1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Нема излез од челичарницата Азовстал во Мариупол

ЕМФ | Тагесшау
21 април 2022

Во челичарницата Азовстал, во Мариупол, градот за кој Кремљ тврди дека е во руски раце, сѐ уште има украински сили и цивили. Апелите да им се обезбеди евакуација досега се безуспешни.

https://p.dw.com/p/4AG2M
Ukraine Krieg | Mariupol
Фотографија: Musienko Vladislav/Ukrainian News/IMAGO

По речиси двомесечна опсада на Мариупол, рускиот претседател Владимир Путин објави дека стратешки важното украинско пристаниште е во руски раце, но во исто време призна дека челичарницата Азовстал, со последните украински бранители на градот, сè уште не е под руска контрола. Путин наредил челичарницата да се држи и натаму под опсада, толку цврста што не би било можно „да прелета ниту мува“. Влегување во комплексот, кој има бројни подземни тунели, нема смисла, рече Путин. „Мораме да мислиме на животот и здравјето на нашите војници и офицери“, рече рускиот претседател. Тој повторно ги повика луѓето во челичарницата да го положат оружјето.

Сè уште нема можности за евакуација

Според градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, цивилите не можат да ја напуштат опколената челичарница. Во самиот пристанишен град, околу 200 луѓе чекаа да стигнат на безбедно, рече тој. До попладневните часови не пристигнаа автобуси за евакуација.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека со војниците во челичарницата Азовстал се и околу илјада цивили и стотици повредени луѓе. Вицепремиерката на Украина, Ирина Верешчук, ги повика шефовите на држави и влади и меѓународната заедница да ги фокусираат своите напори кон ситуацијата околу Азовстал. Таа оцени дека е дојден клучниот момент за хуманитарните напори.

Во средата (20.04) од Мариупол беа изнесени 80 лица. Мал конвој цивили го напушти градот и сега е на пат кон Запорожје, кој е под контрола на Украина. Во Мариупол сѐ уште има над 100.000 луѓе, вели Бојченко.

Russland-Ukraine-Konflikt I Mariupol
Челичарницата треба да се држи под опсада за да не може „ни мува да прелета“, наредил рускиот претседателФотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

Апели за коридор за бегство

Украинското Министерство за надворешни работи повика на итно создавање коридор за бегство за цивилите и повредените борци од челичарницата во Мариупол. „Тие немаат речиси никаква храна, немаат вода и основни лекови“, соопшти Министерството. Украинските власти стравуваат дека во Маирупол досега загинале повеќе од 20.000 луѓе. Командантот на ултранационалистичкиот украински полк Азов, Свјатослав Паламар, во меѓувреме најави дека неговата единица нема да се предаде со своето оружје. Наместо тоа, тој побара „безбедносни гаранции“ од „цивилизираниот свет“.

- повеќеКиев бара преговори со Русија во Мариупол

 Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ги обвини руските трупи за „искрварување, изгладнување“ на Мариупол. Ситуацијата во градот „не само што е многу драматична, таа е речиси неподнослива“, рече таа за време на посетата на Естонија и најави дека ЕУ ќе продолжи да го зголемува притисокот врз Русија.

- повеќеЗошто Мариупол му е толку важен на Путин?

Во регионот Донбас и на југот од Украина руските сили денеска продолжуваат со артилериски оган „долж целата линија на фронтот“, се вели од украински извори. Тешки борби, меѓу другото, се водат во регионот Исјум, како и во градовите Попасна и Рубишне во областа Луганск.