1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори на Косово: определба за личности, а не за партиски програми

18 ноември 2007

Како и дали резултатот на изборите ќе влијае врз претстојната рунда од преговорите за статусот на покраината, што ќе се одржи во вторник во Брисел? - Коментар на Фабијан Шмит посветен на изборите на Косово.

https://p.dw.com/p/CIcN
Славје на победникот Хашим ТачиФотографија: picture-alliance/dpa

Изборните резултати, иако се’ уште само проценки, покажуваат дека на Косово и натаму се поважни личностите, отколку програмите и партиите на кои им припаѓаат тие. Алијансата за иднината на Косово, член досегашната владина коалиција, на претходните избори победи предводена од Рамуш Харадинај. Сега, кога тој во Ден Хаг го чека почетокот на судскиот процес како одговорен за воени злосторства на некогашната УЧК – Ослободителната војска на Косово, партијата одвај да игра некаква улога.

Традиционално силната ЛДК - Демократска лига на Косово, по смртта на нејзиниот претседател Ибрахим Ругова се подели на два големи блока околу прашањето за неговото политичко наследство. Во обата – ЛДК на косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и Демократска Дарданија на Неџат Даци, челниците се силни интегративни фигури.

Изборите нема да влијаат врз преговорите за статусот на Косово

Во личноста лежи и причината за метеорскиот подем на мултимилионерот Беџет Пацоли. Тој во последната деценија целно изгради медиумска империја за да го подготви исчекорот во политиката. Но, тој успеа и затоа што паралелно изгради лојална клиентелска мрежа - она што токму тоа му недостасуваше на издавачот Ветон Сурои. Тој е многу подолго активен во косовската политика, а неговата партија не ја совлада петпроцентната пречка и нема да биде застапена во парламентот.

Изборите нема да имаат позначајно влијание врз преговорите за статусот на Косово, што продолжуваат во вторник во Брисел. Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу би можел да изврши промена во составот на преговарачкиот тим, но меѓу косовските Албанци и онака нема побитна разлика во ставовите во однос на преговорите.

Неучеството на Србите – вистински проблем

Попроблематично е што српското малцинство речиси целосно ги бојкотира изборите. Тоа може да доведе до ситуација подрачјата мнозински населени со Срби да бидат управувани од албански политичари, што би било практично неспроведливо. Оттука, може да се страхува дека Србите целосно ќе се повлечат од институционалниот живот на Косово. Доколку по 10-ти декември дојде до очекуваното прогласување независност, пред косовските и меѓународните политичари стои предизвикот како нив повторно да ги вклучат.

Тоа дури и би можело да успее, оти косовските Срби знаат дека нивните интереси во институциите на Косово најефикасно можат да ги застапуваат самите, а не преку Белград. Сепак, токму во сегашниот историски момент, кога се чини дека непосредно претстои болната разделба од Србија, никој од нив не сака да ја преземе одговорноста. Но, потоа картите ќе бидат наново мешани.