина Максимовиќ / Александар Методијев7 ноември 2013

Брисел, Белград и Приштина се сложни дека локалните избори на Косово, и покрај проблемите и инцидентите, се на пат да бидат успешно завршени. На три гласачки места во Митровица изборите ќе бидат повторени на 17.11.2013.

https://p.dw.com/p/1ADT4
Фотографија: Reuters

Приштина во прв план истакнува дека „Косово го положи европскиот тест“ организирајќи избори на целата територија, вклучувајќи учество на сите заедници на Косово. Белград наведува дека сепак „многу е постигнато во смисла на излезноста на Србите на локалните избори“ и дека се очекува по вториот круг од изборите за градоначалници, во десет општини во кои Србите на Косово сочинуваат мнозинство, ќе се формираат легитимна и легална српска власт, што премиерот на Србија Ивица Дачиќ ја гледа како основа за формирање на заедница на српски општини. Дачиќ во Брисел нагласи дека повторените избори во Северна Митровица, како и вториот круг од изборите на Косово, мораат да се одржат во мир. Тој уште еднаш ги повика Србите од Косово да излезат на избори и да ја „земат власта која им се дава“.

„Луѓе, да го земеме она што ни се нуди“, повикува Дачиќ. „Во овој момент тоа е легитимната и легална власт. Ако тоа не се случи, ако дојде до пад на Бриселскиот договор, ако Албанец биде избран на местото градоначалник, ако повторно дојде до судири и инциденти, ако Србија повторно биде условувана со пристапувањето во ЕУ – за катастрофалните последици никој не може да преземе одговорност. Ние не сакаме да го оставиме нашиот народ на цедило и сакаме да победиме во Косово“, рече српскиот премиер.

Дачиќ уште еднаш предупреди дека единството и политичкиот прогрес е она што може да ги заштити интересите на Србите на Косово, а дека единствената алтернатива на тоа е насилно и воено решение на кое, како што рече Дачиќ, Србија не може да одговори.

Treffen Ashton, Thaci und Dacic
Дачиќ, Ештон и Тачи на средба во БриселФотографија: European External Action Service

Тачи: Србија има обврска да се бори против криминални групи

Премиерот на Косово Хашим Тачи се надева дека косовските власти по први декември и изборите на легитимните лидери во општините ќе добијат соговорници со кои ќе работат на отворање ново поглавје на Косово. Прашан за понудата на Србија да испрати свои полициски сили за време на неделните инциденти на избирачките места во Северна Митровица, Тачи изјави дека во прашање е „емотивен и стресен ден“ и дека ја земал за сериозна таа изјава на првиот потпретседател на српската влада.

„Имавме проблеми со Србија цел еден век. Тој период се заврши, како и можноста така повторно да се создаваат проблеми на Косово. Предизвиците со кои се соочуваме ќе ги решиме заедно со меѓународната заедница, а секој е добредојден да помогне. Србија има и своја обврска да се бори против криминалните и терористички групи кои се наоѓаат на северот на Косово, а некогаш и во самата Србија“, рече Хашим Тачи.

По состанокот во Брисел, премиерот на Косово изјави дека сите страни постигнале договор околу косовскиот царински систем, така што тој сега ќе функционира на цела територија на Косово и дека така ќе се собираат и приходи од царина од премините на северот.

Повторување на изборите на 17-ти ноември

По состанокот во Брисел, Централната изборна комисија на Косово одлучи изборите на три избирачки места во Северна Митровица да бидат повторени на 17.11.2013 година, така што вториот круг од изборите на целата територија на Косово би можел да се одржи на први декември.

Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон, по завршувањето на изборниот процес, би требала да направи извештај кој ќе го испрати до Советот на ЕУ, а врз чија основа земјите-членки во декември би требале да одлучуваат за датумот за формален почеток на преговорите за членство со Србија.

Белград се надева дека со продолжението на имплементацијата на Бриселскиот договор, посебно во областа на полицијата и правосудството и успешното завршување на изборниот процес на Косово, ќе може да добие позитивен одговор во декември и да се закаже првата Меѓувладина конференција за пристапување во ЕУ.