1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„И Бин Ладен така ја почна терористичката кариера“

Матијас фон Хајн/ Ж. Ацеска7 декември 2014

Радикализираните исламисти-повратници од војната во Сирија се акутна терористичка опасност. Затоа, на џихадистите не треба ни да им се дозволи да отпатуваат, смета експертот Петер Нојман во интервју за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1E0RR
Фотографија: Issouf Sanogo/AFP/Getty Images

Дојче веле: Германските служби зборуваат за околу 550 радикализирани луѓе кои од Германија отпатувале да се приклучат на т.н. Исламска држава во Сирија. Каква опасност произлегува од овие луѓе кога ќе се вратат?

Петер Нојман: Постои загриженост некои од овие повратници да вршат терористички активности. Причината за стравувањето е нивното натамошно радикализирање преку тамошниот конфликт. Уште една причина е што тие се стекнале со одредени способности, на пример правење бомби или употреба на оружје. И се разбира, тоа што во текот на престојот на такви места тие создаваат свои мрежи. Се стравува во Сирија да се случи токму она што веќе го искусивме во 80-те години во Авганистан. Таму стигнуваа исламистички мотивирани луѓе од цел свет за да се борат против Советскиот сојуз. По војната, многумина од нив се вратија во своите татковини. Некои пак станаа активни во други конфликти.Така се создаде Ал Каеда. Ако се погледне, за терористичките напади од 11 септември 2001 година се одговорни луѓе кои учествуваа во авганистанскиот конфликт во 80-те години. Кариерата како терорист Осама Бин Ладен ја почна како борец во странство.

Како да се намали опасноста од овие луѓе по нивното враќање од фронт?

Според мене, најважно е овие луѓе да бидат спречени да ја напуштат земјата. Нема никаков смисол да им се одземаат пасошите кога веќе отпатувале, или да им се одзема државјанството. Со тоа овие луѓе уште повеќе се притеснуваат. Важно е да се спречи заминувањето на луѓето, да се врши превентивна работа. Се разбира, тоа е тешко. Но, сепак постојат можности. На пример, знаеме дека многумина заинтересирани за Сирија не одат таму, зашто веруваат-наместо против режимот на Башар ал-Асад или ирачката војска, ќе бидат терани да се борат првенствено против други сунити. Тоа е факт. Тоа го слушаме од странските борци кои заминале таму. Такви информации треба да се прошируваат. Исто така, потребно е да добие јавност фактот што многумина Сиријци го одбиваат присуството на странските борци, имаат негативен став кон нив. На оние кои сакаат да одат во Сирија, носени од идејата да ја ослободуваат-да им се објасни дека Сиријците воопшто не ги сакаат.

Dr. Peter Neumann
Петер НојманФотографија: Peter Neumann

Како треба да изгледаат програмите за повратниците, дали тие треба постојано да бидат држани на око?

Постојат различни групи на повратници, исто како што има и различни мотиви за одење во Сирија. Различни се и искуствата на овие луѓе во Сирија. Јас разликувам три групи: оние кои се вистински опасни, терористи, џихадисти кои сакаат да бидат активни и по враќањето. Од нив општеството треба да се заштити, делумно да ги гони кривично и да ги стави в затвор. Потоа, постојат луѓе со помала идеолошка мотивација, но трауматизирани од конфликтот. Тие луѓе во одредена мера се пореметени. Се разбира, и во овој случај општеството терба да се заштити. Можеби на друг начин освен кривично гонење, на пример со психијатриско лечење. Трета група се луѓе кои се разочарале, ги загубиле илузиите, ккави ги има се‘ повеќе во последно време. Нивните искуства во Сирија се многу поинакви од она што си го замислувале и тие не планираат никакви терористички напади. Најважно за безбедносните служби од сите европски земји е да развијат методи за класифицирање на овие луѓе, за препознавање кој во која група припаѓа. Во многу европски земји веќе постојат програми за реинтеграција и дерадикализација, сега останува нивно прилагодување на повратниците од Блискиот Исток.

Дали во Германија постојат соодветни структури кои би се занимавале со радикализираните повратници од сирискиот конфликт?

Во Германија постојат т.н. Егзит -програми, кои на почеток беа применувани на неонацистите, а сега на исламистите. Според моја оценка, тоа се многу добри програми кои германската влада порано не ги поддржуваше колку што треба. Лицата кои ги спроведуваат овие програми се неверојатно ангажирани и сакаат да дадат свој придонес и во поглед на Сирија. Но, се разбира, ним им се потребни финансиски средства, а за тоа мислам дека е потребна политичка одлука.

Петер Нојман е професор на Меѓународниот центар за студии за радикализација и политичко насилство на Кралскиот колеџ во Лондон.