1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земјите од Балкан имаат европска перспектива

Тони Гламчевски 15 април 2008

Германската канцеларка Ангела Меркел пред Парламентарното Собрание на Советот на Европа, го нагласи значењето и улогата на оваа најстара европска организација за обединувањето на Европа.

https://p.dw.com/p/DiJj
Стразбур:Меркел се залага за заштита на малцинстватаФотографија: AP

Ова беше прв говор на германската канцеларка Ангела Меркел во Парламентарното собрание на Советот на Европа. Таа подвлече дека е среќна што може да им се обрати на парламентарци кои доаѓаат од 47 европски земји.

„Со самиот факт што Собранието е составено од 47 национални парламенти, тоа станува место на политичка размена која ги надминува границите на Европската Унија и дозволува скапоцена размена меѓу земјите кои во глобализираниот свет, чувствуваат потреба да се приближат едни до други. Иако меѓу нив се уште постојат голем број на разлики.“

Меркел тука посебно инсистираше на симболиката на Стразбур, во кој заседаваат двата европски парламенти, со што со право го носи епитетот европска престолнина. Задржувајќи се на придонесот на Советот на Европа во обединувањето на Европа и зацврстувањето на европскиот идентит, Меркел рече:


„Советот на Европа постои скоро шеесет години, во сите тие години ја претставуваше демократијата, правната држава, слободата и мирот, разноликоста и толеранцијата, правдата и солидарноста. Токму овие вредности ја создаваат кохезијата на Европа“.

Заеднички европски вредности

Тоа што ја обединува Европа се токму овие вредностите кои дозволуваат соживот меѓу големите и малите држави со голема доверба и почит.

Токму овие заеднички вредности, на прво место почитувањето на човековите права и човековото достоинство, можат да бидат одговорот на глобализацијата, предизвиците на климатските промени, како и да помогнат да не се дозволи трговските интереси да надвладеат над човековите права. Меркел е убедена дека трговските прашања и прашањата за човековите права не треба и не можат да бидат спротивставувани.

Борба против тероризмот и заштита на малцинствата

Како пример каде треба да се делува според зедничките европски вредности, Ангела Меркел ги наведе борбата против тероризмот и заштитата на малцинствата.

“Тоа е голем предизвик за Европа и европската надворешна политика, бидејќи постојат нерешени конфликти во целиот свет, па дури и во европските земји.“

Наградувана на повеќе пати со аплаузи, германската канцеларка одговори на повеќе пратенички прашања во кои беа опфатени сложените односи со Русија, втемелени врз дијалог. Таа упати скриени критики поради блокадата на реформата на Европскиот суд за правата на човекот од страна на Руската федерација.

Во Стразбур Меркел уште еднаш повтори дека земјите од Западен Балкан се приоритетни за Европа.

„Тие денес веќе се приоритетни. Се водат преговори со Хрватска, постојат договори за стабилизација и асоцијација со повеќето од овие земји. Убедена сум дека европските перспективи се основата за мирната еволуција на Балканот. Во таа насока ние ги поставивме темелите. Договорот од Лисабон сега ни дозволува да прифатиме повеќе од 27 земји членки“, заврши Меркел. Таа потсети дека статус квото на Косово беше невозможно да продолжи понатаму, жалејќи што независноста на Косово беше прогласена без согласноста на Србија, но тоа беше решение кое не може да се примени на друго место во светот.