1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забранет влез во Белата куќа на новинар на СиЕнЕн

ЖА / агенции
8 ноември 2018

На прес-конференција американскиот претседател влезе во кавга со Џим Акоста, по што новинарот ја загуби акредитацијата односно дозволата за влез во Белата куќа.

https://p.dw.com/p/37sJo
USA Halbzeitwahlen 2018 | midterms | Eklat Jim Acosta, CNN & Donald Trump, Präsident
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Портпаролката на Трамп, Сара Сандерс целосно ја оправда постапката кон новинарот, обвинувајќи го Акоста за апсолутно неприфатливо однесување. Трамп претходно, поради неговите упорни прашања, репортерот на СиЕнЕн го нарече „бесрамна, страшна личност“ и „непријател на народот“.

Кавгата започна на прес конференција кога Акоста му постави прашање на Трамп во врска со неговите вербални напади кон централноамериканските бегалци кои се на пат кон САД. Прашањето на Акоста беше дали Трамп намерно ги оцрнуваше ијладниците мигранти во екот на изборната кампања, на што претседателот прво одговори заобиколно: „Не, не сакам да стигнат во земјата, треба да постои легален начин“.

Акоста инсистираше дали е соодветна употребата на терминот „инвазија“ по што на Трамп „му пукна филмот“: „Искрено, треба да ме оставите да ја раководам земјата, вие работите во СиЕнЕн, а ако бевте добри, ќе имавте подобри квоти на гледаност“. Потоа Трамп го пресече обидот на Акоста да постави дополнително прашање: „Доста е, седете“. Службеничка од Белата куќа се обиде да му го одземе микрофонот на Акоста, но неуспешно, по што тој успеа да му постави на Трамп прашање и за истрагата за улогата на Русија во претседателските избори. 

Трамп тогаш премина во остар напад: СиЕнЕн мора да се срами што има такви соработници.

USA Halbzeitwahlen 2018 | midterms | Eklat Jim Acosta, CNN & Donald Trump, Präsident
Моментот на обидот на Акоста да му се одземе микрофонотФотографија: Reuters/K. Lamarque

Според портпаролката Сандерс, Доналд Трамп верува во слобода на печатот и поздравува „тврди прашања“, но таа дополни: „Ние нема да толерираме репортер да допира млада соработничка на Белата куќа“, алудирајќи на допирот при обидот да му се одземе микрофонот на Акоста. Новинарот на СиЕнЕн ги отфрли ваквите инсинуации како чиста лага, а телевизиската куќа застана во негова одбрана, осудувајќи го одземањето на акредитацијата на Акоста како непримерно и закана за демократијата.

Американскиот претседател редовно ги напаѓа критичките кон него медиуми за ширење лажни вести, не воздржувајќи се од лични навреди кон новинарите.