1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kакви сигнали испраќа НАТО?

Катерина Блажевска24 ноември 2015

Алијансата ја реактивира агендата за присуство во регионот, коментираат аналитичари, пред денешната средба на македонскиот претседател со генералниот секретар на НАТО

https://p.dw.com/p/1HB4G
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

Ќе го засилува ли НАТО своето влијание на Балканот, по терористичките напади и безбедносните ризици што ги носи бегалската криза? Ова прашање се актуелизира откако Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, само за неколку дена се среќава со двајца лидери од земјите на Западен Балкан. Во минатиот петок тој во Белград оствари средба со српскиот премиер, Александар Вучиќ, а истиот ден беше донесена и важна одлука: КФОР ги укина сите ограничувања што важеа за делови на воздушниот простор во Србија, кои беа во сила од 1999 година.

Денеска во Брисел Столтенберг ќе се сретне и со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој вчера имаше средба и со првиот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс. „Во фокусот на разговорите на претседателот Иванов со неговите соговорници во Брисел ќе биде интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, како и актуелните состојби поврзани со мигрантската и бегалската криза“, соопшти Кабинетот на претседателот.

Но, дали е тоа се‘? Според аналитичарите, постои впечаток дека НАТО ја реактивира агендата за присуство во регионот. Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет на Македонија, кој деновиве се врати од Брисел, вели дека е извесно оти Алијансата има иницијатива за создавање поширока коалиција во борбата против тероризмот.

Mazedonien Gorge Ivanov bei der PK mit NATO Anders Fogh Rasmussen in Brüssel
Иванов во Брисел на разговори за членството во ЕУ и НАТО и бегалската кризаФотографија: MIA

„Македонија е партнер на НАТО и најверојатно ќе се разговара и таа да се вклучи во евентуална коалиција, со тој капацитет што го има. Според моите информации, мисијата на САД во НАТО е особено активна и веќе разговара со сите претставници на мисиите на земјите - партнери. Таков разговор имало и со македонскиот амбасадор“, вели Рамадани.

Според него, формациите во Авганистан и други земји би можеле да бидат потенцијал за вклучување во евентуална нова мисија на НАТО. Но, засега тоа се само претпоставки.

„Мислам дека по тоа прашање повеќе се смета на делот на армиите. Во тој контекст претпоставувам дека е и средбата со Иванов, бидејќи тој е врховен командант на АРМ“, вели Рамадани.

Премиерот нема пристап

Нано Ружин, поранешен македонски амбасадор во НАТО во два мандата, смета дека тоа всушност е една од првите дилеми: зошто Меѓународниот кабинет на Генералниот секретар не го повикал премиерот во Брисел, туку претседателот, кој извршува само симболичен дел од извршната власт.

„НАТО го следи примерот на ЕУ и тие дејствуваат во синергија преку КООПС како постојана институционална форма на соработка, но и низ други форми на заемно информирање. Во таа насока тие се во редовна координација за прашања кои се однесуваат на трети држави. Така е и во случајот со Македонија. Сите во Брисел се добро информирани за скандалите на власта. Премиерот, разбирливо оптварен со аферата за прислушување, веќе нема пристап во Алијансата. Тоа е голема и јасна порака и кон Груевски и кон неговите коалициски партнери. Од друга страна, неколку месеци пред Самитот на НАТО во Варшава, каде постои можност тоа да биде и Самит на проширување на кој би била поканета Црна Гора, разбирлив е интересот на Столтенберг (добар познавач на Балканот и многу повеќе сврзан за овие простори од неговиот претходник Расмусен) да оствари средба со лидер од аспирант за членство во НАТО, а тоа е претседателот на Македонија“, вели Ружин.

Тој укажува дека слична ситуација имало и во кризната 2001 година.

„Во отсуство на релевантен претставник на Владата, заради лошиот имиџ на тогашниот премиер Георгиевски, во 2001 година Северноатланската Алијанса се фокусираше врз претседателот Борис Трајковски, кој одигра улога на медијатор меѓу двете тогашни политички опции во земјата“, потсетува Ружин.

Освен за актуелната состојба со бегалците која му се заканува на целиот регион и ефектуирање на кризен манаџемент во евентуални заеднички напори во битката против тероризмот, Ружин смета дека неибежна ќе биде и темата за грчко-македонските преговори кои имаат изгледи да мрднат од мртва точка, со оглед на престојната посета на македонското МНР на Атина, како и разговори за состојбата во земјата.

„Ако има средба во четири очи, можно е да се елаборираат и некои од досиејата како што се Кумановските настани, криминални афери... НАТО никогаш не молчи и зад секој настап на висок функционер на Алијансата се присутни три принципи: отвореност, аргументираност и деликатност. Се надевам дека Иванов ќе ги пренесе целосно пораките на Алијансата искажани од Столтенберг“, вели Ружин.

Сменети односи

За безбедносната состојба во регионот и во Европа по големиот бегалски и мигрантски бран и по терористичките напад во Париз, Иванов вчера разговарал и со Тимерманс. Дали тоа ќе биде фокусот и на разговорите со Столтенберг? Александар Генчов, поранешен државен советник за безбедносни прашања, е уверен дека НАТО ја реактивира агендата за присуство во регионот, исклучиво врз тие два крупни политички процеси: терористичките напади и бегалската криза како „предизвик со висок безбедносен ризик“.

NATO berät über Lage der Türkei
Столтенберг ќе има тешка мисија?Фотографија: Reuters/F. Lenoir

„Креаторите на чинот во Париз атакуваа на вредностите на граѓанска и политичка кохезија на западната демократија. Тие исти западни вредности кои до пред некое време беа 'алфа и омега', сега се сериозно доведени во прашање, како во Европа така и кај нас. И на европско тло, но и кај нас, присутни се сите предуслови тие вредности на кохезија да почнат да се уриваат. Има можност за пораст на ксенофобијата бидејќи нетрпеливоста кон странците расте, а да не споменуваме дека и верскиот елемент може во секој момент да се распламти. Сето тоа може да доведе до предизвици кои Европа и НАТО секако дека во оваа фаза ќе ги издржат, но ни оддалеку не е сигурно дека ќе го задржат и единството во одлуките и дејствата, а тоа е една примарните цели на силите кои што посакуваат распад на оваа досега најсилна алијанса на земји сместена во НАТО и ЕУ. Затоа Столтенберг е во регионот. Затоа сега е голема шансата и за нас. Се разбира дека и одлуката за повлекување на забраната за летови е голем ветар во грбот за прозападна Србија“, оценува Генчов.

Белград веќе покажа дека нештата се менуваат. Генералниот секретар на Алијансата, која во Србија со години го добиваше епитетот „агресорска“, од студентите на тамошниот Факултет за правни науки беше дочекан со аплауз. Според Генчов, нештата се менуваат и во Македонија. Но, изгледа во обратна насока од посакуваната.

„За Македонија НАТО веќе ни оддалеку не е предизвик како што беше. Ниту пак НАТО гледа со исти очи кон нас, како пред седум-осум години. Оваа власт ја спушти таа релација многу подолу на листата на приоритети и ја намали свеста кај граѓаните за потребата од НАТО, на доста пониско ниво. Затоа Столтенберг ќе има тешка мисија. За првпат потешка во Македонија, отколку во Србија“, констатира тој.