1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И ќерките можат да водат фирма

Матилда Јорданова-Дуда / Е.М. Фиданоска23 јуни 2015

Околу 135.000 фирми во Германија наредните години ќе трагаат по наследник. Ако ќерките порано беа резервно решение, сега една третина од фирмите имаат предвидено жена наследник на чело, дури и во индустријата.

https://p.dw.com/p/1Fm8b
Фотографија: picture-alliance/dpa

Керстин Цесин не сакала да се задоволи со местото на службеник. Сакала самата да носи одлуки и нешто да придвижи. Се обучувала во индустриско претпријатие на чие чело била жена. И‘ се допаднало како нејзината шефица ја води фирмата. Рано и‘ станало јасно дека сака да раководи со претпријатие - семејното или некое друго. Татко и‘ имал фирма во Мух која произведува агрегати за струја. Керстин Цесин го ставила татко и‘ пред избор: „Или ќе најдеме решение или ќе си барам нешто што ќе можам да го преземам.“

На почетокот на 1990-тите младата девојка била надлежна за се‘ што има врска со продажба, возела на терен, водела преговори за договори и се образувала постојано за да може да одговори на менаџерските задачи. Во 2006 година го купила претпријатието од своите родители и сега го води заедно со сопругот. Нејзиното претпријатие има 22 вработени и со машинопроизводство и продукција на агрегати годишно прави обрт од 3 милиони евра.

Nadine Schlömer-Laufen Unternehmensnachfolge
Керстин Цесин, претприемачФотографија: DW/M. Jordanova-Duda

Од наследникот зависат два милиона работни места

Средно претпријатие какви што во Германија има стотици илјади. И околу 135.000 од овие семејни претпријатија до 2018 година ќе бидат во потрага по наследник на врвната позиција, пресмета Институтот за истражување на средниот слој (ИфМ) во Бон. Два милиона работни места зависат од успешното предавање на кормилото на наредната генерација. Повеќето од половината од сопствениците сакаат да ја предадат фирмата во рацете на своите деца, додека остатокот е во потрага по соодветен кадар од вработените или екстерни лица.

Има се‘ повеќе стари претприемачи и се‘ помалку подмладок. Сепак, Роземари Кај од ИфМ не е на мислење дека има дупка во процесот на предавање на раководните функции: „Чисто математички, бројот на луѓето кои сакаат да преземат некое претпријатие е многу поголем од бројот на претпријатија кои треба да бидат предадени.“

Iris Kronenbitter Unternehmensnachfolge
Ирис Кроненбитер: Денес имаме најдобро квалификувана генерација жениФотографија: privat

Во Германија традиционално притоа на врвот доаѓаат синовите. Ако нема машки наследник, на чело на фирмата застанува зет или се вработува раководител. Денес, се‘ повеќе фирми се во женски раце. Сепак, ретко ќерките се подготвуваат така амбициозно како Керстин Цесин. Тие по правилот скокаат во браншата затоа што „нема соодветен маж“. И покрај тоа, жените имаат успех, дури и во условно речено машките бранши, како металската или електроиндустријата. „Машките семејни наследници често рано се насочуваат, избираат соодветна професија и прават пракса во браншата“, раскажува Ирис Кроненбитер, раководителка на Агенцијата на жени основачи на фирми (бга). „Од друга страна, имаме наследнички на раководните позиции кои скокнале во студена вода сосема неподготвени и потоа се доквалификувале. Но, кога на крајот ќе се споредат економските податоци, не може да се утврди разлика.“

Потенцијалот мора да се открие

Денес имаме најдобро квалификувана генерација жени, нагласува Кроненбитер. Мажите сега повеќе прифаќаат успешни жени покрај себе. Тоа се добри предуслови за ќерките да бидат рамноправни при преземање на претпријатијата. Секоја година Агенцијата на жени основачи на фирми спроведува акционен ден на сојузно ниво, под мотото „Наследникот е женско“, со цел да укаже на потенцијалот што постои. Оваа година тоа е денешниот ден.

Nadine Schlömer-Laufen Unternehmensnachfolge
Надин Шлемер-Лауфен: Со текот на времето ќе се промени и сликата за половитеФотографија: privat

Притоа, не зависи се‘ само од родителите, туку и од ќерките, вели Надин Шлемер-Лауфен од ИфМ: „Тие мора да имаат самодоверба, која ќе ја зајакнуваат. Мислам дека со текот на времето ќе се промени и сликата за половите.“ На крајот сепак одлуката ја носи стариот сопственик на фирмата. Роземари Кај и Мадин Шлемер-Лауфен минатата година истражуваа дали полот на сопственикот на фирмата притоа има значење или не. Навистина, „мајките со поголема веројатност ги избираат ќерките, додека татковците ги избираат синовите за наследник“, нагласува Кај. Причината е едноставна - се избира оној кој ви е најсличен.