1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Како Макрон сакаше да ја спречи војната во Украина

Соња Палникар
9 јули 2022

Дипломатските напори на Западот за да се спречи руската инвазија на Украина се одвиваа со голем интензитет до пред самиот почеток на војната. Што се обидуваше да направи Макрон сега е прикажано во документарен филм.

https://p.dw.com/p/4DbxP
Telefonat zwischen Macron und Putin
Фотографија: Irna

Дваесетти февруари 2022-ра - четири дена подоцна Русија ја напаѓа Украина. Францускиот претседател Емануел Макрон со телефонски разговор со рускиот претседател прави последен очајнички обид да го одврати Владимир Путин од напад.

Овој речиси двочасовен разговор е клучна сцена во документарниот филм „Претседателот, Европа и војната“ на новинарот Ги Лагаш. Тој ја следеше работата на француската влада во текот на француското претседателство со ЕУ во првата половина од годинава.

Телефонскиот разговор помеѓу Макрон и Путин, преку звучници го следеле дипломати, соработници на францускиот претседател, сместени во просторија до собата од каде што разговарал Макрон. Тие фаќаат белешки и го поддржуваат Макрон со укажувања преку директни пораки.

Привид на доверливост

Двајцата претседатели се обраќаат еден кон друг со име, разговараат на „ти“. Макрон почнува директно: „Владимир, можеш ли да ми ја објасниш твојата проценка на ситуацијата? И, сосема отворено, како што е вообичаено меѓу нас, да ми ги објасниш твоите намери?“

Путин на тоа реагира главно индиферентно: „Што да кажам? Знаеш што се случи.“ Украина, вели тој, го повредила договорот од Минск од 2014 и 2015 година, со кој требаше да се стави крај војната на истокот на Украина против сепаратистите верни на Русија. На Путиновото обвинување дека украинскиот претседател Володимир Зеленски наводно сакал да стигне до атомско оруже, Макрон врти со главата. Рускиот претседател додава: „Нашиот драг колега Зеленски“ не прави ништо за да го спроведе договорот од Минск. „Ве лаже“, тврди рускиот претседател.

„Комплексноста на политиката“

Документарецот ја прикажува „last мinute“-дипломатијата на Макрон зад сцената - неговите телефонски повици и средби со Путин, кои на крајот завршија со неуспех.

Лагаш на премиерата на филмот во Париз рече дека сака да покаже како функционира политиката, како функционира сложеноста на политиката - особено во време на популизам и, во овој случај, околу војната.

- повеќе: Макрон е спремен да патува во Москва, под одредени услови

Францускиот претседател отсекогаш ја бранеше својата дипломатска упорност и чувањето на отворен канал за дијалог со Путин. Неговите критичари, од друга страна, го обвинуваат за прекумерна самодоверба и наивност кога мисли дека може да влијае на Путин.

„Ме интересираше зошто Макрон продолжува да разговара со Путин, иако тој лаже, а неговите војници вршат воени злосторства. Која е неговата политичка стратегија кога постојано вели дека Русија не треба да се понижува“, изјави Лагаш во радио-интервју.

Frankreich Guy Lagache, Regisseur
Лагаш: Ме интересираше зошто Макрон продолжува да разговара со Путин, иако тој лажеФотографија: Franck Castel/MAXPPP/picture alliance/dpa

Спор околу легитимноста

Во телефонскиот разговор на 20 февруари има момент кога Макрон станува гласен. Тој му противречи на Путин, кој бара да се спроведат барањата на сепаратистите. „Не знам каде твоите адвокати го учеле правото и законот кога велат дека во суверена држава сепаратистите се тие што предлагаат текстови на закони, а не демократски избраната влада.“ Путин возвраќа дека украинската влада не е демократски избрана. „Таа дојде на власт со крвав пуч. Луѓето беа палени живи.“ Според рускиот претседател, тоа било крвопролевање.

И покрај оваа напната ситуација, Макрон се обидува да биде посредник. Тој нуди да разговара со Зеленски и бара од Путин да ги повлече своите војници од границата за да ја смири ситуацијата. Тој предлага и средба со американскиот претседател Џо Бајден во Женева. Путин во принцип се согласува, но вели и дека сака да се координира со своите советници.

Во филмот може да се слушне како во овој момент шефот на француската дипломатска служба вели: „Путин секогаш лаже“. Како што е познато, таква средба не се одржа. Наместо тоа, Русија ја нападна Украина.

Приоритетите на Путин, исто така, стануваат многу јасни на крајот од повикот. „Ти благодарам Емануел. Секогаш ми е задоволство да разговарам со тебе бидејќи имаме доверлив однос“. А потоа додава: „Не сакам ништо да кријам од тебе, но сега сакам да играм хокеј“.