1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Избледе сјајот на Алексис Ципрас“

З. Јордановски/фац/дпа/фигаро26 јануари 2016

Од ветувањата во изборната ноќ во јануари 2015. година останаа само разочарувања, се констатира во медиумите по повод првата годишнина од победата на Сириза на изборите во Грција, со што Алексис Ципрас стана премиер.

https://p.dw.com/p/1Hk8U
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Tzortzinis

„Алексис Ципрас како предводник на голем бран на протест пред една година беше доведен на премиерска функција. Но, во меѓувреме мора тој самиот во службениот кабинет (...) да се чувствува како да е во состојба на опсада“, пишува „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) на почетокот на текстот со наслов „Избледе сјајот на Алексис Ципрас“. „А вечерта по изборната победа сето уште звучеше многу ветувачко. (...) Сепак, сега Ципрас мора да ги разочара своите избирачи, оти не може да се придржува кон она што го вети. (...) Додека на 25. јануари 2015. година Ципрас рече дека ’денеска надежта пишува историја‘, сега паднаа илузиите за неговата влада. За време на летото, кога одбивањето на реформи ја доведе земјата на работ на државен банкрот, па мораше да биде воведена контрола на текот на капиталот, Грција мораше да искуси дека нема едноставен пат за излегување од кризата. По отрезнувањето и втората изборна победа од септември, сега се покажа дека владата под доминација на левичарите не може да даде перспектива за пораст. (...) Сега владата има намера да посегне по најконвенционалниот од сите инструменти за да ги одоброволи своите приврзаници: за нив треба да бидат создадени 11 000 нови места во државна служба. Со тоа владата покажува дека нема нови идеи, додека во исто време во опозицијата започна процес на обнова. Таму за партиски водач е избран либералниот аутсајдер Кирјакос Мицотакис, кој е за уште повеќе реформи, отколку што бараат доверителите на Грција“, укажува, покрај другото, Тобиас Пилер, автор на прилогот со наслов „Избледе сјајот на Алексис Ципрас“, објавен во ФАЦ.

Многумина Грци и’ го свртеа грбот на Сириза

ФАЦ објави и текст од Михаел Мартенс, дописник на весникот од Атина, во кој се вели дека Ципрас и неговите приврзаници во изминатите 12 месеци биле подложени на „брутална терапија за изострување на чувството за реалност“, што е извлечено и како наслов на прилогот. „И натаму има меѓународен надзор врз исцрпените финансии на Атина и не може да стане збор за некаков крај на таканаречената политика на штедење“. За самиот Ципрас авторот забележува дека е „упадливо социјалдемокартизирањето на неговата реторика. Во говорот на една партиска манифестација по повод првата годишнина од формирањето влада, проследена без претерано радосно славје, Ципрас во неделата ги бранеше планираните кратења. Без реформа грчкиот пемнзиски систем ќе се најде пред слом, рече тој. Без земање стимуланси за поттикнување на фантазијата, пред една година беше речиси незамисливо дека токму Ципрас некогаш така ќе зборува. Минатогодишното демонизирање на ЕУ во таборот на Сириза одамна му отстапи место на долготрајното отрезнување. (...) Мотото на Сириза за првата владина годишнина („Една година на Левицата, една година на борба“) во еден уводник на конзервативниот весник ’Катимерини‘, кој му припаѓа на еден бродосопственик, беше исмеано со забелешката дека најтешката борба, што Сириза ја водела во изминатите месеци, била борбата со реалноста. Зли јазици тврдат дека борбата завршила нерешено, поради што наново ќе биде организирана“, се вели во ФАЦ.

Ципрас: од револуционер до реформатор

Агенцијата ДПА во пригодниот текст оценува дека зад премиерот и неговата влада остануваат „12 месеци исполнети со збрки и тешкотии“, како и „многу, многу спорови. Остануваат многу предизвици: сосем не е отстранета заканата од банкрот на земјата, разговорите со кредиторите се тешки, бегалската криза ескалира. А самиот Ципрас? Од неговата победа пред една година, тој изведе пресврт од 180 степени“.

Француски весник „Фигаро“ со загриженост фрла поглед врз Грција: „Во Грција реформите се итно неопходни, оти земјата се’ уште не го заслужи опстанокот во еврозоната. Младиот премиер Алексис Ципрас ни оддалеку не расчисти со корупцијата, туку воведе сопствен непотизам и некои одбрану функции им ги додели на свои луѓе од доверба. На ова се надоврзува и неговата пасивност во менаџирањето на бегалската криза. (...) Тоа однесување не придонесува за јакнење на довербата кај партнерите во ЕУ. Ципрас во Давос вети Грција ќе ја изненади Европа во 2016 година. Тоа не навестува ништо добро“.