1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Започнува вакцинацијата без закажан термин

ДТЗ
12 јули 2021

Граѓаните кои немаат закажано термин, првата доза ќе може да ја примат во здравствените домови. Во спортските сали ќе се врши ревакцинација.

https://p.dw.com/p/3wKVU
Nord-Mazedonien Corona Impgung in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Од денеска граѓаните ќе може да се вакцинираат против Ковид-19 без закажан термин. Паралелно ќе тече и имунизацијата на граѓаните кои се пријавиле преку веб-платформата vakcinacija.mk.

Граѓаните кои немаат закажано термин, првата доза вакцина ќе може да ја примат во пунктовите во здравствените домови, болници или поликилники во градовите, односно во постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи.  Во спортските сали, ќе се врши масовна ревакцинација и таму нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин за вакцина. Вакциналните пунктови во јавните здравствени установи, ќе имаат работно време, кое е објавено на вратите од здравствените установи.

-повеќе на темата: Колективен имунитет кај 85 отсто од населението ќе не спаси од Делта мутацијата

Во Скопје вакцинарање без закажан тремин, ќе има во Поликлиниките Јане Сандански, Букурешт и Чаир, кои ќе работат од 7.30 до 19.30 часот. Од утре ќе се отвори и нов вакцинален пункт во Поликлиниката во Шуто Оризари кој ќе работи од 7.30 до 14.30 часот.

Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Апелирам до граѓаните што помасовно да се вакцинираат, вели министерот Венко Филипче.Фотографија: DW/P. Stojanovski

„За вакцинација, потребен е задолжителен документ за лична идентификација, за здравствените работници да ги запишат вашите податоци и да бидете евидентирани во системот Мој Термин. Апелирам до граѓаните што помасовно да се вакцинираат, бидејќи единствен начин да заврши оваа пандемија е што помасовна вакцинација. Овие месеци се одличен период кога бројките на новозаразени и хоспитализирани се намалени, достапноста на вакцините е големо“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Теренска вакцинација

Од денеска започнува и теренската вакцинација со која ќе се дозволи вакцинирање и на деца од 12 до 16 години со вакцината на Фајзер. Оваа вакцина во моментов е единствена која е дозволена да се користи согласно препораките од внатрешното упатство за оваа категорија деца за оваа возраст. 

Родителите со своите деца може по своја волја да се појават директно на пунктовите за вакцинација, а во здравствените домови ќе бидат достапни и педијатри за советување. Надлежните апелираат граѓаните да ја искористат можноста да се вакцинираат. Според нив, појавата на Делта сојот на коронавирусот покажува колку е важна вакцинацијата, со оглед на тоа дека таа штити од тешка форма на болест и од смрт. 

-повеќе на темата: Претстои нова битка: со вакцини и рестрикции против Делта сојот?

Процесот за теренска вакцинација е организиран во соработка со здавствените домови од секој град, локалната самоуправа и месните заедници. Со помош на локалните медиуми и плакати, граѓаните ќе бидат информирани за  денот и часот во кое село, населба или рурално населено место ќе се врши вакцинација. Целта е имунизацијата да се доближи до најоддалечените места во земјата и што поголем број граѓани да се вакцинираат со цел создавање на колективен имунитет против Ковид-19. Најновите прогнози на здравствените лица се дека е потребно да се постигне праг на колективен имунитет од 80 до 85 отсто кај населението за да се спречи ширењето на вирусот. Но, овој праг ќе може да се постигне само ако со вакцинацијата бидат опфатени и адолесцентите. 

Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Најновите прогнози на здравствените лица се дека е потребно да се постигне праг на колективен имунитет од 80 до 85 отсто кај населението за да се спречи ширењето на вирусот. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Молам за поддршка од секој граѓанин во овој процес. Имаме мирна епидемилошка состојба и доволно вакцини односно идеални услови да вакцинираме што поголем број на граѓани. Комуницирајте со вашите блиски и познати ако се уште не се вакцинирани да го направат тоа во најбрз рок. Само така ќе ја победиме пандемијата“, апелираше министерот Филипче преку социјалните мрежи.

Досега  со една доза се вакцинирани вкупно 417 141 граѓани од кои 245 231 се веќе ревакцинирани. Интерес за вакцинација, пак, преку веб-платформата искажале вкупно 496 228. Според Министерството за здравство, досега 54 проценти од граѓаните над 70 години имаат примено барем една доза, над 60 години со прва доза се вакцинирале 47 отсто, додека од населението над 50 години барем една доза имаат добиено 39 проценти.