1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заедничка европска политика за азил е илузија

Кристоф Хаселбах/ превод:сн8 април 2016

Актуелниот систем за доселување азил во ЕУ можеби не е идеален за иднината, но реформските предлози на Еврокомисијата тешко ќе поминат, предвидува Кристоф Хаселбах.

https://p.dw.com/p/1IRNF
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis

Недостатокот на Даблинскиот систем е во тоа што одделни земји кои се наоѓаат на бегалската рута, како Италија и Грција, го носат целиот товар. Сите останати земји членки да ги спроведуваа Даблинските правила, ретко кој бегалец ќе стигнеше во Германија или во Шведска. Речиси сите би морале да поднесат барање во Италија или во Грција, таму би биле сместени и тогаш, во зависност од исходот на тој процес, или би добиле статус на азиланти или би морале да се вратат во земјите од потекло. Со оглед на доаѓањето на стотици илјади луѓе, овие две земји со право сметаат дека е тоа нечесно.

Но Атина и Рим всушност ги поедноставија работите со тоа што бегалците, без регистрација и без спроведување постапка за добивање азил, едноставно ги пуштија на север. Поради тоа загубија на популарност. Грција за тоа придонесе и со лошиот третман на бегалците, па европските судии забранија враќање на бегалците од другите членки на ЕУ во Грција. Атина е практично наградена поради тоа што не ги почитуваше европските стандарди.

„Даблин“ има предности

Додека Германија долго време го толерираше тој хаос, другите земји прво се оградија себе си, а потоа и Балканската рута. Австрија сака да го блокира и граничниот премин со Италија - Бренер, поради мигрантите кои наскоро би можеле во поголем број да стигнат во Италија преку Средоземното море.

Моменталната состојба во која се наоѓа европската политика на азил најдобро може да опише на овој начин: никој никому не му верува, секој работи сам за себе. Оној кој сака да спроведе реформи со цел за праведна распределба и европеизација, тој би требало да го има на ум следното: уште минатата есен членките на ЕУ мнозински се договорија по целата Унија да распределат 160.000 бегалци од Грција и од Италија. Тоа во основа беше „чесен механизам“, кој Комисијата повторно го форсира. Но бројот на лица кои навистина беа префрлени во други земји остана многу мал, а отпорите за распределба многу големи, така што сега не би требало да се имаат преголеми илузии околу предлогот кој оди и чекор понапред.

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

Тоа, на пример, е „трајниот клуч за распределба“. Германската канцеларка Ангела Меркел оваа идеја постојано ја уфрлаше во игра - и речиси на сите страни наидуваше на отпор. Се критикуваше тоа што, без обезбедување на надворешните граници, практично се повикува на неограничено доселување. Тоа во суштина е голема предност на „Даблин“: постојат јасни надлежности, а земјите во кои пристигнуваат најголем број мигранти имаат јасна мотивација да ја контролираат својата, а воедно и надворешната граница на ЕУ. Откако Балканската рута е затворена, нема веќе пропуштање кон север.

Одлучувачки е бројот на бегалците

Поради сето тоа реално е да се очекува оти мнозинството ќе поддржи само благи промени на Даблинскиот систем. Па и во тој случај проблемот ќе остане нерешен - да, имено, земјите-членки можеби и ќе се согласат на некоја реформа, но не и да ја спроведат во пракса додека е на сила „чесниот механизам“.

Сето на крајот зависи од бројот на бегалци. Ако нивниот број на подолг рок остане значително помал отколку во минатото, тогаш ни прераспределбата не е непремостлив проблем. Но ако нивниот број наскоро повторно достигне димензии како во втората половина на 2015. година, секоја земја ќе сака да си помогне сама себеси - и тоа на сметка на другите. Затоа прва цел мора да биде спречување на ново масовно доселување.