1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загадочна политика на Пекинг

Ролф Венкел/превод:бг13 август 2015

Неделава Пекинг ја намали вредноста на сопствената валута. Тоа ги раздрма светските берзи. Проблемот е во тоа што Кина сопствени цели и тоа што сака да го одржи чекорот со доларот, смета Ролф Венкел

https://p.dw.com/p/1GEqE
Фотографија: Reuters/Petar Kujundzic

Многумина на светските берзи се обидуваат да сфатат, што всушност планира Кина со својата монетарна политика. Народната банка на Кина со години го држеше јуанот на линија со курсот на доларот. Курсот беше одредуван секојдневно и беше дозволено само 2 отсто отстапување во трговијата со валутата.
Но сега одеднаш кинеската валута на двапати беше турната надолу: во вторникот (11.8) јуанот беше обезвреден за два отсто и истовремено беше ветено дека во иднина неговата вредност ќе биде повеќе врзана за законот на понуда и побарувачка. Наместо тоа, веќе во средата Кина повторно интервенираше на пазарот и му ја спушти вредноста за уште 1,6 проценти.

Дали кинеските чувари на парите воопшто го слушаат она што самите го велат? Од една страна, неуморно ветуваат дека својата валута ќе ја ослободат од поврзаноста со доларот- и тоа не затоа што американските министри за финансии со години ја обвинуваат Кина дека вештачки го одржува курсот на својата валута на ниско ниво за кинеските производи да бидат поефтини и подобро да минуваат на светскиот пазар.
Причината е многу поважна: Пекинг сака ММФ да го вброи и јуанот во списокот на главни светски валути. А Пекинг одлично знае дека неговата валута ќе влезе во ексклузивниот клуб со еврото, доларот, јапонскиот јен и британската фунта, само доколку биде слободен за трговија.

Wenkel Rolf Kommentarbild App

Пекинг го одредува ритамот

Досега, Кина со интервенциите на пазарот се обидуваше да го спречи растот на вредноста на јуанот. Притоа Кина не сака да биде главен виновник за сите неволји на светската економија, туку едноставно смета дека не е време за либерализација на менувачкиот курс. Сите економски програми во Кина служат само за една цел: што побрзо создавање на широк, платежно способен среден слој Кинези кои ќе можат самите да купуваат и создаваат домашен пазар. Кина сака да биде производител на иновативни, технолошки развиени производи и машини, а не да биде зависна од извозот на ефтини производи за масовна потрошувачка.
Но дотаму е долг патот, а реалноста е дека на Кина за таа цел и се потребни приходи и од ефтините производи. Пазарот има сопствени закони и кога јуанот преку ноќ би се нашол на слободниот пазар, тоа би бил потрес кој не би ја погодил само Кина. Во тој случај, вредноста на јуанот би пораснала, а доларот би загубил барем 10, некои велат и 40 отсто од својата вредност- и тоа наеднаш.
Тоа потоа би значело дека кинеските девизни резерви преку ноќ би ја загубиле својата вредност, но тоа би бил помалиот проблем. Бидејќи на тој начин производите на илјадници кинески фирми би станале премногу скапи и никој повеќе не би ги купувал. Фирмите масовно ќе пропаѓаат, а милиони Кинези би останале без работа.
Тоа Пекинг себеси не смее да си го дозволи. Да, Кина планира да ја подигне вредноста на јуанот, но не сака било кој да и диктира кога ќе се случи и за колку. А особено не сака кога тоа и го сугерираат американските министри за финансии.