1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зехофер останува на чело на ЦСУ

8 октомври 2011

Хорст Зехофер останува на чело на Христијанско-социјалната унија, една од партиите кои се дел од сојузната германска влада. Тој на партискиот конгрес во Нирнберг е реизбран на фунцијата со 88% гласови од делегатите.

https://p.dw.com/p/12oGK
Хорст ЗехоферФотографија: picture alliance / dpa

Хорст Зехофер , лидерот на Христијанско-социјалната унија од Баварија-сестринска партија на Христијанско-демократската унија на германската канцеларка Ангела Меркел- е повторно избран за претседател на партијата . На денешното (08.10) гласање на конгресот на оваа партија во Нирнберг Зехофер освои 747 од вкупно 831 важечки глас на делегатите. Тој на фунцијата ќе остане и во наредните две години.

Во неговиот говор пред гласањето на конгресот, Зехофер пред се’ ги истакна успесите на баварската политика. Оваа германска покраина има најмала стапка на невработеност, најдобра образовна политика и најмала стапка на криминал, рече Зехофер. Тој со најостри зборови ги нападна политичките ривали - Социјалдемократската партија и Партијата на Зелените.

Иако реизборот на Зехофер беше очекуван и извесен, со оглед дека тој беше единствен кандидат за фунцијата, занимлива беше борбата за местото - втор човек на партијата. Сојузниот германски министер за сообраќај Петер Рамзауер со 440 освоени гласови од делегатите остана на позицијата потпретседател на ЦСУ, тесно победувајќи го евроскептичарот Петер Гаувајлер, кој освои 419 гласови.

Автор:СН/ЕМФ/дв/дпа

Редактор: Е. М. Фиданоска