1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иднина на исхраната - инсекти?

М. Тиман / Е.М.Фиданоска29 март 2014

Двајца млади француски претприемачи се ориентираат кон инсектите како храна на иднината. Нивните производи од инсекти наскоро ќе се најдат на регалите на синџир француски супермаркети.

https://p.dw.com/p/1BOxh
Фотографија: AP

Четврток навечер во францускиот град Тулуз. Двајца гурмани упатени кон еден мексикански ресторан. Што има на скарата? Сочни ларви од бумбари. Покрај мравки и скакулци, рептилите во мексиканската кујна важат за деликатес.

Она што овде се сервира го одгледал со многу внимание младиот претприемач Седрик Ориол.

„Кога првпат пробав инсекти, навистина морав да надминам психолошка бариера. Тоа не е дел од нашата култура. Потоа забележав дека инскетите имаат особен вкус, кој меѓутоа би можел да се спореди со ароми кои веќе се познати, на пример благата арома на јаткасти плодови, печени кикирики. Приготвени вака, како вечерва, тие имаат вкус на пилешко на скара или риба на скара“, вели Ориол.

Она што е по вкус на две милијарди луѓе, не може да е толку погрешно за европскиот вкус, си помислил Седрик и во 2011 година ја основал фирмата Микронитрис. Новото старт-ап претпријатие произведува инсекти за пласман на европскиот пазар, кои, за љубов на окото на потрошувачот, се мелени.

„Се разбира, не мислам дека Европејците ќе консумираат инсекти во иста форма како Азијците. Во Азија ги јадат цели. Немам ниту намера да им ги менувам навиките на Европејците во јадењето. Мислам дека е многу поедноставно инсектите да се интегрираат во форма на прашок во производи кои веќе се познати во Европа.“

Седрик дошол на ваква идеја кога наишол на изјава на ОН во која се вели дека инсектите се алтернативна храна на иднината. Денес тој заедно со колегата Жереми Дефриз се грижи за своите штитеници. Тие се извор на драгоцени протеини, а нивното производство дава убедлив еколошки биланс - два килограми храна тие претвораат во еден килограм протеини. На говедата за тоа им се потребни осум килограми храна.

„И во Европа има значителен пораст на населението. Тој пораст не е толкав како во другите делови на светот, но за неколку години и ние ќе мора да бараме одржливи извори на протеини, да бараме алтернативи за класичното производство на месо. Населението треба да се прехранува со колку што е можно помалку штетни влијанија врз околината“, вели Дефриз.

Insekten als Lebensmittel
Европејците имаат психолошка бариера кон исхраната со инсектиФотографија: AP

Јадење инсекти за поодржлива Европа? На ниво на ЕУ оваа мисла е во стадиум на ларва. Досега Брисел инвестираше пред се‘ во проекти со кои инсектите требаше да им станат вкусни на домашните животни. Најрано во 2016-та би требало да се регулира продажбата на вакви производи за човечка употреба. Тоа значи дека Седрик Ориол има пионерска работа:

„Наша задача е да информираме за тоа зошто е интересно да се јадат инсекти и да се развиваат продукти врз база на инсекти. Кога добро ќе се размисли, да се јадат инсекти не е погадно од она што традиционално се јаде во Европа, како остриги, полжави, но и месо воопшто.“

Седрик Ориол прави тест и оди во кулинарска мисија на просветување. На чинија носи производи од неговата фирма, сите направени врз база на ларви од бумбари и скакулци. Се доближува до група жени и се претставува:

„Добар ден. Јас сум Седрик. Одгледувам инсекти за човечка исхрана. Произведуваме инсекти затоа што имаат прехранбено и еколошко теоретско значење и развиваме вакви производи. Би сакале ли да пробате? Имаме кекси од инсекти со вкус на кромид, или вкус на карамела. И имаме цели инсекти со аперитиф-арома.“

Insekten als Nahrung in Thailand
Зошто она што е добро за некои култури, да не се проба и во Европа?Фотографија: AP

Снекот на Седрик навистина наидува на интерес. Тоа за претприемачот е прв успех. Неговите производи наскоро би требало да се најдат на регалите на еден познат синџир француски супермаркети. Притоа, има едно важно прашање - зошто луѓето кои ги пробаа грицките од инсекти не се згрозуваат од нив?

„Затоа што знам дека има култури каде инсектите се јадат и знам дека луѓето таму живеат добро и долго. Така е пред се‘ во Азија, каде луѓето живеат многу здраво. Значи, зошто не?“, вели една од жените, а друга додава:

„Затоа што сум љубопитна. Веќе имам пробано инсекти, зошто не и кекси од инсекти? Многу се добри.“

Ако е така, тогаш добар апетит! Дали во иднина инсектите повеќе ќе ги хранат Европејците, а со тоа и Седрик Ориол? Тоа останува прашање на вкус.