1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Закана од епидемии во поплавените региони

АТ/ дпа/афп/ртр/ард/бета20 мај 2014

Во областите погодени од поплави на Балканот состојбата и натаму е критична. Властите предупредуваат од опасноста од заразни болести и од нагазните мини од војната.

https://p.dw.com/p/1C2rf
Фотографија: Reuters

Во Србија се стравува од нов бран поплави. Реката Сава би можела да предизвика поплави во Белград и околината, исто како што претходно беше случај во Хрватска и Босна и Херцеговина. Илјадници спасувачи и доброволци се во трка со времето. Тие поставуваат стотици илјади вреќи со песок на посебно опасните делови. Според последните податоци, според градоначалникот на Белград Синиша Мали, состојбата била „под контрола“.

Српските власти се загрижени поради електричната централа „Никола Тесла“ во близина на поплавениот град Обреновац. Во оваа централа се произведува половина од струјата во Србија. Министерот за енергија Александар Антиќ оцени дека заштита на оваа електрана е „одлучувачка“ за енергетското снабдување.

Во Србија од поплавите се погодени околу 600.000 луѓе, а околу 30.000 се евакуирани. Во Белград илјадници доброволци поставуваат вреќи со песок долж Сава, која таму се влева во Дунав.

Во другите региони на Балканот водата почна да се повлекува.

Flut und Überschwemmung Serbien 17.05.2014
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

Заразни болести и мини

Властите предупредуваат од избивање на заразни болести во поплавените области. Доколку во наредните денови има летни температури, се закануваат епидемии ако поплавените области не бидат наскоро исчистени. Посебно мртвите животни во водата би можеле да предизвикаат болести како тифус или хепатитис.

Опасност постои и од нагазните мини од босанската војна во 90-те. Босанскиот центар за мини во Сараево предупреди дека водата и калта би можеле да извлечат на површина скриени мини и да ги пренесат на друго место. Дури и кога механизмите за палење се влажни, мините и натаму претставуваат опасност.

Официјалната цел на босанската влада - земјата да се расчисти од мини до 2019 година, сега се чини подалечна од кога и да е претходно. „Ако се има предвид дека досега, според проценките, ни се познати 70 проценти од постоечките мински полиња, и дека по војната можевме да расчистиме само околу половина од официјалните мински полиња, станува јасно дека ќе ни треба многу повеќе време“, вели Џена Скоплјак. Оваа експертка за мини на ЕУ проценува дека за тоа ќе требаат уште најмалку 20 до 30 години.

Flut in Bosnien
Водата ги помести нагазните миниФотографија: DW/M. Camdzic

Експертите проценуваат дека само во Босна и Херцеговина сѐ уште има 120.000 нагазни мини. Во Хрватска се проценува дека има околу 13.000 експлозивни тела.

Огромни штети

Во Босна, во меѓувреме, од поплавите се погодени повеќе од една четвртина од населението. Еден милион луѓе немаат пристап до чиста вода за пиење, соопшти министерот за надворешни работи Златко Лагумџија. „Штетите се огромни“, рече тој. Во погодените земји Србија, Босна и Хрватска бројот на жртвите се зголеми на преку 40.

Во меѓувреме пристигнува хуманитарна меѓународна помош, меѓу нив тимови од Русија, САД и Европската унија и соседните земји. Повеќе од 400 спасувачи од земјите на ЕУ веќе се на лице место, изјави комесарката Кристалина Георгиева во Брисел. Во спасувачките акции во Србија е вклучена и мисијата на ЕУ на Косово, Еулекс. Поплавите во регионот се најголемите во изминатото столетие.