1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заврши времето на евтината нафта?

Тобијас Шмит (дпа) / ЕМФ26 мај 2016

Цената на нафтата во моментов е во постојан раст, а многу причини говорат во прилог на тоа дека таквиот тренд ќе продолжи. Или можеби не?

https://p.dw.com/p/1Iukp
Фотографија: picture-alliance/epa

Евтината нафта за потрошувачите значи пред сѐ едно - заштеда при полнењето на резервоарите и поевтино масло за домаќинствата. Веќе две години потрошувачите се навикнати на ваков комфор. Од средината на 2014 година до почетокот на оваа година цените од над 100 долари за барел (159 литри) паднаа на околу 30 долари. Но, оттогаш ветрот ја смени насоката. Денеска цената на нафтата од сортата Брент првпат во последните шест месеци повторно ја надмина границата од 50 долари за барел. Дали пресвртот на пазарот на нафта е конечно извесен? Има работи кои зборуваат во прилог на тоа, но експертите остануваат претпазливи.

Главна причина за најновото зголемување на цените треба да се бара во САД, затоа што таму се намалува производството на нафта. На крајот на април производството беше на најниско ниво од есента 2014 досега. Причината за тоа е што најголемиот дел од нафтата во САД се добива со т.н. фрекинг. Оваа техника, при која во длабоките слоеви од почвата се внесуваат хемикалии, е спорна не само поради можните последици за човекот и природата, туку е и релативно скапа. Фирмите кои се занимаваат со фрекинг страдаат од ниските цени на нафтата и мораат делумно да го запрат производството. Кога треба да се направи проценка на прекумерната понуда на нафтениот пазар, на финајниските пазари во фокус се САД. Вчера сите ги чекаа податоците од американското министерство за енергија за резервите на нафта во САД. Инвеститорите проценуваат дека колку се поголеми резервите, толку е поголема и понудата на нафта на светскиот пазар. До почетокот на мај резервите достигнуваа рекордни големини. Но, сега тоа е завршено. На средината од месецов почна намалување на резервите.

Цената на нафта не се зголемува само поради ситуацијата во САД. Црното злато е барано на светскиот пазар. Поради големата побарувачка од Кина, Индија и други земји во забрзан подем, се смета со побрзо трошење на резервите на сурова нафта ширум светот отколку што досега се проценуваше, велат експертите на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). Организацијата во која членуваат 29 држави како контрапол на ОПЕК, проценува дека во текот на годинава ќе има „драматичен“ пад на прекумерните количества нафта на светскиот пазар.

Preise für Heizöl und Benzin erreichen neue Tiefstände
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Сепак, експертите не се согласни во оценката дали навистина веќе може да се зборува за пресврт на пазарот на нафта. Некои од нив аргументираат дека најновиот пораст на цената на нафтата се должи пред сѐ на краткорочни ефекти. Резервите на нафта во САД се намалуваат и поради пожарите во Канада, каде производството е делумно запрено. Освен тоа, има терористички напади и безредија во земјата производител на нафта - Нигерија.

Дел од експертите сметаат дека долгорочно пречка за значително опоравување на пазарот на нафта е политиката на ОПЕК. Државите на ОПЕК постојано го зголемуваат производството. Тоа неодамна ја достигна највисоката точка од 2008 година досега. Заливските држави се особено зависни од приходите од извозот на нафта и во недостиг на други алтернативи, ниските цени на нафтата ги компензираат преку количеството. Тоа, пак, ја намалува натамошно цената на црното злато. Последните сериозни обиди во април да биде постигната согласност со Русија околу ограничување на производствот на нафта - пропаднаа.