1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заслугите на Хелмут Кол за Германија, Европа и Балканот

Петер Штицле / Александар Методијев1 октомври 2012

Се навршија 30 години од првото именување на Хелмут Кол за германски канцелар. Владееше 16 години и влијаеше на европската политика. Во тоа време падна Берлинскиот ѕид, а од поранешна Југославија се создадоа нови држави.

https://p.dw.com/p/16I1M
Фотографија: dapd

Трети октомври 1990 година, ден на повторното обединување на Германија, сигурно беше врвот на политичката кариера на долгогодишниот шеф на германските христијански демократи (ЦДУ) Хелмут Кол. Како признание сега доби на подарок неколку поштенски марки. И тоа не какви било марки, туку првата серија на марки на кои е неговиот лик. Тоа се марки од 55 центи кои Германците ги користат за обичните писма и тие ќе се најдат на пазарот од 11 октомври во повеќе од пет милиони примероци. Црвениот коверт со марките му го предаде сегашната канцеларка Ангела Меркел на посебна свеченост одржана во негова чест во Германскиот историски музеј во Берлин. Да се добие своја поштенска марка во текот на животот „е израз на исклучително почитување ... гест кој во историјата на Сојузна Република Германија го доживеаја редок број луѓе“, нагласи Ангела Меркел.

Дали во тој момент Хелмут Хол беше возбуден тешко е да се процени од неговото држење. Откако пред неколку години падна и претрпе повреда на ’рбетот , 82-годишниот поранешен германски канцелар може многу ограничено да се движи, додека изразот на лицето му изгледа како заледен. Само неговите очи, кои будно го следат секое движење, откриваат дека духот му останал жив како некогаш.

Helmut Kohl Angela Merkel Briefmarke
Хелмут Кол доби своја поштенска марка, по повод 30-годишнината од стапувањето на канцеларската функцијаФотографија: AFP/Getty Images

„Слободната германска татковина“ ја вознемири Маргарет Тачер

Ден по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, тогашниот канцелар на СР Германија Хелмут Кол одржа говор во Западен Берлин:

„Еден ДДР (кратенка на името на тогашната Источна Германија, н.з.), кој се движи напред и кому целта му е поголема слобода, се подразбира дека го поддржуваме поради нашите морални обврски кон единството на нашата германска нација. Се работи за Германија. Се работи за слога, правда и слобода. Да живее слободната германска татковина! Да живее слободна и единствена Европа!“

Слободната германска татковина – тоа прозвуче како провокација во ушите на многумина, бидејќи асоцираше на германското воено минато. Веселбата за падот на Ѕидот и меѓу европските соседи се мешаше со грижите за тоа што би можела да донесе иднината. Британската премиерка Маргарет Тачер дури повика експерти да расправаат на конференција за состојбата со Германците. Но, на Хелмут Кол му успеа да ги разубеди политичарите. За време на една прошетка низ шума на крајот успеа да го придобие за идејата за германско обединување дури и првриот човек на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, кој се согласи за повлекување на советските сили од ДДР. Помалку од една година по падот на Ѕидот, во ноќта меѓу втори и трети октомври 1990. година, пред Бранденбуршката порта, симболот на гелманската поделба, со огномет е славено повторното обединување.

Хелмут Кол од секогаш се стремел за обединета Европа. Тој пораснал во Лудвигсхафен на Рајна и веднаш по војната на блиската граница со Франција, заедно со своите истомисленици, ги срушил столбовите кои ја означувале границата. Подоцна, кога станал политичар, овој доктор по историски науки ретко пропушташе во своите говори да нагласи: „За нас Германците доследното продолжување на оваа европска политика на обединување едноставно е судбинско прашање. Поттиците на европското обединување за нас нема втемелена алтернатива“.

На Кол му се препишуваат и заслугите за тоа дека, поради чувството на одговорност на тогашната влада на обединета Германија, е заслужен и за стабилните односи кои се развија со Русија и другите источно-европски соседи. Германија во тоа време одигра водечка улога во признавањето на Хрватска и Словенија кога почна да се распаѓа поранешна Југославија, а беше и првата земја од ЕУ која воспостави дипломатски односи со Босна и Херцеговина.

CDU-Vorsitzender Helmut Kohl 1973
Хелмут Кол во 1973-та година стана шеф на ЦДУФотографија: picture-alliance/dpa

Една тенденција – европско обединување, а друга тенденција - моќ

Другата најважна тенденција на Хелмут Кол од секогаш беше моќта. Моќ да го спроведе она што мисли дека е правилно. Веќе на 29 години стана пратеник во покраинскиот парламент во Рајланд-Пфалц. На 33 години стана шеф на пратеничката група – најмлад во некој покраински парламент. Шест години подоцна стана покраински премиер. А, кога загриза, веќе не пушташе. Две години подоцна, во 1971-ва, се кандидираше за претседател на својата партија ЦДУ. Тогаш тоа не му успеа, но во 1973-та година стана шеф на партијата и на таа положба остана 25 години.

Партијата му беше база за моќ, втор дом како што ја нарекуваше. Знаеше за сите нејзини манифестации и не му беше тешко да им се јави на локалните партиски челници по разни села за да им честита роденден. Тој не ја криеше својата крајна цел: „Сакам да станам канцелар. Сакам да победам на избори и да станам канцелар“.

Тоа за малку ќе му успееше во 1976-та година. Хелмут Шмит во коалиција на своите социјалдемократи (СПД) со либералите (ФДП) за влакно му ја однесе победата. Но, во 1983-та година им ги зеде либералите на СПД и Ханс-Дитрих Геншер и коалицирајќи со нив ги доби изборите, по што стана германски канцелар. Неговата влада имаше поинакви приоритети во економската и социјалната политика. Тој ги намали до тогаш исклучително големите годишни државни задолжувања. Но, ниту тој не можеше да ја запре големата невработеност. Незадоволството толку многу порасна што Кол речиси да ќе ги изгубеше изборите во 1990-та, ако во меѓу време не дојде до обединување на Германија.

Bildgalerie Helmut Kohl Ehepaar Kohl am Wolfgangsee 1992
Хелмут Кол со покојната сопруга Ханелоре во 1992-ра годинаФотографија: picture-alliance/dpa

И натаму привлекува внимание, но со приватниот живот

Но, колку Кол и да ги собира заслугите за обединувањето на Германија, тој очигледно ги потцени финансиските последици од тоа. Така, државните финансии излегуваа од контрола, а невработеноста растеше незапирливо. Во 1998-ма ги загуби изборите и канцеларското место мораше да му го препушти на социјалдемократот Герхард Шредер.

Веќе една година по овој изборен пораз и заминувањето од местото претседател на ЦДУ, Кол го стасаа обвинувањата за нерегуларностите околу донациите на неговата партија. ЦДУ затоа мораше да плати висока казна, а Кол, кој од тие пари немал никаква лична корист, мораше да го отстапи местото на почесен претседател на партијата. Тоа веројатно беше најтежок момент во неговата политичка кариера.

Иако е стар и болен, неговиот приватен живот во последните години и натаму привлекува внимание. По самоубиството на првата сопруга Ханелоре во 2001-ва година, тој се ожени по втор пат во 2008-ма со Мајке Рихтер, која е 34 години помлада од него, а лошиот однос и прекинот на контактите со синовите Валтер и Петер го следеше целиот германски печат.