1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Засилена имунизација, благ пад на новите инфекции

СН | МИА
17 мај 2021

Притисокот врз македонскиот здравствен систем продолжува да се намалува со оглед на благиот пад на бројот на нови инфекции. Од друга страна вакцинацијата против коронавирусот се одвива со засилено темпо.

https://p.dw.com/p/3tTn6
Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Епидемиолошката ситуација во земјата, според македонските здравствени власти, постепено благо се подобрува. Бројот на новозаболени од Ковид-19 во државата е во благо опаѓање. Од друга страна пак, продолжува процесот на имунизација. Според министерот за здравство Венко Филипче, термини за вакцинација веќе добиле сите граѓани над 40-годишна возраст од Скопје, кои до 30 април изразиле желба за вакцинирање преку веб-страницата на министерството за здравство.

Според неговата најава во наредните денови, термини за вакцинирање ќе добијат граѓаните над 40-годишна возраст и во останатите македонски градови, кои до крајот на април изразиле желба за вакцинирање преку оваа веб-страница а започната е и имунизацијата на пациентите кои се на дијализа, како и пациентите со трансплантација.

Nord-Mazedonien Skopje | Coronaimpfung mit Sputnik V
Фотографија: Tomislav Georgiev/Xinhua/imago images

До крајот на следната недела, пак, се очекува да се вакцинираат дополнително пријавените 8.000 постари граѓани кои ќе имаат приоритет пред помладите.

Повеќе:

-Филипче: Маски мора да се носат, рано е за свадби и концерти

-Заев се вакцинираше: „Се чувствувам добро, ќе продолжам со работните обврски“

-Нема веќе прошетки по други градови, граѓаните ќе се вакцинираат во местото на живеење

Се очекува имунизацијата на населението да оди согласно предвидената динамика, со помош на 100.000 вакцини на „Синофарм“, кои пред два дена пристигнаа во земјата како донација од кинеската армија. 

Инаку, според извештајот на македонското министерство за здравство, во текот на вчерашниот ден биле регистрирани нови 62 случаја на заболени од Ковид-19. Починале 14 лица, а оздравени се 245 пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 756.480 тестирања на Ковид-19. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани од почетокот на пандемијата изнесува 154.698. Бројката на оздравени пациенти е 145.851, а на починати е 5.211. Има вкупно 3.636 активни случаи.

На инфективните одделенија низ болниците во државата и во Скопје се лекуваат вкупно 514 пациенти. Има околу 740 слободни кревети во ковид-центрите. Од министерството посочија дека поради намален број на болни, затворени се дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.