1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Искуството не учи на реализам!

Катерина Блажевска13 август 2015

Груевски ќе се обидува на разни начини дa ја избегне реализацијата на преземените обврски. Но, тоа ние нема да му го дозволиме, ниту ќе му го дозволат меѓународните гаранти на договорот, вели лидерот на СДСМ.

https://p.dw.com/p/1GEpD
Фотографија: DW/K. Blazevska

На 1 септември опозициските пратеници ќе се вратат во Собранието, како што е предвидено со Договорот од 2 јуни, а за неколку дена ќе продолжат и активностите на работната група кои беа прекинати заради летниот одмор. Пред власта и опозицијата во наредниот период стојат многу обврски со прецизно наведени рокови. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, во разговор за Дојче веле, зборува какви се неговите очекувања за целосна и навремена реализација на Договорот и кои се можните пречки на тој пат.

ДВ: Од 17 август ќе продолжи со работа т.н. работна група, која во претходниот период имаше средби, но не и поконкретни резултати. Има ли досега воопшто некаков напредок и во која сфера?

- Генерално, се уште е рано да се каже каде има поголем, а каде помал напредок. Но, има доволно време за напредок по сите точки кои се приоритет во преговорите, а се однесуваат на Избирачкиот список, Изборниот законик, изборот на специјален обвинител и медиумите. Очекувам многу брзо по 17 август да се дефинира начинот за прочистување на Избирачкиот список. Наш предлог е тоа да се реализира со активна регистрација на гласачите, односно да се создаде целосно нов список наместо да се чисти постојниот. Исто така, не само според важноста, туку и според поставениот рок, приоритет за решавање е прашањето за специјалниот обвинител.

ДВ: Засега на различен начин се толкува значењето на предвидената „целосна автономија“ на специјалниот обвинител, односно дали тој ќе функционира самостојно или под „капата“ на сегашниот државен јавен обвинител. Расчистено ли е ова прашање меѓу потписниците на Договорот?

- Целосната автономија е предвидена со Договорот и не може двојбено да се разгледува. Тоа значи дека специјалниот обвинител ќе биде издвоен од субординираноста на системот на обвинителството и ќе биде самостоен во одлучувањето. Тоа значи дека треба да има тим кој ќе работи на предметите со него, да има целосна самостојност во изборот на инспектори во Истражниот центар и да има финансиска независност и техничка опременост за непречено функционирање. Нема тука посебна „филозофија“, која би била причина за дебата или недоразбирања. За таа цел, прв неопходен чекор е донесување нов закон или измена на постојниот, со што ќе се гарантира таа автономија. Ние имаме разработено два вида измени и дополнувања на законот и еден нов предлог закон. Очекуваме и власта да даде предлози со оглед дека има повеќе ресурси, со цел да биде олеснето донесувањето на конечното правно решение кое ќе обезбеди целосна автономија на специјалниот обвинител.

ДВ: Имате ли кадровски предлози за оваа функција?

- Чекаме прво на донесување на законот. За да разговараме со некого, прво треба да знаеме за што формално-правно зборуваме. Истото важи гледано и од другата страна: кога јас би бил заинтересиран кандидат за таа функција, би почекал прво да се донесе законот, па потоа би донел одлука дали да се кандидирам. Тоа е единствената логична постапка за ваква сериозна функција.

Mazedonien Krisengespräch in Skopje
Специјалниот обвинител ќе биде издвоен од субординираноста на системот на обвинителството и ќе биде самостоен, вели ЗаевФотографија: MIA

ДВ: Амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, минатиот месец изјави дека „второ критично прашање е датумот 20 октомври, кога треба да бидат назначени двајца нови министри и петмина заменици министри, а најкритично е изгледа Министерството за внатрешни работи“. Очекувате ли проблеми при изборот на прв човек на МВР?

-Со протоколот кон Договорот од 2 јуни, на опозицијата и е дадено на знаење да води сметка предлогот за министер за внатрешни работи да не биде робусно партиско решение, туку професионалец, односно експерт. За предлогот треба да бидат консултирани и владините коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Но, тоа не значи дека имаат право на вето. Во услови на евентуално несогласување, арбитер ќе биде домашната јавност и меѓународните претставници кои се гаранти на Договорот. Истото важи и за кандидатот за нов премиер. Опозицијата не може да стави вето на неговиот избор, но обврска на ВМРО-ДПМНЕ е да води сметка тој да не биде кадар кој е инкриминиран со материјалите од прислушкувањето што ги објави опозицијата.

ДВ: Кој е вашиот кадровски предлог за функцијата министер за внатрешни работи?

- Имаме повеќе предлози, но сметаме дека се уште е рано да соопштиме.

ДВ: Многу поважно од ова е реформата во медиумската сфера. Но, досега не слушнавме дали на масата на работната група се ставени одредени предлози.

-Ќе разговараме за сите предлози што водат кон гарантирање на слободата и независноста на медиумите, пред се, на МРТВ, а преку контролни механизми и на приватните медиуми со национална концесија.

ДВ: Кои се вашите конкретни предлози кои водат кон ваквата цел?

- Потребно e да има независен Програмски совет на МРТВ кој ќе го избере уредничкиот тим. Треба да биде дефинирана и финансиската независност на МРТВ. Само со кадровска и финансиска независност може да очекуваме независен јавен радиодифузен сервис.

ДВ: Кој ќе ги предлага членовите на Програмскиот совет?

- Има различни модели. Ние сметаме дека предлозите треба да ги даваат независни институции. Една од нив е и ЗНМ.

ДВ: Сте имале ли средба и разговори со премиерот Груевски, во функција на обемните претстојни обврски од Договорот?

- Последната средба беше на 15 јули во Пржино. Но, ако има потреба, во наредниов период може да се случи интерпартиска средба за да прецизираме одредени работи во функција на работата на работната група.

ДВ: Дали сте оптимист дека Договорот ќе се спроведе според предвидените рокови и дека ќе ги донесе суштинските реформи предвидени со него?

- Искуството со Груевски од минатото не обврзува да не се базираме на оптимизам, туку на реализам. Груевски ќе се обидува на разни начини дa ја избегне реализацијата на преземените обврски. Но, тоа ние нема да му го дозволиме, ниту пак ќе му го дозволат меѓународните гаранти на договорот. Во периодот што ќе следи ќе дејствуваме максимално внимателно и фокусирано на исполнување на сите компоненти oд договореното, како основен предуслов за одржување фер и демократски избори во предвидениот рок.