1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Знаел ли НАТО за трговијата со органи на Косово?

25 јануари 2011

Британскиот весник „Гардијан“ објави изводи од тајните документи на НАТО, во кои косовскиот премиер Хашим Тачи е означен како една од „најкрупните риби“ во синџирот на организираниот криминал.

https://p.dw.com/p/102bO

НАТО бил информиран и знаел дека актуелниот косовски премиер Хашим Тачи, како и високиот функционер на неговата демократска партија Џавит Халити, се поврзани со „криминални активности“, пишува „Гардијан“, повикувајќи се на тајни документи на Северноатланската алијанса.

Документите, пишува весникот, откриваат дека САД и другите западни сили знаеле за „криминалните врски“ на членови од косовската влада, како и за тоа дека Халити е тесно поврзан со албанската мафија и косовската тајна служба, го контролира Тачи и стои како сила зад косовскиот премиер.

Халити, кого специјалниот известувач Марти го означи како припадник на таканаречената Дреничка група, е поранешен раководител за логистика на ОВК, а во некои извештаи направени од КФОР е забележано дека управува со парите наменети за Ослободителната армија, но и дека лично профитирал од таа своја функција. Сознанијата што постојат за него, на кои се повикува лондонскиот весник, откриваат дека Халити е длабоко вмешан во проституцијата, трговијата со оружје и шверцот на дрога и користел хотел во главниот град Приштина како своја оперативна база. Во политиката на Косово, важи за човек на Тачи, но всушност, Халити е вистинскиот шеф, кому косовскиот премиер му е подреден. Халити, пренесува „Гардијан“, користи фалсификуван пасош за патување во странство, бидејќи се наоѓа на црната листа на неколку држави, вклучувајќи ги и САД. Тој денеска се очекува во делегација во Стразбур, а остро го критикуваше извештајот на Марти.

Халити, според тајните документи, е поврзуван и со застрашување на косовските политички противници, како и со две убиства, што се случиле во втората половина на деведесетите години на 20 век. Едното на политички противник, кој се скарал со Халити, а другото на една новинарка од Албанија, Али Ука од Тирана.

Таа важела за поддржувач на ослободителното движење на Косово, но во своите написи остро ги критикувала состојбите во него и она што се случувало околу движењето. Била убиена брутално со шише и шрафцигер. Нејзиното тело е најдено во 1997 година, а во тоа време таа делела стан со Хашим Тачи.

„Гардијан“ известува дека Халити бил недостапен за коментар, но наведува дека во изјавите за балканските медиуми минатава недела го оценил извештајот на Марти како дискредитација на ОВК.

Сенаторот Дик Марти при правењето на извештајот за Советот за Европа, ги има видено овие извештаи и документи, па врз основа на нив заборува за „криминалните врски“ на припадници на екс ОВК со подземјето, забележува „Гардијан“.

Тирана не е втор Тунис

Австрискиот весник „Стандард“ пак ја коментира ситуацијата во Албанија по крвавите судири при демонстрациите на опозицијата во Тирана:

„Во албанскиот главен град Тирана, каде во петокот беа убиени тројца демонстранти, не се случи втор Тунис. Таму е уште полошо. Демократијата, која Тунижаните сакаат да ја извојуваат, Албанците веќе ја имаат, само што никој не може со неа нешто да започне. Корупцијата во државата, против која деновиве толку насилно се демонстрира, е само добредојден повод за нова рунда во перманентната борба. Но, промената на власта не е решение на проблемот, зашто и кога опозиционите Социјалисти беа на власт, не беше подобро. Нова е само одважноста со која сегашната „демократска“ власт ја негира сопствената корупција“, заклучува весникот „Стандард“.

Автор: „Гардијан“/„Стандард“

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска