1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Заштитни царини на САД - потребни се челични нерви

Тимоти Рукс
1 јуни 2018

САД ги остварија заканите за царини на увозот на челик и на алуминиум од ЕУ. Европејците луто повикуваат на реципрочни мерки. Двете страни затоа на преговарачката маса ќе мора да донесат реални очекувања и челични нерви

https://p.dw.com/p/2ykXd
USA Trump besiegelt Strafzölle auf Stahl und Aluminium
Фотографија: picture-alliance/abaca/O. Douliery

Сега е и официјално: во САД стапуваат во сила царини од 25 насто на челикот и од 10 проценти на алуминиумот од Европската унија. Како што се очекуваше, Доналд Трамп не попушти под притисокот од Брисел, американското министерство за одбрана и производителите на автомобили.

Освен големи наслови во американскиот печат за спасување на домашните работни места, Трамповата администрација очекува и еден друг ефект: таа ваквата тактика ја гледа како ќотек со кој може да ги малтретира сите оние, кои ги смета за послаби. Доналд Трамп е познат по тоа, по своите закани и изливи на бес. Но ова што сега се случува практично поништува децении на блиска соработка и станува дел од стандардната процедура на официјален Вашингтон.

Европејците вријат од бес и повикуваат на реципрочни мерки на воведување на специјални царини на некои типични американски производи како виски и мотоцикли Харли-Дејвидсон или џинс. Но она што не се гледа во сите тие твитови, повици и жалопојки е фактот дека САД имаат право да бараат нови форми на светската трговија, дури и ако се обвиткани во обландата на „националната безбедност“. 

Произволни интервенции

Во исто време треба да се има на ум дека дерегулацијата е еден од основните постулати на планот на Трамп. Даночните реформи и укинувањето на бројни финансиски регулативи на домашен терен се примери за таквата политика. Кога е во прашање меѓународната трговија, администрацијата на Трамп го проверува секој детал.

Повеќе:

-Фронтален напад врз германската економија

-Казнени царини: ЕУ да не влегува во игричките на нарцисот Трамп

Но, ако ги оставиме на страна националните интереси, вистински победници или жртви од сето ова можат да бидат само претприемачите. Спроти одлуката за воведување специјални царини и за европските партнери, американските компании се жалеа дека станува збор за покер со висок влог. Многу од нив и натаму се надеваат дека овие последни царини се само влог на покерската маса и оти нема да доведат до трговска војна според системот  „јас тебе, ти мене“, која би можела да ѝ наштети на индустријата.

Ако постои нешто што деловниот свет го мрази, тогаш тоа се даноците и неизвесноста. Непредвидливоста е убиец на расположението на деловните луѓе. Нагли промени во светот на глобално поврзани синџири на снабдување се шок, кој претпријатијата ги тера да бараат поскапи заобиколници. Ако на тоа се додаде и зголемувањето на цената на капиталот, се доаѓа до лоши деловни резултати. А поголемите трошоци, се разбира, ќе бидат префрлени на грбот на потрошувачите ширум светот.  

Да се излезе од збрката со чист образ...

Иако дополнителните давачки како царините не се ништо ново и се во сила ширум светот, она што овој пакет мерки го прави толку оптоварувачки е фактот дека едната страна царините ги доживува како нешто што се заснова на непознавање на економијата, а не на конструктивно размислување.  Другата страна пак само ги исполнува предизборните ветувања, испраќајќи едноставна порака до граѓаните во индустријата на американскиот среден запад: „Америка на прво место!“

Но едно ново истражување на Германскиот центар за меѓународна економија при институтот Ифо навистина ја потврдува нееднаквоста кога се во прашање царините и доаѓа до заклучок дека просечните американски царини на увозот се пониски од оние во ЕУ.

Повеќе:

-Предупредувања од ескалација на трговскиот конфликт

-Ќе ѝ објави ли Трамп трговска војна на ЕУ?

Трамп постојано повторува дека Европејците американските автомобили ги царинат со 10 проценти, а САД автомобилите од ЕУ со само 2,5 проценти. Во некои други случаи ситуацијата е обратна. Во сенка на тие факти ни Вашинтон ниту Брисел не гледаат начин да излезат од оваа збрка со чист образ и спасени работни места.

Европејците сега сакаат да воведат уште повеќе давачки, а освен тоа планираат и тужба против САД пред Светската трговска организација. Тоа во Вашингтон предизвикува уште поголема тврдоглавост. На крајот, навистина повеќе никаква улога не игра тоа дали мерките на САД се легални или не, бидејќи Кина е во состојба лесно да ја пополни празнината, исто како што тоа го стори во Иран.

Она што е многу поважно е лошиот вкус во устите и долготрајниот ефект на произволната дипломатија. Двете страни на преговарачката маса ќе мора да донесат реални очекувања и челични нерви, бидејќи свет без деловни партнери и сојузници на кои може да се потпреш е едно навистина тажно место.