1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ивановиќ: Приштина сака што помалку Срби да излезат на локалните избори

СН/АТ/бета10 август 2013

Претседателот на граѓанската иницијатива „Србија, демократија, правда“ Оливер Ивановиќ оцени денеска дека властите во Приштина ќе стора сѐ за што помалку Срби да излезат на претстојните локални избори во Косово.

https://p.dw.com/p/19NOM
Фотографија: DW

Оливер Ивановиќ, кој е и поранешен секретар за Косово и Метохија, изјави за Радио Телевизија Србија (РТС) дека цел на Приштина е што повеќе да се забават процесите и да се потроши време до 3. септември, кога е последен ден за пријава на политички ентитети за изборите.

„Поентата е да се забават процесите што е можно повеќе, за да изгубиме ние време и кога Хашим Тачи и Ивица Дачиќ ќе се видат во Брисел на 27. или 28. август за конечно да се договорат, ќе остане малку време за сите акции да се изведат. Се прави сѐ што помалку луѓе да излезат на избори“, истакна Ивановиќ.

Според неговите зборови, Приштина поради две причини се решила да ги прифати изборите: на јавноста секој потег на Белград да и го претстави како признание, и да добие публицитет во меѓународната заедница.
Ивановиќ оцени дека претставниците на четрите српски општини на северот на Косово нема да го променат ставот за учество на локалните избори „затоа што предалеку отидоа со одбивање на Приштина“ и ѝ порача на Владата на Србија „да не обрнува внимание на нивните ставови“.

Oliver-Ivanovic.jpg
Оливер ИвановиќФотографија: DW

Тој укажа на тоа дека до граѓаните на Косово стигнуваат многу малку информации за состаноците на представниците на Владата на Србија и претседателите на општините и дека мора да се испрати јасна порака која сите ќе ја разберат.
„Кога Ивица Дачиќ (лидер на СПС) и Александар Вучиќ (лидер на СНС) ќе речат: 'Мојата партија ќе се појави на листата', тогаш таа порака сите ќе ја разберат, жителите и северно и јужно од Ибар“, рече Ивановиќ.

Тој идејата за излегување на изборите со единствена листа ја оцени како потполна „политичка бесмислица“ и додаде дека таа единствено би имала смисол на изборите кои се одржуваат јужно од Ибар или на парламентарни избори.
„На север 90 проценти од населението се Срби. Единствена листа е можност да се провлечат некои полукадри. Врз основа на изборите ќе се формира Заедница на српски општини, и ако тоа бидат политички кадри, ќе уништиме уште една институција“, изјави Ивановиќ.

Локалните избори во Косово се закажани за 3. ноември.