1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зелените се подготвуваат за власт!

21 ноември 2010

Партијата на зелените на партискиот конгрес во Фрајбург го потврди досегашниот раководен двоец, Клаудија Рот и Чем Ездемир и демонстрираше желба за влегување во власта, објавувајќи и‘ борба на црно-жолтата коалиција.

https://p.dw.com/p/QEfR
Двоецот Клаудија Рот и Чем Ездемир пак на чело на партијатаФотографија: dapd

Партијата на зелените на партискиот конгрес во Фрајбург го потврди досегашниот раководен двоец, Клаудија Рот и Чем Ездемир и демонстрираше желба за влегување во власта, објавувајќи и‘ борба на црно-жолтата коалиција.

Партијата на Зелените се подготвува за изборната 2011 година, има намера да учествува во власта во најмалку две покраини, Баден Виртемберг и Берлин. На партискиот конгрес во Фрајбург, која започна во петокот и завршува денеска (21.11.2010), зелените покажаа оптимизам и борбеност. Партиската шефица Клаудија Рот:

Grünen-Parteitag 2010 Freiburg
Фотографија: dapd

„Да се бориме за општество во кое с`ржта во поделбата на добрата и учеството ќе биде солидарноста. Да се бориме за општество во кое образованието и здравството нема да зависат од длабочината на паричникот. Да бидеме партија на праведноста, зашто без неа нема ништо.“

Клаудија Рот беше реизбрана на челната функција во партијата со 79 проценти од гласовите на делегатите. Нејзиниот партнер на врвот, копретседателот на Зелените, Чем Ездемир, кој е син на турски гастарбајтер од покраината Баден Виртемберг, имаше поголем успех, освои 88.5 проценти од гласовите. Ездемир очигледно успеа да ги убеди со својата визија:

„Зборувам за општество во кое децата на работниците, оние кои доаѓаат од обични семејства, нема да трпат неуспеси и да бидат елиминирани. Зборувам за општество во кое тие ќе уживаат најдобра поддршка и во кое ќе имаат подоцна шанса да му стават свој печат и натамошно да го развиваат“, изјави Ездемир.

Апел за поголемо учество на граѓаните во одлучувањето

Зелените се изјаснија против железничкиот проект „Штутгарт 21“, кој во последно време предизвикува жестоки граѓански протести и пледираа за поголемо учество на граѓаните во носењето одлуки надвор од парламентот. И шефицата на пратеничката група на Партијата на зелените во Бундестагот, Ренате Кинаст, е за таква опција. Граѓанската иницијатива ја има во уставот, но се исцрпува единствено при изборите. Граѓаните не сакаат да имаат право на збор само на секои четири или пет години, порача Кинаст, која наесен сака да се кандидира за градоначалник на Берлин, во што беше поздравена од делегатите.

Автор: Бетина Маркс/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев