1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зелените се подготвуваат за улогата на опозиција

16 октомври 2005

Додека големите партии се во финишот на подготвките за „венчавка на слоновите„ – помалите партии се преориентираат и се подготвуваат за опозиционите клупи.

https://p.dw.com/p/AcgP
Водечкото дуо на „Зелените„: Рајнхард Битикофер и Клаудија Рот
Водечкото дуо на „Зелените„: Рајнхард Битикофер и Клаудија РотФотографија: AP

Официјалните преговори за создавање голема коалиција почнуваат утре во Берлин. Но, поголемиот или подобро почувствителниот дел од работата е веќе завршен: решено е канцеларското прашање и поголемиот дел од составот на новиот владин кабинет под Ангела Меркел.

И додека големите партии се во финишот на подготвките за „венчавка на слоновите„ – помалите партии се преориентираат и се подготвуваат за опозиционите клупи. За таа цел досегашниот помал коалиционен партнер во црвено-зелената влада на чело со канцеларот Шредер, вчера одржа Конгрес во градот Олденбург. Еве што беше договорено:

„Опозицијата не е нешто лошо, туку важна задача во демократијата. И токму на големата коалиција и‘ треба силна опозиција под водство на Зелените. Ние, од овде од конгресот на партијата ветуваме дека таква силна опозоција и ќе добијат!„ – порача копретседателот на Зелените, Клаудија Рот.

Новата фаза носи во секој случај враќање на пракорените на Партијата на Зелените уште од времето додека беше во опозицијата, а тоа се: поголема заштита на човековата околина и заложбите за социјална праведност. Освен тоа Зелените сакаат да се заложат и за подобрување на положбата на семејствата. Секако, сега се отвора прашањето како да се борат и изборат за реализација на таквите цели? Не останува ништо друго освен да се отворат за нови политички сојузи:

„Оној кој заедно со нас сака да се бори за поголеми човекови права, за политика на глобална праведност, за политика што долгорочно ќе бара алтернатива за нафтата како енергенс – со него ќе влегуваме во коалиции„ – појасни досегашниот министер за екологија Јирген Тритин.

Зелените меѓутоа во никој случај нема да се трудат по секоја цена да им се приближат на партиите на конзервативната опозиција на пример на покраинско или комунално ниво, додаде новиот шеф на собраниската група, Ренате Кинаст:

„Знаеме дека вратите се отворени за повеќе опции. Но, јас ви велам дека денес сме поблиску до СПД, отколку до ЦДУ. Значи одиме во улога на силна опозиција. Ние сме малубројни во однос на големите народни партии, но затоа имаме висок квалитет!„

На Конгресот во Олденбург не се појави „политичкиот татко„ на Зелените, Јошка Фишер, кој претходно најави повлекување од политиката. Во образложението, тој порача дека не сака да им го одзема политичкиот простор на новите кадри. Многумина од делегатите на Конгресот жалеа што го нема Фишер, но имаше и такви кои беа задоволни од неговото повлекување и изразија увереност оти партијата оди понатаму и без него!