1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорни субвенции за електроавтомобили

Ролф Венкел/ превод:сн29 април 2016

Германската влада одлучи да субвенционира купување на електроавтомобили. Тоа нема ни да ја поттикне продажбата ни поволно да влијае врз климата, смета Ролф Венкел и предлага ограничување на брзината на автопатиштата.

https://p.dw.com/p/1Iejr
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Schmidt

Признавам, никогаш не сум возел автомобил. Луѓето кои го возат се воодушевени од големото забрзување проследено се речиси бесшумна работа на моторот. Велат дека е прекрасно чувство.

Тоа има своја цена. Најевтиниот Голф со електромотор чини 35 илјади евра- со обичен меѓу 17 и 27 илјади. Со обичниот Голф со полн резервоар можете да возите и до 700 километри, додека за оној на електричен погон мора итно да се побара штекер само по 190 минати километри.

Заклучокот гласи: дури и ако државата и индустријата ми даваат премија од 4000 евра за купување на електроавтомобил, јас не можам да си дозволам таква инвестиција. Едноставно, односот на цената и она што се добива за тие пари е сѐ уште лош. На ниту еден германски производител на автомобили досега не му појде од рака да произведе модел кој би бил алтернатива за класичното возило. Дури не успеаја ни да произведат модел кој би бил толку „ин“ за да би посакал да го имам. Кај автомобилите нема толку брзо да се јави таканаречениот „морам да го имам ова“ ефект, кој понекогаш го имаме кога станува збор за мобилините телефони. Тој факт нема да го променат ниту 4000 евра.

Проблем со иновациите

Тоа особено важи за моделите на германските автоконцерни. Не можам да избегам од впечатокот дека германската автоиндустрија му приоѓа со половина срце на развојот на електроавтомобили. Експертот за автоиндустрија, Штефан Брацел вели дека станува збор за „проблем со иновациите“. 70 насто од истражувачките активности се одвива во сегментот на конвенционални автомобилиски мотори, констатира Брацел. Првенствено се работи на намалување на потрошувачката на моторите на дизел и на бензин.

Wenkel Rolf Kommentarbild App
Ролф Венкел

Од агол на потрошувачите, тоа е разбирливо. Побарувачката по електроавтомобили и натаму е мала. Поради тоа не можат да се постигнат големи серии за намалување на просечните трошоци на производство. Маржата е мала, а цената во однос на големината на возилото е висока. електроавтомобилите се играчка за богатите. Но ние нема да се збогатиме продавајќи ги. Тогаш зошто да трошиме пари на истражување и на развој на иновации?

Гревови од политичка природа

Меѓутоа, германската влада сепак самата себе си се доведе под притисок најавувајќи ја целта: до 2020 година на улиците на германските градови да има еден милион електроавтомобили. Со оглед дека таа цел очигледно е невозможно да се постигне, истовремено се сторени два „политички грева“. Во социјално-пазарната економија која ја заговара германската влада, давањето субвенции е грев кој лесно се простува, особено што тука станува збор за индустријата во која се остварува промет и профите во милијарди евра. И нека никој не ми кажува дека само затоа што автоиндустријата се обврза да сноси половина од износот на споменатата премија, тука не станува збор за „кривично дело“ субвенција.

Згора на тоа, за таа поддршка на продажбата на електроавтомобили ќе се издвојат средства од државниот буџет. Даночните обврзници така ќе ги финансираат играчките за богатите. Здружението на даночни обврзници на Германија оценува дека тоа е „планско стопанство де лукс“. Еколозите ионака сметаат дека индивидуалниот сообраќај е модел кој на долги патеки го отслужил своето и оти државните средства треба да се вложат во развој на мрежата за јавен сообраќај.

Еколошка сметка

Така повторно стигнавме до екологијата. Електроавтомобилите сами по себе не се еколошки возила, сѐ додека Германија за производство на струјата користи јаглен. Производството на еден автомобил на електричен погон во конечната сметка остава речиси исто толкава штета за околината, колку и производството на конвенционален автомобил. Значи, електроавтомобилите и не се некое моќно оружје во заштитата на животната средина.

И без сето ова- владината политика за заштита на климата останува неуверлива сѐ додека не се воведе генерално ограничување на брзината на германските автопатишта. Тоа не само што во тони ќе ги намали честичките на микроправ и количеството на штетни гасови во воздухот, туку би го намалило и бројот на мртви во сообраќајни несреќи. Најубавото во сето тоа е што таа мерка за даночните обврзници би била- речиси бесплатна. За таков чекот, меѓутоа владата мора да има храброст да се се фати во костец со лобито на автоиндустријата. А кој политичар сака такво нешто?