1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори за претседател и пратеници во Собранието

ЕМФ/миа27 април 2014

Во Република Македонија денеска (27.04) се одржува вториот круг од петтите претседателски избори и осмите парламентарни избори, трети предвремени во низа.

https://p.dw.com/p/1Bp3V
Фотографија: MIA

На 3.480 избирачки места во земјата право на глас на претседателските избори имаат 1.779.572 избирачи, а во избирачкиот список за парламентарните избори се запишани 1.780. 128 избирачи. Гласачките места се отворени од 7:00 до 19:00 часот. На избирачките места има два извода од избирачкиот список, еден за парламентарните, а вториот за претседателските избори.

На претседателските избори граѓаните можат да избираат меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и досегашен претседател Ѓорге Иванов и на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски. За претседател ќе биде избран кандидатот кој на вториот круг од изборите ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело. Оваа година првпат на претседателски избори право на глас имаа и македонските државјани во странство. Прифатени во рокот беа пријавите на 8.332 македонски државјани кои имаа можност да гласаат вчера, на ден пред изборите, на 34 избирачки места во изборните единици 7 (Европа и Африка), 8 (Северна и Јужна Америка) и 9 (Австралија и Азија). Вчера гласаа и затворениците, лицата во домашен притвор, внатрешно раселените лица, војниците, како и болните и немоќните лица.

За предвремените парламентарни избори се поднесени 14 листи со кандидати за 123 места во Парламентот. Листи поднесоа пет коалиции и девет политички партии. Пратениците се избираат според пропорционалниот модел во Македонија, а според мнозинскиот во дијаспората. Територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици и во секоја се избираат по 20 пратеници, а тројца пратеници се избираат во дијаспората - по еден пратеник од трите изборни единици: Европа и Африка, Северна и Јужна Америка и Австралија и Азија.

За следење на вториот круг од претседателските избори и предвремените парламентарни избори што се одржуваат денеска се акредитирани 10.013 домашни и 610 странски набљудувачи, како и 294 преведувачи.