1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Значајниот молк од Централна Азија

17 март 2022

Во сегашната состојба, најголемиот придонес на Централна Азија кон меѓународните напори за мир во Украина е одбивањето на давање помош или поддршка за агресијата на Русија. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/48bSZ
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Швајцарија можеби зазеде страна по агресијата на Русија врз Украина, но неутралноста денес цути под носот на Владимир Путин, во Централна Азија. Регион во кој сите одеднадеж би сакале да бидат Туркменистан, земја со официјален статус на „позитивна неутралност” призната од Обединетите Нации и камен темелник на нејзината надворешна политика. Притоа, токму Туркменистан и Таџикистан се најмолчаливите од петте централно-азиски „стана” во изнесувањето на каков било став околу војната.

Казахстан го приреди највпечатливото изненадување преку одбивање на барањето од Кремљ за испраќање на воени сили во Украина, месец дена по интервенцијата на Русија во смирување на немирите во таа земја. Ставот на Киргистан еволуираше од Фејсбук-статус на претседателот Џапаров, во кој изрази разбирање за „потребните мерки” преземени од страна на Русија кон Украина, до далеку понеутрален став кон војната на киргиското МНР само ден подоцна, со повик на преговори и примирје. Слична ситуација се реплицира и во Узбекистан. По првичниот разговор помеѓу претседателот Шавкат Мирзијојев и Владимир Путин, Кремљ соопшти дека лидерот на Узбекистан „искажал разбирање за активностите на Русија во Украина”. Ден подоцна, прес-службата на Мирзијојев разјасни дека Узбекистан зазема неутрална позиција во судирот и поддржува предимство на меѓународните норми. Како земја со огромна дијаспора на привремена работа во Русија, најлесната опција за Таџикистан е резервираноста во изнесување на каков било став кој може да влијае врз најбитниот финансиски прилив во земјата. Очекувано и стандардно, ставот на официјален Ашгабат е кататоничен молк. Делумно поради зафатеноста со изборите, на кои победи синот на досегашниот претседател Гурбангули Бердимухамедов, но делумно и поради никогаш доволно разјаснетите заткулисни односи помеѓу Ашгабат и Москва.

Интересно е што и Киргистан и Казахстан, како полиберални земји во регионот, толерираат одржување на демонстрации во прилог и поддршка на Украина и ставање крај на судирите. Такви протести се речиси невозможни во останатите земји од регионот. Но тоа воопшто не значи дека официјалната неутралност на водствата може да се смета и како одраз на сентиментите на општествата. Благодарение на историските искуства на бивање паталци подредени на Москва, народите во Централна Азија генерално негуваат позитивни чувства кон Украина и украинскиот народ, засилени со широка соработка во сите сфери. За централно-Азијците, Украина и Украинците, слично како и земјите од Балктикот, често се сметаат како Европејци кои ги разбираат нивните специфики, имаат коректен однос лишен од ароганција и надменост, споделуваат слични размислувања околу улогата на Русија. Но пред сѐ, Украина и нејзиниот образовен систем се привлечни за младите студенти од Централна Азија, како средина и образование лишено од историските, империјални и умислени интерпретации и поведенија на московските универзитети.

Тег околу нозете на Москва

Пораката на Владимир Путин испратена до бившите републики на Советскиот Сојуз дека „Украина е специфичен случај кој нема да се повтори“ сигурно не е доволна за смирување на духовите во главните градови на централноазиската група. Тоа важи пред сѐ за Казахстан и нејзините северни делови населени со руско население, но воедно и Киргистан и Таџикистан, чии слаби економии и нестабилни политички сцени се ранливи за не толку комплицирани и прикриени интервенции од страна на Руската Федерација. Етничката монолитност, географската дистанца и теренската конфигурација ги прави Узбекистан и Туркменистан да се чувствуваат побезбедно и позаштитено од евентуална директна руска воена авантура на сопствената територија. Што не може да се каже и за опасноста од предизвикување сериозни немири и разнишување на кревките стабилности на државните институции под налет на идеолошко-религиски предизвици (Узбекистан) или социјално незадоволство (Туркменистан). Дотолку повеќе што земјите во регионот допрва ќе треба да се соочат со економските последици на војната во Украина, санкциите кон Русија и подемот на црниот пазар низ порозните државни граници.

Гледано од призма на автократските режими во регионот, интервенцијата на Русија во Украина е тег околу нозете на Москва и фактор во полза на потесната соработка и приближување кон Кина. Предодребата на Централна Азија за одржување избалансиран став во односите со Москва и Пекинг беше базиран врз потребата за диверзификација на влијанијата, инвестициите, притисоците и пазарите без да се потпадне во некаков нов вид на ултимативна и унилатерална зависност кон која било од двете сили. Насилството во Украина предизвикано од непредвидливоста на Путин е поттик повеќе за вртење кон Кина како фактор чиј став кон евентуалната агресија на Русија во регионот би била дочекана на сосема поинаков, дијаметрално не-неутрален и отворено антагонистички начин отколку што е сегашниот во однос на Украина. Автократите во Централна Азија се свесни за таа дистинкција. Подеднакво како и автократите во Пекинг. И најмногу од сите, самиот Путин. Централна Азија е црвената линија помеѓу сферата на интересите на Русија во заминување и Кина во надоаѓање.

Во прилог на таа неповолна реалност за Путин е и досега превидениот факт кој ја разјаснува комплексноста на односите помеѓу Русија и Централна Азија. Ангажманот на чеченските платеници на Рамзан Кадиров, како и поканата до сириските платеници за вклучување во агресијата врз Украина, е остро парирано од реското и одлучно „њет” на Казахстан за испраќање сопствени воени сили за помош на Русија. Централна Азија нема недостаток на воени лица или граѓани со искуство од воени судири, кои поради пари или авантура би прифатиле да учествуваат во судирите во Украина. Еднакво, како што и властите во нивните земји чинат сѐ што е можно да се спречи нивното заминување и приклучување кон која било страна, посебно руската. Причината за тоа е индикативна за политичкиот дискурс во становите и поучна за надворешните воено-политички стратези и набљудувачи.

- повеќе од авторот: Прва глобална војна

Молкот на Централна Азија одекнува гласно во Москва

За разлика од исламистичкиот мајндсет, изграден како супститут на етничкиот идентитет на Чеченците, државите и општествата во Централна Азија се (иако нескриено антидемократски настроени) сепак тврдокорно секуларно, етнонационалистички, постколонијално настроени и во процес на реставрирање на идентитетско-историскиот наратив газен низ стогодишната колонизација од страна на царска или советска Русија. Таа често пренебрегната реалност од страна на западните набљудувачи може да се илустрира со мојата честа анегдота кон западните колеги пред кои нудев опклада: сопствената годишна плата доколку во рок од седум дена најдете еден млад човек со брада или жена покриена со бурка, каде било ширум Туркменистан. И воедно, поминете еден час на виенскиот аеродром без да забележите барем една жена во фереџе. Никој, никогаш не го прифати облогот.

- повеќе од авторот: Слава Україні!

Во сегашната состојба, најголемиот придонес на Централна Азија кон меѓународните напори вперени кон мирот во Украина е одбивањето на давање помош или поддршка за агресијата на Русија и култивирањето на мирољубивата, иако пасивна и прикриена, симпатија на општествата за борбата на Украинците. Желбата на Путин да ја искористи агресијата како повик за „православно-исламско побратимство” изградено врз антизападен сентимент, не ги импресионира, туку ги растревожи и дистанцира властите во Централна Азија, ја загрижи Кина и упати отрезнувачка порака до симпатизерите на Путин во Европа и САД. Официјалната или политичка неутралност на регионот треба да се има предвид во последователните мировни ангажмани и посредништва, имајќи ги предвид домашните познавања на историите на завојуваните страни и нивните водства. Интересот на Централна Азија е вложен во Украина на иднината како мост, поддржувач и преведувач кон Европа. Како и кон пост-Путинова Русија како мирољубива сила, огромен пазар и добредојден контрапункт на апсолутната доминација на Кина. Засега барем, молкот на Астана, Ташкент, Бишкек, Ашгабат, Душанбе одекнува гласно во Москва, но недоволно ценето и глуво во Европа и САД.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач