1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зошто вијагра во Германија се издава само на рецепт?

Александер Фројнд
19 февруари 2022

Проблемите со ерекција може да бидат предвесник на срцев удар поради што во Германија вијаграта, чија главна состојка е Силденафил, и понатаму ќе се издава само на рецепт – одлучи Експертската комисија.

https://p.dw.com/p/46Mns
Medikamente mit dem Wirkstoff Sildenafil - Viagra
Фотографија: Christophe Gateau/dpa/picture alliance

Во Германија вијаграта, чија главна состојка е силденфил, и понатаму останува достапна само на рецепт. Експертска комисија во Институтот за лекови и медицински производи (БфАрМ) го одби барањето сè што содржи силденфил да биде достапно во слободна продажба. Ова не се однесува само на вијагра, туку и на нејзините „копии“ кои исто така содржат силденфил, како на пример тадафил, варденафил или аванти. Конечната одлука секако ја носи Министерството за здравство, но тоа најчесто ги следи препораките на надлежната комисија.

Фармацевтската индустрија и Сојузното Здружение на аптеки подолго време бараат овие производи за потенција да може да се продаваат и без лекарски рецепт. Американската компанија Фајзер само во 2019 година ширум светот продала вијагра за речиси половина милијарда долари, иако заштитата на патентот е истечена уште во 2012 година, па на пазарот има безброј генерички апчиња со слично дејство.

Овие производи ги има во слободна продажба во многу европски земји како Полска, Велика Британија, Шведска и Норвешка, но и таму е задолжително аптекарите да бидат соодветно едуцирани за да може стручно да ги советуваат купувачите.

„Тоа не се бонбони кои се голтаат туку-така“, вели Урсула Зелерберг, портпарол на Сојузното здружение на германски аптеки. „Советувањето од страна на обучени фармацевти е неопходно, впрочем исто како и кај другите медикаменти.“ Ова е и еден од аргументите на аптеките – на црниот пазар овие „магични“ апчиња се продаваат без каква било контрола, а исто така многу лесно може да се нарачаат и онлајн.

Опасен „црн пазар“

Овие важни советувања отпаѓаат доколку ваквите таблети се нарачуваат нелегално, без рецепт, или онлајн. Освен тоа, на црниот пазар има многу производи со лош квалитет, предупредува проф. Франк Зомер, претседател на Германското здружение за мажи и здравје. „Пред неколку години спроведовме една студија во која анализиравме 22 вакви производи кои се продаваат на интернет без рецепт. Ги проверивме и заклучокот гласи дека над 80% не го содржат она што беше наведено. На пример, во група производи дозата беше четири пати поголема“, посочува професорот.

Тој предупредува дека доколку некој ги зема ваквите препарати редовно, има висок ризик од срцеви оштетувања. Кај дел од препаратите пак откриле и присуство на тешки метали.

На интернет не се продаваат само фалсификувани производи, туку има и онлајн понуди од лекари, каде заинтересираниот прво пополнува медицински прашалник, а потоа по потреба добива вијагра или друго средство од странство. Во основа тоа е оригинален производ по екстремно висока цена – на пример 60 евра за 4 таблети.

Medikamente mit dem Wirkstoff Sildenafil - Viagra
Експертска комисија во Институтот за лекови и медицински производи (БфАрМ) го одби барањето сè што содржи силденфил да биде достапно во слободна продажба во ГерманијаФотографија: Christophe Gateau/dpa/picture alliance

Еректилната дисфункција како предвесник на срцев или мозочен удар

Професор Зомер предупредува дека во основа мажите не треба да ги потценат проблемите со ерекција. Еректилната дисфункција често е поврзана и со дијабетес или проблеми со срцето. „Доколку проблемите со ерекција се поврзани со крвните садови, тогаш таа е предвесник на срцев или мозочен удар. Со преглед на крвните садови тоа може да се утврди и до осум години претходно, што е доволно за превентивно да се делува. Но, доколку прегледот отпадне, тогаш нема шанса ова да се открие“, вели Зомер.

- повеќе: Зошто мажите им испраќаат фотографии од својот пенис на жени?

Доколку болеста причинител не се третира, ќе дојде до постепено влошување и на еректилната дисфункција. „Може да има оштетување на нервите, но и на целата инфраструктура на пенисот, како и крвните садови кои водат до него“, појаснува Зомер. Ако не се открие причината, страдањето на мажите станува сè поголемо.

„Тогаш е потребна сè поголема доза за да се дојде до посакуваната ерекција и така сѐ додека и најсилната дозаовеќе не е доволна. Ако на лекар се оди дури во таа фаза, често е веќе предоцна за излекување“, заклучува професорот.

- повеќе60 години антибеби пилула: „Чудесното средство“ станува лајфстајл производ

Контраиндикации во комбинација со други лекови

Без совет од компетентно лице пациентите можеби и не се свесни кои лекови не може да се користат истовремено со силденафил. „Постојат лекови за срце кои содржат нитрати”, вели Зомер. Во комбинација имаат засилено дејство на намалување на крвниот притисок што може да доведе до шок-состојба или дури и смрт.

 „Ако пациентот има проблеми со срцето или постои сомневање за тоа, треба отворено да се каже во разговор со аптекарот или докторот", вели портпаролката на Здружението на германски аптеки, д-р Урсула Зелерберг.

Türkei Fotoreportage Gesundheitswesen Symbolbild
Без совет од компетентно лице пациентите можеби и не се свесни кои лекови не може да се користат истовремено со силденафилФотографија: DW/U. Danısman

„Подарок од небото“

Севкупно откривањето на силденавил од американскиот концерн Фајзер бил „подарок од небото”, смета Зомер.

Во 1980-тите уште преовладувал ставот дека најголем дел од пречките во ерекцијата се од психичка природа. „Денес науката смета дека е токму спротивно: 80 до 90 проценти имаат органски причини, а стравот дека ќе се потфрли е само капак.“

- повеќе: Секс во време на коронавирус

Преку опсежното информирање за сината таблетка темата проблеми со потенцијата излезе од табу-зоната, а оттогаш се направени и цела серија научни истражувања.

„Така и се покажа дека состојбата на крвните садови во пенисот може да претскажат срцев удар. Исто така, благодарение на ова многу почесто се дијагностицира и дијабетес.“