Трамп стартува нов степен на ескалација
31 јули 2020Американскиот претседател се обиде на сите начини да ја минимизира пандемијата на коронавирус. Прикриваше, лажеше, насочуваше во погрешен правец и на крајот дури во игра ја внесе и ДНК на вонземјаните. Во меѓувреме, и преку 150.000 мртви како последица на коронавирусот не му беа превисока цена за да спречи економски колапс во земјата. А постигна сосема спротивно.
Економскиот учинок на САД бележи историски пад. Крајот притоа не е на повидок. Бројката на инфицирани расте експлозивно, паралелно со неа и стравот од зараза кај сѐ повеќе Американци. Целокупната состојба не е поволна за стопанството. Дотолку повеќе што сѐ повеќе се чувствуваат и последиците на глобалната економска криза.
Умира последната надеж на Трамп
Со тоа умира и последната надеж на Трамп да се задржи во Белата куќа. Доколку економијата и натаму тоне, нема да му успеат ни крупни ветувања за да биде реизбран. Веќе сега во анкетите предничи неговиот политички ривал Џо Бајден. Се чини дека падот не може да биде спречен, исто како ни уништувачкиот гнев на претседателот.
Само што беше објавен податокот за 30 процентно намалување на брутодомашниот производ во САД во вториот квартал од годинава, Трамп на Твитер почна да пушта пробни балони за одложување на изборите. Неговото образложение е дека гласањето по пошта е посебно подложно на изборни измами. За тоа не постојат никакви докази, но за него тоа не игра никаква улога. Исто како и повеќе од минималната правна веројатност изборите да бидат одложени поради пандемијата.
Повеќе на темата:
Насилството- последна шанса за реизбор на Трамп
Доналд Трамп е во криза, но изборите се далеку
Мрачни пораки на Трамп во предвечерието на Денот на независноста
Колку се наближува 3 ноември, станува појасно дека Доналд Трамп е подготвен да ја втурне својата земја во хаос и трајно да го ослабне демократскиот уставен поредок доколку ги загуби изборите. Од овој аспект треба да се бара позадината на неговите политички шаховски потези. Зошто Трамп испраќа федерална полиција во градови како Портланд? Не за да ја смири ситуацијата, туку за натамошно да ја продлабочува поларизацијата на земјата. Зошто во предвечерјето на националниот празник се обрати токму од Маунт Рашмор, пред во карпи извајаните ликови на претседателите кои се синоним за расна дискриминација и трговија со робови? Во оваа фаза, во која расположението во земјата врие? Тој сака да врши поделби. Негова желба е да отвора стари рани.
Демократите одамна предупредуваат
Повеќемина политичари од Демократската партија, како Берни Сандерс, како Џо Бајден, уште порано предупредија дека овој претседател нема без борба да прифати пораз. Се чини дека овие стравувања ќе се остварат. Уште повеќе: колку ќе се помали неговите шанси за изборна победа, толку расте неговиот уништувачки бес.
Донал Трамп на крајот нема да успее да го онеспособи правниот систем на САД. Но, на улиците на САД забележуваме милитаризација на политичките конфронтации која мора да предизвика загриженост. Добро е што сѐ повеќе Републиканци се дистанцираат од својот дезориентиран претседател. Се чини дека и ним им станува јасно дека со ваков човек немаат иднина. И на крајот ќе ја сносат одговорноста за него.