1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид цунами по одморите и журките

ДТЗ
12 август 2021

Млади на возраст од 12 до 17 години ги наполнија амбулантите. Според лекарите, забавите и поголемата развиженост на младите во текот на летото доведоа до пораст на бројот на заразени.

https://p.dw.com/p/3ytVj
Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Амбулантите се преполни со заразени последниве денови, откако четвртиот бран на Ковид-19 започна да зема се поголем замав. „Ова не е четврти бран, ова е цунами“, коментираат лекарите, коишто едвај постигнуваат да ги прегледаат сите пациенти. Притисок има и кај државните и кај приватните амбуланти. Во екот на летото, проблемот е уште посериозен, бидејќи дел од лекарите се на годишен одмор. Наплив има на пациенти на возраст од 12 до 17 години. „Одморите, журките, раздвиженоста на младите го направија своето. Вирусот ги погодува сите, но овојпат најризични се младите кои највеќе се движеле во групи, по кафулиња и на забави“, вели за ДВ директорот на Центарот за јавно здравје, Беким Зекири. 

-повеќе на темата: Делта сојот ги полни болниците, најкритично е во Тетово

Како ќе се развива понатаму ситуацијата со вирусот тешко може да се предвиди. Според Закири, засега има доволно места за сместување, но стравувањата се од зголемен број на заразени во идниот период. „Засега има по 300 до 500 новозаразени дневно, но како што ќе расте бројот на новозаразени, ќе се зголемува и бројот на хоспитализирани“, укажува тој.  

Нови кластери од журките

Деновиве преполно со пациенти е и во приватната ординација по општа медицина - Медика Вера. Доктор Бојан Трајковски за ДВ вели ситуацијата е загрижувачка изминативе денови. Има огромен наплив на пациенти, па лекарите, по кратката оддишка, повторно се вратија на старата ситуација да прегледуваат само ковид-пациенти. Тој предупредува дека журките во Охрид станаа еден од најголемите кластери за ширење на вирусот. 

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Абулантите се преполни со заразени последниве денови, откако четвртиот бран на Ковид-19 започна да зема се поголем замав.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Голема е бројката на заразени од оние кои што присуствуваа на Охрид колинг. Само минатата недела имав 15 деца коишто се заразиле на забавите. Ако порано тие не пројавуваа посериозни компликации, сега доаѓаат со пневмонии и многу посериозни здравствени проблеми. Вирусот е веќе премногу раширен“, вели Трајковски. 
Најголем дел од заразените млади се на возраст од 16 и 17 години. 

Охрид како жариште

Во екот на туристичката сезона Охрид и Струга се преполни со домашни и странски гости. За време на Илинденските празници, буквално немаше каде игла да се фрли, а на журките и забавите кои се организираа до утринските часови, ретко кој ги почитуваше препораките на надлежните за заштита од Ковид-19. По враќањето дома десетици млади лица беа тестирани позитивни. Во Кичево беше откриен кластер со 30 млади, коишто се заразиле на одморот во Охрид. Како што јавија дел од медиумите, десетмесечно бебе од Кичево е најмладото заразено лице меѓу новоинфицираните со коронавирусот. 
Покрај забавите, изминатиов период и свадбите, сунетите и повратниците од странство, исто така продонесоа за брзо ширење на вирусот. Основното јавно обвинителство Тетово оформи предмет за ковид-свадба, на која младоженците иако знаеле дека се заразени, сепак организирале свадбена веселба. Ковид-свадби беа откриени и во Охрид и во други градови. Најголемиот проблем е што се кријат контактите, поради што тешко може да се изолира кластерот. 

Дали се задоцнети рестрикциите?

Поради новиот бран на вирусот, надлежните од понеделник најавија нови рестриктивни мерки. Токму новите рестрикции кои предвидуваат во угостителски објекти да влегуваат само лица со примена барем една доза вакцина, ја забрзаа вакцинацијата. Досега е надмината бројката од еден милион дадени дози вакцини во земјата. На вакциналните пунктови во земјава и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 561.912 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.914 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 16.020 граѓани. Во државата вкупно се дадени 1.016.700 дози вакцини, а ревакцинирани се 454.788 граѓани. 

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Досега е надмината бројката од еден милион дадени дози вакцини во земјата.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Директорот на Центарот за јавно здравје, Беким Зекири вели дека мерките за заштита и вакцинацијата се најмоќното оружје против вирусот и новите мутации. 

-повеќе на темата: Претстои нова битка: со вакцини и рестрикции против Делта сојот?

„Многумина се опуштија оти мислат дека го прележале вирусот и дека повеќе не се загрозени. Голема е и бројката на оние коишто не веруваат дека вирусот воопшто постои. Им помина стравот и на оние што го прележаа вирусот со лесни или никакви симптоми и сега ги убедуваат другите дека не е ништо страшно“, вели доктор Зекири. Но, дека вирусот не треба да се потценува, според него, покажува тоа што изминативе денови имаше неколку смртни случаи на помлади луѓе, меѓу кои и на трудница од Куманово, која почина на 29 години. 
Затоа, тој апелира за што помасовна вакцинација. „Тоа е исто кога возиш автомобил, покрај ремен, имаш и заштитно перниче. Некогаш ниту ременот, ниту перничето не можат да те заштитат, но во најголем случај, можат да ти го спасат животот“, вели Зекири. Според него, иста е ситуацијата и со вакцините. Нема 100 проценти гаранција дека нема да се заразат вакцинираните, но факт е дека имунизацијата го намалува разорниот ефект на вирусот и во голем процент штити од смртни последици. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема