1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Започна последната рунда преговори за децентрализацијата на Косово

4 мај 2006

Средбата во Виена треба да заврши утре напладне. Ќе биде ли изнајден компромис?

https://p.dw.com/p/AdjS
Од преговорите во Виена
Од преговорите во ВиенаФотографија: AP

Претпладневните разговори на четвртиот и последен состанок посветен на децентрализацијата во рамките на директните преговори за идниот статус на Косово, според агенциските информации од Виена, течале подобро од очекувањата. Веќе биле усогласени некои критериуми и албанската страна прифатила поедини предлози на српската делегација.

Централна тема е прашањето колку нови општини треба да бидат формирани, во кои неалбанското население би добило автономен статус. Во Виена се разговара за принципите врз основа на кои треба да се формираат новите општини. Според досегашните информации, косовската делегација понудила основање на пет, а Белград најави дека ќе бара 16 или 17 нови општини. Таквото барање е нереално, смета австрискиот дипломат Алберт Роан, кој претседава на преговарачките средби во Виена. „Го поддржавме предлогот за создавање повеќе нови општини, но 16 сепак е премногу“, изјави тој за виенскиот весник „Стандард“.

Како што се дознава, српската страна бара новите општини со српско мнозинство да немаат помалку од 5 илјади жители, иако некаде би можеле да бидат направени исклучоци. Се бара и враќање на српското население во тие општини, како и заштита на културното наследство. Делегацијата на косовските Албанци инсистирала на принципот новите општини да бидат формирани на места со доволно големи и одржливи заедници. Попладнево би требало да се разговара за секоја од предложените општини, а предвидено е средбата да продолжи и утре претпладне, по што Роан ќе го обелодени пред јавноста исходот на разговорите.

И покрај разликите околу одредени прашања, како на пример за статусот на Косовска Митровица, членовите на обете делегации пред почетокот на четвртата рунда изразија воздржан оптимизам.

По децентрализацијата, наредни теми во преговорите на Белград и Приштина треба да бидат заштитата на културното наследство, економијата и други прашања, а според планот на специјалниот пратеник на ОН за статусот на Косово Марти Ахтисари, во јули треба да за преговара и за статусот на Косово.