1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затворот како симбол за новинарската неслобода во Македонија

Б. Георгиевски3 мај 2016

Здружението на новинари на Македонија денеска организираше прес-конференција пред затворот во Шуто Оризари, каде е притворен новинарот Зоран Божиновски. Според претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, симболиката е јасна.

https://p.dw.com/p/1Igyc
Symbolbild Pressefreiheit
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Langsdon

Слободата на медиумите во Македонија е заробена од власта, вели претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани во разговор за Дојче Веле на Меѓународниот ден на слободата на печатот.

Здружението денеска одлучи да го искаже протестот поради таквата состојба во земјата пред затворот во Шуто Оризари каде од 27 април годинава се наоѓа и новинарот Зоран Божиновски.

„Нема полошо нешто што може да и се случи на слободата на медиумите во една земја отколку да има новинар во затвор. Тоа покажува дека слободата на медиумите е заробена од власта. Во такви земји новинарите стануваат дежурен виновник за сите промашувања на власта“, вели Селмани.

Во изјавата прочитана пред затворот, ЗНМ се солидаризираше со Божиновски, а новинарите порачаа дека остануваат со него се додека не биде слободен.

Naser Selmani
Насер СелманиФотографија: Petr Stojanovski

„Новинарите се затвараат, се тепаат, заплашуваат, прислушкуваат, етикетираат и се дискредитираат со единствена цел да не говорат за злоупотребите на власта. Медиумите поради корупциските врски со власта, станаа пропагандна машинерија за манипулација со граѓаните“, се наведува во изјавата на ЗНМ.

Минатата недела Божиновски беше изведен на распит пред Основниот суд во Скопје. Тој е обвинет во случајот „Шпион“, заедно со 14 други лица кои веќе беа прогласени за виновни на судењето кое заврши во април 2014 години. Божиновски и останатите беа обвинети за оддавање државни тајни, шпионажа, а дел и за злосторничко здружување, уцена и изнуда. Според обвинението групата делувала организирано, и собирала доверливи информации кои потоа им ги проследувала на грчки и унгарски разузнавачки служби.

Селмани за ДВ вели дека единствена вина на новинарот Божиновски е што имал храброст да пишува за грдото лице на власта, за нејзините лаги, криминал и неморал.

„Тие што Македонија ја претворија во Големо уво не можат да обвинат други за шпионирање. Амнестираните за криминал не можат да впеат прст против други за наводно злосторничко здружување. Со кој образ оваа власт може да обвини новинар за уцена, кога владеат единствено преку уцени и притисоци“, вели Селмани.

Селмани е критичен и кон српските власти од каде Божиновски беше екстрадиран на 21 април годинава.

„Верувам дека експресната одлука на српските власти за есктрадиција е политички мотивирана и ќе предизвика сериозна штета врз слободата на медиумите не само во Македонија, туку и пошироко во регионот“, вели Селмани. Според него, со екстрадицијата Србија свесно го изложува на непотребен ризик новинарот Божиновски иако претходно, Белград бил информирани за заканите што врз него ги упатуваа највисоките претставници на власта.

„Српската влада ќе сноси одговорност ако Божиновски во македонските затвори биде изложен на нечовечки третман“, вели Селмани, кој дополнува дека е чудно што Србија како земја која преговара за членство во Европската унија не може да земе во заштита новинар за кој во матичната држава нема минимални услови за фер судење.

„Перверзно е да се екстрадира новинар во земја каде тајната полиција е вмешана во масовно прислушување на нејзините граѓани, а Претседателот на државата го амнестира целиот политички врв на земјата за тешки криминални дела“, вели Селмани за ДВ.

Минатата недела и невладината Фридом Хаус ги смести медиумите во Македонија во категоријата на неслободни.