1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И опозицијата и Собранието во пат-позиција

Катерина Блажевска3 ноември 2014

Според извори и од власта и од опозицијата, не е исклучен нов компромис - да не се констатираат или одземаат мандатите, за да му се даде уште една шанса на дијалогот, но најдоцна до декемврискиот Самит на ЕУ

https://p.dw.com/p/1Dfvq
Фотографија: Petr Stojanovski

Одземање на пратеничките мандати, констатирање на дадените оставки на мандатите, обновување на политичкиот дијалог надвор од Собранието или натамошна статус-кво ситуација. Ова се четирите „опции“ пред кои политичките елити ќе ја тестираат демократската зрелост и институционалниот капацитет, во пресрет на 10 ноември, кога истекуваат шест месеци откако 31 пратеник на опозициската коалиција предводена од СДСМ, отсуствува од работата на Собранието. До денес во законодавниот дом не е најавена посебна седница на која ќе се расправа за одземање на опозициските мандати. Но, тоа и не е задолжително, со оглед дека постапката за одземање на мандатите предвидува генералниот секретар на Собранието да го извести претседателот Вељаноски кои пратеници половина година неоправдано отсуствувале. Потоа претседателот ја задолжува Kомисијата за деловнички и мандатно-имунитени прашања да се изјасни за неоправданото отсуство на опозициските пратениците и да даде препорака дали да им се одземе мандатот. Мандатно-имунитената комисија треба заклучокот да го достави на пленарна седница, каде што за одземање на мандатите се одлучува со двотретинско мнозинство (82 гласа). Пратениците имаат можност и да не ја прифатат препораката од Kомисијата.

Оправдано отсутни

Во опозицијата велат дека досега на никаков начин не е законски констатирано „неоправданото отсуство“ на нивните пратеници. Имено тие веќе шест месеци земаат цела плата, а за неоправдано отсуство би требало да им следува само една третина. Редовно им се надоместуваат и трошоците за службените телефони. Во собранискиот Деловник се предвидени и пет отсто намалување од платата за неколку по ред неоправдани отсуства, кои се зголемуваат со секое натамошно отсуство. Ако се пресмета бројот на досегашните отсуства, опозициските пратеници одамна имаат „заработено“ приход – нула. Но, во практика не е така. Во владејачкото мнозинство, пак, сметаат дека дилемата е расчистена со фактот што претседателот на Собранието пред почетокот на секоја седница пратениците на СДСМ не ги чита како оправдано отсутни. Според професорот по уставно право, Осман Кадриу, отсуството на опозицијата не може да се смета за неоправдано. „Во случајов нема 'неоправдано отсуство'. Тие уште во почетокот се изјаснија дека не ги прифаќаат мандатите и поднесоа писмени оставки во Собранието. Парламентот требаше веднаш да ги констатира. Тоа не беше направено, единствено со цел да му се даде шанса на политичкиот дијалог. Но, не требаше работата да се пролонгира повеќе од еден месец. Сега може да им ги одземат мандатите, но таквиот потег, пак, не кореспондира со фактичката состојба, бидејќи не е во прашање неоправдано отсуство, туку јасно изразена волја со навреме депонирани оставки“, вели Кадриу.

Засега е неизвесно на каков чекор ќе се определи Собранието. Опозицијата најави дека нема да се врати во парламентот. На седницата на Извршниот одбор на СДСМ со пратеничката група е констатирано дека владејачкото мнозинство е единствено виновно за правната и политичка конфузија во која се наоѓа Собранието.

„Пратениците на опозицијата пред пет месеци ги депонираа своите оставки во Собранието. Трајко Велјановски може да ги верификува во секој момент и нема потреба од поврзување со било какви датуми за тоа да го стори“, соопшти СДСМ.

Собранието има широк законски простор за постапување, но прашањето е повеќе од процедурално. Во време кога ЕК ја нагласува потребата од враќање на политичкиот дијалог и функционирање на парламентот во полн капацитет, одземањето на мандатите може да биде непопуларен и погубен чекор, кој во корен ќе ја сосече шансата за тоа, без оглед што и досегашните скромни обиди не дадоа некаков резултат во таа насока. Камен на сопнување е барањето на СДСМ за формирање техничка влада, чиј единствен мандат ќе биде обезбедување фер и демократски избори. Партијата не отстапува од него, а за власта тоа е единственото барање што е целосно неприфатливо. Во тој затворен круг шест месеци се тапка во место.

Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Чекаат одговори

Иако СДСМ соопштува дека е цврсто за политиката на бојкот, во партијата има поделеност по прашањето дали пратениците треба да се вратат во законодавниот дом, дали треба да се попушти во однос на барањето за техничка влада, но и дали треба се преземат порадикални мерки - напуштање на советите и оставки на градоначалничките функции. Членството отворено го поставува прашањето што доби, а што загуби СДСМ со бојкотот во изминатите месеци.
Според аналитичарите, СДСМ е во многу тешка и комплексна ситуација. Ако пратениците се вратат во парламентот, во партијата стравуваат дека ќе бидат прогласени за неконзистентни во своите одлуки, а ако останат на ставот за бојкот – дека ќе бидат прогласени за неконструктивни, но и се повеќе изолирани и невидливи поради малиот медиумски третман на нивните активности. Но, и ако опстанат на ставот за бојкот, прашањето е со што ќе го супституираат отсуството од институциите, односно со што ќе ја одржат својата политичка релевантност.

„И ние немаме одговор на тоа прашање“, велат пратеници од опозицијата, незадоволни што на последниот состанок со Извршниот одбор тие прашања биле потиснати, односно неодговорени.
„Што ако не се постигне договор за техничка влада, а се закажат општи или парцијални избори за испразнетите места во парламентот? Дали во тој случај СДСМ ќе оди на избори или ќе остави некоја друга 'опозиција' да го пополни тој простор? Ние сега треба да имаме интензивни средби со граѓаните 'од врата до врата', да ги слушаме нивните проблеми, да нудиме решенија и да очекуваме дека ќе гласаат за нас. А како ќе гласаат за нас, ако СДСМ не учествува на избори поради тоа што не се прифаќа барањето изборите да ги спроведе техничка влада? На сите овие прашања, раководството не ни даде одговор. Не сакаме да ја рушиме одлуката за бојкот, но ако на овие прашања не добиеме одговор до моментот на евентуалната постапка за одземање на мандатите, не можеме да гарантираме дека одреден број пратеници нема да се предомислат и да се вратат во парламентот“, објаснува за ДВ, пратеник на опозициската коалиција.

Едно лице - два гласа

Одговорите кои не биле дадени на седницата на ИО на СДСМ, пратениците ги очекуваат на коалициската средба која треба да се одржи неделава, на која ќе присуствуваат лидерите на НСДП и на Либерално-демократската партија, Тито Петковски и Андреј Жерновски, како и носителите на пратеничките мандати.

Trajko Veljanoski
Трајко ВелјаноскиФотографија: MIA

Лидерот на НСДП, Тито Петковски вели дека на неодамнешната средба со Жерновски заеднички констатирале дека ги потврдуваат донесените партиски одлуки за бојкот на работата на Собранието.

„Власта калкулира со шпекулации дека одреден број пратеници ќе се вратат во парламентот. Има малкумина кои сметаат дека треба да се прекине со бојкотот. Тоа го кажуваат во демократска и транспарентна дебата, но и покрај различното мислење, и тие се решени да го почитуваат ставот на партиските органи“, вели Петковски.

Пратениците на СДСМ, уште пред пет месеци, поднесоа писмени оставки во парламентот. Постапката за нивно констатирање е многу поедноставна од постапката за одземање на мандатите, која е предвидена во член 65 од Уставот. Ако се случи одземање на мандатите на опозиционерите, треба да започне постапката за информирање на следните кандидати од листите. Таа постапка ја води ДИK. Ако листите се исцрпени и никој не го прифаќа мандатот, треба да се закажат дополнителни избори само за испразнетите места. Но, според уставните експерти, тоа би било противуставно решение. Македонија има пропорционален изборен модел, а со дополнителни избори ќе се даде можност исти лица да гласаат два пати и нивните гласови да бидат повеќекратно претставени во парламентот. Можноста да имаме „едно лице, а два гласа“ е противуставна, предупредуваат експертите. Како да се излезе од тој затворен круг?

Според извори и од власта и од опозицијата, не е исклучен нов компромис - да не се констатираат или одземаат мандатите, со цел да му се даде уште една шанса на дијалогот, кој би дал резултати најдоцна до декемврискиот Самит на ЕУ. Ако дотогаш не се деблокираат состојбите, можно е во мај да има нови избори, тврдат партиски извори. Но, тоа би значело дека тие ќе се одржат без техничката влада што ја бара опозицијата, со што приказната повторно се враќа на почеток: ќе учествува ли опозицијата на такви избори?