1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

090309 Jung Afghanistan

Нина Веркхојзер10 март 2009

Германскиот министер за одбрана, Франц Јозеф Јунг е во Авганистан. Развојот на настаните во оваа земја се повеќе ја загрижува меѓународната заедница. Дали до сега се фокусирале на погрешни тежишта?

https://p.dw.com/p/H8ca
Од минатогодишната посета на Јунг на АвганистанФотографија: picture-alliance / dpa

Германската влада, на развојот во Авганистан гледа со голема надеж, но и загриженост. Надеж дава напредокот во обновата на земјата, загриженоста произлегува од сознанието дека меѓународната заедница премногу долго била фокусирана на погрешни точки. Така обуката на авганистанската полиција се одвива многу побавно од предвиденото. Во меѓувреме меѓународната заедница го форсира процесот на обука на полицијата и армијата. Притоа Германија се залага не само за обука на припадниците на полицијата, туку и на воената полиција. Министерот за одбрана, Франц Јозеф Јунг на конференцијата за безбедност во Минхен извлече меѓубиланс:

„Ние, меѓународната заедница, обучивме околу 70 илјади припадници на авганистанските сили за безбедност, така што според овие пресметки ни остануват уште 65 илјади. Меѓутоа доколку зборуваме чесно, досега се обучени 35 илјади авганистански полицајци, така што ни фалат уште 100 илјади“, изјави Јунг.

Aufbauprozess in Kabul Afghanistan
Изградба на училиште во АвганистанФотографија: DW

Дијалог со умерените талибанци?

Германскиот министер за одбрана денеска ќе го посети центарот за обука на полицијата во Мазар и Шариф. Една од темите за која тој ќе разговара на патувањето ќе биде вклучувањето на Пакистан во процесот на стабилизирање: „Пакистан, долината Сват и регионите населени со племиња се прибежишта на Талибанците, но исто така и региони во кои се вршат регрутирања на терористи кои подоцна се префрлаат во Авганистан. Затоа мораме да покажеме поголема ефикасност во соработката во делот на обезбедувањето на границата исто така и со Пакистан“

Во напорите за безбедност спаѓаат и обидите за разговори со умерените Талибанци. Решителност за такво нешто покажа и американскиот претседател Барак Обама. Талибанците претставуваат најсериозен проблем во најмалку десет провинции во земјата, изјави авганистанскиот претседател Хамид Карзаи: „Постои дури и една провинција во која централната власт е присутна во нејзиниот централен дел или во еден или два округа, а останатиот дел е под контрола на Талибанците. Тоа е провинцијата Хелманд“, изјави Карзаи.

Нема зголемување на бројот на војници

Токму во оваа провинција која се наоѓа на југот на земјата, американскиот претседател Обама испрати дополнителни 17 илјади војници. Германија е присутна со три илјади и седумстотини војници на северот на земјата, каде и натаму ужива широка поддршка кај локалното насление, но сеуште е цел и на напади. Затоа е потребно засилување на германските сили за брза интервенција и подобро обезбедување на воената база во Кундуз која постојано е цел на напади на бунтовниците. Меѓутоа Јунг нема да бара проширување на утврдениот мандат од 4 500 војници: „Според моите проценки, кои уште еднаш ги усогласив со моите авганистански колеги, присутни се околу 1 500 авганистански терористи. Затоа мора правилно да се гледа и на релациите. Воениот метод е доволен. Потребна ни е цивилна обнова и обука на авганистанските сили за безбедност“.

ISAF Soldat der Bundeswehr Afghanistan
Германски војници во АвганистанФотографија: AP

За поголема цивилна обнова е и опозицијата во Бундестагот, која бара проширување на цивилниот ангажман во сите делови на земјата. Меѓутоа владата во Берлин планира и натаму да се фокусира на северниот дел на земјата и да очекува какви ќе бидат резултатите на политиката на новата американска админситрација. Пратеникот од редовите на либералите, Елке Хоф се сомнева дека зголемувањето на бројот на војниците е клучот за постигнување успех: „Мислам дека зголемувањето на воените трупи во Авганистан нема суштински да придонесе за стабилизирање на состојбата. Итно е потребно да се дојде до едно политичко и дипломатско решение заедно со сите соседи. Без Пакистан, Иран, Индија и централна Азија во Авганистан нема да има мир“