1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрана за ИД во Германија

Бетина Маркс / Елизабета М. Фиданоска12 септември 2014

Симболот на Исламска држава е црно знаме со бел натпис на арапски јазик. Знамето веќе не смее да се покажува во Германија. Министерот за внатрешни работи денеска соопшти дека терористичката организација е забранета.

https://p.dw.com/p/1DBU5
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Терористичката организација Исламска држава е закана и за јавната безбедност во Германија. Денеска решително и‘ се спротивставуваме на ваквата закана“. Со овие зборови сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие денеска (12.09) соопшти дека Исламска држава (ИД) во Германија е забранета. Германија е демократија која е способна да се брани и во која нема место за една организација која е свртена против слободарскиот поредок на земјата, изјави Де Мезие (на насловната фотографија) во Берлин.

Во Германија нема здружение со име Исламска држава, но терористичката организација важи како странско здружение во законска смисла и може да биде забранета со германски закон за здруженија. Со тоа се забранува и врбување во полза на Исламска држава и забрането е собирање пари и материјал за организацијата. Сето тоа од денеска се смета за кривично дело.

Забрана на знамето и симболите

Забраната опфаќа и секакво учество во активностите на Исламска држава, на социјалните мрежи или при демонстрации. И јавната употреба на ознаката Исламска држава е забранета. Тоа особено се однесува на црното знаме со бел натпис на арапски јазик. Содржина на натписот се првите реченици од определбата за исламска вера, како и т.н. „печат на пророкот“.

Овие централни реченици од верата и симболите во основа не се забранети, зашто нив ги користат и легитимни муслимански организации. Исламска држава, меѓутоа, се служи со многу старо писмо, кое треба да остави впечаток дека е автентично. Забрането е само црното знаме на Исламска држава, кое го веат борците и кое го има на фотографиите и пропагандните видео-снимки. Кон тоа се додава и забраната за другите симболи кои се специфични за Исламска држава.

Salafisten in Deutschland
Демонстрации на салафисти пред Бранденбуршката порта во Берлин (архива, 30.03.2014)Фотографија: picture-alliance/dpa/ W.Steinberg

Германски исламисти за џихад

Досега симболите во Германија смееја да се прикажуваат во јавноста. Тие постојано се појавуваа на демонстрации на салафистите или собири во германските пешачки зони. „Мора да се спречи радикалните исламисти да го реализираат својот џихад во германските градови“, изјави министерот за внатрешни работи Де Мезие. Според него, мора да се спречи и лица од Германија да се борат на страната на ИД.

Според проценките на безбедносните власти, на терористичката милиција досега и‘ се имаат приклучено околу 400 лица од Германија, главно мажи. Околу сто од нив се вратени во Германија, нагласи министерот. Дел од вратените се дезилузионизирани и фрустрирани. Другиот дел има за цел да врбува нови приврзаници. Во Ирак досега загинале околу 40 борци на ИД од Германија, меѓу нив и атентатори самоубијци. Повеќето приврзаници на Исламска држава во Германија се врбуваат преку интернет, на пример преку социјалните мрежи. Под влијанието на пропагандата на ИД потпаѓаат како радикални муслимански мигранти, така и Германци кои конвертирале во ислам. Според проценки на експертите, тоа се пред се‘ млади луѓе, кои живеат на маргините на општеството, имаат ниско образовно ниво и се чувствуваат неразбрани од средината во која живеат и општеството.