1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Играчите и играта

19 јули 2017

Фобиите кои доминираат во поддршка на целосно измислениот и лажен национален мит се безмалку целосно производ на една патолошка национал-патриотска параноја која се заканува да стане мејнстрим, пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/2gm4n
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Една од главните поенти на промените на политичката сцена во Македонија, кои дојдоа по долгогодишната системска криза, беше да се смени играта, а не само играчите на сцената.  Морам да признаам дека ми остава непријатно чувство релативно лесното меѓусебно преземање на улогите од страна на двете најголеми македонски политички партии по трансферот на власта.  На пример, ВМРО ДПМНЕ, која беше еден од најголемите бранители на моделот на задолжување, сега уредно и без поголеми потреси ја презема улогата на СДСМ – после секое домашно задолжување, организира драматична прес конференција како Владата ги задолжила граѓаните со нови (колку и да се) милиони евра. Значи ист наратив, исти пораки, само актерите се сменија. Останува да видиме дали и СДСМ само ќе го преземе досегашниот владин манир, или таму ќе има некои посериозни промени.

Преземање на улогите

Проблемот со ваквото мирно преземање на улогите е опасноста дека со тоа ќе се преземат и некои нерационални фобии, особено во националните приоритети, така паѓајќи во стапицата која долго не блокираше по повеќе клучни прашања. Тука на пример влегува целата атмосфера на страв, недоверба, ксенофобија и ретроградна националистичка реторика која сѐ уште доминира во целата надворешна политика, форсирајќи некаков вештачки манир на тајновитост и чувство на вина кај новата власт, во моментов највидлива во договорот за добрососедство со Република Бугарија. Некако прелесно паднавме во стапица дека треба да се правдаме, објаснуваме, криеме, или да имаме било какво чувство на вина при преговарањето, објавувањето и ратификацијата на овој договор, кој е индикација на новиот пристап во надворешната политика, и секако, лакмус за капацитетот дома на возрасен начин да се соочиме со комплексноста која е на националните компромиси кои ги бара новото време. Ваквиот подозрив страв како манир е дотолку поопасен бидејќи се заканува, притоа целосно нерационално, да ги саботира вкупните напори за затворање на прашањата со соседите, па со тоа и откочување на евроатлантските интеграции, кои се, де факто, една од највидливите суштински промени во новиот амбиент кој го создава промената на власта. Притоа фобиите кои доминираат во поддршка на целосно измислениот и лажен национален мит се безмалку целосно производ на една патолошка општествена национал-патриотска параноја, која се заканува да стане мејнстрим, доколку не се пресече одлучно и со здрава доза на самодоверба од страна на новата власт. Да не заборавиме дека постојат цели генерации квази интелектуалци, кои направија национални кариери за себе и своите поколенија, во сите балкански држави, само и исклучиво, на темата страв од соседите и мантра дека еве, од понеделник, некој ќе налета идентитетски да не парчи, дели и поробува. За нашата надворешна политика би било погубно да останеме заложник на овие мистично-окултни кујни, напротив, на нив треба да им се пристапи со здрава доза на презир и хумор, откривајќи ги во својата целосна празност и шупливост.  Со други зборови, сечи таа гранка, главата високо и “ич око да не ти трепнуе”. 

Bulgarien Mazedonien Zaev bei Borissow in Sofia
Зоран Заев и Бојко БорисовФотографија: Reuters/S. Nenov

Нема „златна средина“

Се согласувам дека содржината на нужните компромиси и потези кои следуваат во регионалната разврска на новата глобална геостратегија треба да бидат предмет на поширока општествена опсервација, но никако тоа да прерасне во некаков јалов обид за национален консензус, кој е однапред осуден на пропаст, а притоа ќе не остави вечно блокирани од сопствените комплекси на инфериорност, кои ги проектираме како празно перчење надвор. Значи секој би требало да има увид и можност за мислење по овие прашања, низ некаков системски процес (национални конференции за секое вакво прашање, или јавни консултации), но тоа не смее да се претвори во замка дека треба да ги дебатираме истите додека на сите не им се допаднат.  Тоа е невозможно, и ќе биде злоупотребено.  Да се потсетиме: национален консензус не може да има кога од едната страна имаме група која инсистира на отворен дијалог и мостови со соседите и кон НАТО и ЕУ, а од другата страна имаме група која сѐ уште не е до крај убедена дека идејата за поделба на Македонија (поддржана од највисоките научни кругови) не е можеби подобро решение. Тука нема златна средина, да го парафразирам Никола Младенов. 

Договорот со Бугарија, само како најнов пример, е прво, наметнат од ваквите ксенофобични стравови, кои ја обоија македонската надворешна политика како исклучително националистичка и радикална. Не може оние, чие поведение во основа е причина зошто Бугарија инсистира на ваков договор, сега да бидат негови рецензенти и критичари.  Па по ѓаволите, кај ги поправаме нивните го***, па уште тие да ни го одобрат методот. Второ, ваквиот договор е апсолутно во интерес на Македонија, зашто на еден доста отворен и транспарентен начин затвора едно историско поглавје. Притоа, тој договор не е, и не може да биде, идеален, ниту за Македонија, ниту за Бугарија. Доволно е што двете страни се подеднакво задоволни или незадоволни, и поважно, што пристапиле кон договор воопшто, што означува дека се подготвени да се слушнат, разберат, и договорат дека минатото нема да им биде пречка за иднината.

Затоа при објавувањето, дебатата или јавната полемика за новите пристапи и потези на надворешен план, мислам дека би било погубно да влеземе, притиснати од мрморењето на овие национални кујни, кои повеќе личат на бајачки одошто на интелектуалци, во било каков, па и најмал, манир на апологетство или внимателност. Тука треба храбро, уверено, и без многу страв од домашните реакции.  Кога потезите ќе поминат, и кога ќе видиме дека утредента пак светнал ден и отсуствува најавената апокалипса, страстите брзо ќе се смират, а на Македонија ќе и биде значително подобро. Ова особено што такви дилеми ни претстојат уште повеќе, во кои не смееме да дозволиме оние кои живеат во минатото да ни ја киднапираат иднината.

Сосема на крај, видов еден твит деновиве: "ако мислиш дека работите во животот ти одат споро, сети се на Метју Нимиц”. Се надевам дека ќе имаме шанса да ставиме во втора.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема