1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земјите од Јадранската повелба со покана од НАТО во 2008-ма?

26 април 2006

Македонија, Албанија и Хрватска исто како и Украина или Грузија, на самитот на алијансата во Рига, во ноември можат да очекуваат охрабрување да продолжат со демократските реформи и реформите во одбраната, зашто вратата на НАТО е и натаму отворена, изјави вчеравечер во Брисел, генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер. Според Шефер, тоа е процес, кој зависи од резултатите што земјите ќе ги остварат.

https://p.dw.com/p/AdjX
Седиштето на НАТО во Брисел
Седиштето на НАТО во БриселФотографија: NATO

На иста линија со Ја де Хоп Шефер и изјавите на министрите за надворешни работи и за одбрана на земјите од Јадранската повелба. Тие вчера се состанаа на Бриони.

“Се надевам дека на состанокот на врвот во 2008 година, алијансата ќе биде во можност да им даде покани за членство на нови земји и оти земјите од Јадранската повелба дотогаш ќе ги исполнат потребните стандарди“, изјави на Бриони, на средбата на министрите за надворешни работи и одбрана од земјите од Јадранската повелба – Хрватска, Македонија и Албанија и на Балтичката повелба – Летонија, Естонија и Литванија,заменик-помошникот државен американски секретар, Розмари ди Карло. Таа додаде дека Европа не може да биде стабилна и мирна без стабилен и мирен Балкан, а Јадранската повелба помага во остварувањето на таа цел.

Земјите од Јадранската повелба од самитот на НАТО во Рига очекуваат да биде истакнато дека треба да добијат покана за членство што поскоро, која ќе биде заснована врз постигнувањата на секоја земја поединечно, изјави хрватската министерка за надворешни работи, Колинда Грабар Китаровиќ. Шефот на македонската дипломатија, Илинка Митрева рече дека ако алијансата сака позитивна балканска приказна, која во регионот е веќе почната, за тоа има многу едонставно решение – Македонија, Хрватска и Албанија да постигнат полноправно членство во алијансата, а регионот да продолжи со евро-атлантската интеграција.

Цврст временски распоред на зачленувањето во НАТО побара и албанскиот министер за одбрана, Фатмир Медиу, додека летонскиот министер за надворешни работи, Артис Пабрикс, оценувајќи дека повикот до балтичките земји да учествуваат на состанокот на Бриони е исклучително добар и корисен поради нивното свежо искуство во приклучувањето кон алијансата, уште рече: “Ако ние можевме да станеме членки на НАТО, тогаш тоа го можат сите, па и земјите од Западен Балкан“.